Исплатени пензии на починати лица, невратени пари во Фондот по основ на штета, недостиг на информации за стаж како и за платени придонеси, недостиг на целосно функционален систем за следење на исплата на придонеси, слабости во чување и архивирање на податоци, како и стар систем неинтегриран во целост со 21 век.
Ова се само дел од последните во низата пропусти што ги евидентирал државниот ревизор за 2018 и 2017 година, објавен неодамна. Овие проблеми делумно видоизменети се провлекуваат неколку децении. По архивите на дел од медиумите може да се види и вест од 2004 година во која тогашниот директор на ПИОМ се правда во јавноста дека не било вистина оти по грешка биле уништени досиеа на пензионери и дека системот бил виновен што немале увид во тоа кој редовно плаќа придонеси.
Аналитичарите велат дека проблемите во пензискиот фонд настануваат од лошото менаџирање со институцијата, со нејзината долгогодишна злоупотреба за партиски интереси, како и недостиг на политичка волја за квалитетно подобрување и одржување на системот.
„Проблемите може да се надминат само кога ќе има вистински реформи на системот“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
ПИОМ демантира
Видете и ова: Нема вработување за старци
По објавувањето во медиумите за проблемите кои произлегуваат од ревизорскиот извештај, се огласи и ПИОМ со соопштение. Во него тие демантираат дека 4 милиони евра биле потрошени за пензии кои им се исплаќале на починати лица.
„Во однос на наводите дека Фондот на ПИОСМ исплатил речиси 4 милиони евра на починати лица, е непотполна информација, бидејќи износот од 241,604 илјади денари е износ за евидентираните побарувања од 2007 година заклучно со 31.12.2018 година“, се вели во демантот.
Фондот се потпирал врз чесноста на граѓаните?
Од Фондот објаснуваат дека дури пред 3 години склучиле договор за електронска размена на податоци со Управата за водење на матични книги каде што се заведуваат починатите лица. Претходно фондот се потпирал врз чесноста на граѓаните кои сами пријавувале починат пензионер или ако побара семејството пари за исплата на солидарен фонд.
„Фондот во своето тековно работење се грижи за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување и нема потреба од дезинформации кои само влеваат страв и несигурност кај граѓаните на Република Северна Македонија“, се вели во демантот.
А сè повеќе зависи од буџетот
Во меѓувреме, паралелно со овие проблеми пензискиот фонд секоја година бара сè повеќе пари од буџетот за да може редовно без проблеми да исплати пензии. Според последните податоци во ревизорскиот извештај, 43 проценти од парите за пензии доаѓаат од буџетот на државата, што во споредба со 2011 година тој процент изнесувал 35,7.
„Учеството за изворните приходи од наплатен придонес секоја година се намалува во однос на средствата кои се одвојуваат од Централниот буџет на Република Северна Македонија кои пак континуирано се зголемуваат“, се вели во извештајот.
По серијата домашни анализи, предупредувања и извештаи на релевантни меѓународни организации – особено две прашања остануваат отворени – до кога ќе може Буџетот да го помага Фондот и ќе има ли пари за пензии за идните пензионери. Додека се чекаат решенијата на проблемот, се чини дека засега сите се согласуваат дека состојбата со Фондот за ПИОМ е алармантна и дека политичката волја за решавање на проблемите е клучна.
Аферата што ја објави Цароска помина без кривично гонење
Минатата година беше поднесена и кривична пријава против непознат сторител затоа што тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска утврдила дека од 2007 до 2018 година на над 12.000 осигуреници не им биле уплатувани пари во вториот пензиски фонд. Станува збор за 19 милиони евра кои не легнале во вториот фонд. Неколку месеци подоцна се огласи и Основното јавно обвинителство кое по спроведената постапка утврди дека нема место за кривично гонење. Во Обвинителството на распит беа и министерката како и директорите на ПИОМ. Од обвинителството тогаш соопштија дека го разгледале ревизорскиот извештај за 2015 и 2016 година и дека во него биле забележани само пропусти во исплата на инвалидска пензија како и можности за исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право.
„По сознанијата и доказите кои беа собрани и превземени од Основното јавно обвинителство Скопје не се дојде до степен на основи на сомнение дека конкретно службено лице со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност прибавило за себе или за друг некаква корист или нанело штета,“ се наведува во соопштението на Јаното Обвинителство.