Потребни се измени на Законот за води, бидејќи граѓаните последни дознаваат кога државата издава концесии и дозволи за користење на водите, како на пример за производство на струја од мали хидроелектрани или кога странски фирми флашираат вода од некој извор.
Ова го бараат граѓанските организиции кои се дел од алијансата „РазбистриСе“, кои велат дека често се случува документите за издадените концесии да не се објавуваат, како и други дозволи, одлуки или решенија за користење на водите.
„За ова да не се случува алијансата „РазбистриСе“ бара измени на Законот за водите за локалното население и граѓаните да можат да реагираат пред, а не откако целата работа е завршена, со потпишани концесии за 20 години“, велат од алијансата.
Граѓанските организации бараат сите информации и документи да бидат достапни на веб страниците на институциите и преку социјалните мрежи, кои според нив најчесто се користат како ПР-алатки, а не за информирање на јавноста за она што нив највеќе ги засега граѓаните и за навремена објава на потребните документи“, велат од „О2 Иницијатива“ – граѓанска организација која е дел од алијансата „РазбистриСе“.
„Согласно Архуската конвенција треба да се обезбеди учество во јавноста, да се организираат јавни расправи, да се даде време за доставување на забелешки и да се земе предвид мислењето на локалното население и засегнатата јавност“, велат од „РазбистриСе.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ѓорги Митровски од граѓанската организација „Еко свест“, која ,исто така, е дел од алијансата „РазбистриСе“, вели дека проблемот е во тоа што јавноста и сите засегнати страни, како општините или еколошките организации немаат увид во тоа што се случува додека не се добијат дозволите.
„Инвеститорите имаат барање за концесија, на пример за водно право и за градење, тие мораат да поднесат елаборат за заштита на животната средина и на целата оваа процедура ние немаме увид дека се случува, уште помалку увид во документацијата. Сето ова станува јавно достапно во момент кога ќе бидат издадени дозволите и кога инвеститорот веќе има добиено право да гради“, вели Митровски.
Тој додава дека само во заштитените подрачја, какви што се националните паркови, издадени се околу 30 концесии за мали хидроелектрани, а јавноста според постоечките закони добива увид во процедурата откако инвеститорите ги добиваат дозволите за градба.
„Во овој момент тоа е предлог закон и „РазбистриСе“ е дел од работната група како конструктивен елемент којшто го чешла законот и дава и идеи и предлози. Ќе видиме што од тоа ќе биде усвоено понатаму при финалното разгледување на законот. Во оваа фаза ние имаме јасни предлози каде се потребни дополненија или промени со образложение зошто“, вели Митровски.
Граѓанските организации укажуваат дека хидроцентралите годинава ги пресушиле Мавровското, Дебарското и Тиквешкото езеро, но и дека индустријата во Скопје троши над 10 милиони метри кубни годишно чиста вода за пиење од кои, според организациите, околу половина оди на компаниите во комплексот Железара, а дека околу 10 илјади стопански субјекти во Скопје користат вода од изворот Рашче. Исто така тие наведуваат дека за наводнувањето во подрачјето на Преспанското езеро, се црпат околу 25 милиони метри кубни годишно само на територијата на Македонија.
„Алијансата „РазбистриСе“ бара измени на Законот за води за да не се дозволува неконтролирано црпење води во услови кога водостојот на реките и езерата е алармантно низок и да се ограничи користењето на питка вода за пиење за тешката индустрија, полевањето на јавни површини, наводнување на земјоделско земјиште“, велат од алијансата „РазбистриСе“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од задругата за органска храна „Добра Земја“ предупредуваат дека во услови кога високите температури ја зголемуваат потребата од вода, питката вода не е неограничен ресурс, особено поради експлоатацијата од страна индустријата.
„Употребливата вода е ограничена. За жал многу области во Македонија се соочуваат со недостаток на вода, особено сега кога е најпотребна. Најголема одговорност е во институциите кои управуваат со водните ресурси, но исто така можеме да преземеме дополнителни чекори за нејзино одржливо користење во секојдневното живеење“, велат од „Добра Земја“.
Од организацијата апелираат да не се наводнуваат непотребни површини со питка вода, како асфалт, да се запре водата при активности како миење заби, туширање и сл. Да се поправат местата каде што протекува вода, да се собира дождовна вода за наводнување на цвеќиња и да се ургира до јавните власти доколку се случуваат улични поплави од наводнување или од чешми за пиење вода, со цел да се поправат.
Недостигот на вода е еден од најголемите ризици на глобално ниво. Во Македонија долгите сушни периоди ги намалуваат нивоата на големите природни езера, а намалување на водостојот се забележува и во речиси сите реки во земјава. Но, и покрај тоа државата и натаму не ја зема предвид можаната криза со недостог на вода за која придонес имаат и климатските промени.