Дупка во центарот на Скопје: Улицата пропадна, градењето продолжува

Пропаднатиот дел од улицата 9-ти Мај во Скопје

Невообичаена глетка на градилиште го привлекува вниманието на минувачите на улицата „9-ти Мај“, во Скопје.

Со лимени тараби е заграден делот од оваа улица во близина на Универзална сала кој пропадна поради градежните работи за нова зграда.

Речиси секој што поминува застанува тука за да направи фотографија или да ја искоментира глетката. Некои велат дека се плашат од последиците за зградата која е веднаш до градилиштето.

Зградата ја гради „Бинјапи инжинериг“, а изведувач е „Арадико Коп“ ДООЕЛ.

Градителот веќе доби забрана за вршење градежни работи од Општина Центар бидејќи копа дупка без заштитна јама, но продолжи со градежните работи.

Инспекторите и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, повторно наложија обезбедување на потребните услови пред да се продолжи со градба.

Градителот и изведувачот добија 5 казни во висина од 12.500 евра.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Небезбедно градилиште во Скопје

Од Општината велат дека инвеститорот има обврска да постави армиранобетонски колови, т.н. шипови, за обезбедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење. Вака ги довел во опасност околните објекти.

Градоначалникот Герасимовски апелираше граѓаните да бидат внимателни кога се движат во овој дел на Центар.

Покрај градилиштето има проток на возила, но тие овде минуваат со намалена брзина, поради блокираниот дел.