Обвинителите и полицијата сеуште се координираат дали да отворат предмет за случајот за тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје. Ова се случува месец и половина по обвинувањата што ги изнесе скопската градоначалничка Данела Арсовска, откако по повеќе од една деценија ветувања, проекти и барање финансии, дојде моментот да се избере фирмата што ќе го гради објектот вреден над 100 милиони евра, за третман на канализациските води кои сѐ уште непречистени се испуштаат во Вардар.
„Во врска со Вашето прашање за тоа дали Управата за финансиска полиција постапувала во случај за можно местење на тендер за дизајн и изградба на пречистителна станица на Вардар во Скопје, Ве известуваме дека моментално во тек е координација помеѓу ОЈО ГОКК, МВР и УФП со цел да се утврди натамошно постапување. Дополнителни информации во овој момент не сме во можност да споделиме“, се наведува во одговорот за РСЕ од финансиската полиција која пред еден месец влезе во Водовод.
Проектот за изградба на пречистителната станица тежи 136,7 милиони евра, пари од кои повеќе од половината се европски грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан - ВБИФ, додека остатокот отпаѓа главно на кредити од Европската инвестициска банка ЕИБ како лидер на проектот и Европската банка за обнова и развој - ЕБОР.
Откако целиот процес дојде во завршна фаза и останаа две компании, евалуциската комисија составена од претставници на Град Скопје, Министерството за животна средина и ЈП „Водовод и канализација“, во септември требаше да одлучи кому ќе му биде доделен проектот.
Ама тогаш градоначалничката Арсовска го разреши директорот на Водовод, Златко Перински, изразувајќи сомнежи за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на милионскиот трендер. Инаку, токму Водовод е т.н. промотор на проектот, односно ја води тендерската постапка.
Иако ,во меѓувреме, Арсовска најави дека сите сомнежи ќе ги достави до Обвинителство, ниту од ОЈО, ниту од Град Скопје не одговорија дека ова е сторено.
Ама затоа пак, сите овие превирања ја завлекоа постапката. Од Европската Инвестициска Банка, кои се носители на проектот го признаваат одолговлекувањето, но додаваат дека ,според информациите и документацијата ставена на нивно располагање, досега наравеното е „во согласност со важечките постапки“.
Оттаму веќе реагираа дека „соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост“, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин да ја загрози достапноста на средствата.
„ЕИБ продолжува да го следи тековниот процес на набавки и со нетрпение очекуваме успешно завршување на тековната евалуација на понудите и доделување на соодветните договори без никакво одлагање“, велат од ЕИБ за РСЕ, очекувајќи дека до почетокот на 2023 година ќе се избере фирмата што ќе го гради објектот.
Од Министерството за животна средина, кои имаат свој претставник во евалуцискиот тим само кратко одговараат дека проектот е во фаза на евалуација на понудите, а „додека трае евалуацијата согласно прописите информациите се доверливи“.
Сепак, дел од информациите излегоа во медиумите и јавноста. Како на пример дека едната е турска фирма, а другата германско-австриски конзорциум. Исто така, излегоа непотврдени наводи и дека Арсовска „навива“ за турската фирма. Сите овие информации за тендерот, кои треба да бидат достапни само претставниците кои се дел од евалуацискиот тим, може да доведат до повторување на целата постапка, ново оддолжување, а со тоа и можност земјава да ги изгуби парите, односно неповратниот грант тежок 70 милиони евра.
Препукувањата околу тендерот се претворија и во своевидна битка меѓу градоначалничката Арсовска и партијата ВМРО ДПМНЕ, со чија помош таа дојде на оваа позиција како независен кандидат. Водовод ,во меѓувреме, доби нов директор поставен од Арсовска кој не им се допадна на дел од вработените, па штрајкуваа барајќи негова смена. Состојбата отиде дотаму скопјани да бидат загрижени дали ќе имаат вода за пиење.
И колекторот заглавен - во арбитража
Паралелно со овој процес тече уште еден, тоа е изградбата на колекторскиот систем кој ќе ја собира скопската канализацијата од двете страни на Вардар, а отпадните води ќе ги однесат до Трубарево, каде треба да се гради пречистителната станица. Овој проект е прекинат непосредно пред крајот на изведбата.
„Договорот за изградбата на колекторскиот систем е раскинат заради слабата изведба, доцнење и пропусти од страна на изведувачот. Арбитражната постапка се уште е во тек. Повеќе информации ќе споделиме по завршување на истата“, велат од Министерството за животна средина.
Колекторот е предуслов за да функционира пречистителната станица, а требаше да биде готов пред две години.
Скопската пречистителна станица пак, треба да се простира на површина од 13 хектари, на левиот брег на реката Вардар кај Трубарево и да има капацитет за опслужување 500.000 жители. Според планот, на годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и ќе покрие девет од десетте скопски општини. Планот е реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води, најдоцна до 2045 година.
Со неа конечно треба да се реши горливиот проблем со загадувањето на реката Вардар чија вода не смее да се употребува за ништо без претходна обработка.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доктор Љупчо Костадиновски, од Центарот за Јавно здравје со години ги гледа резултатите од редовните мерења на загадувањето на Вардар, кои се прават во неговата лабораторија. Тој е дециден е дека и колекторот и пречиститителната станица мора час поскоро да се изградат бидејќи водите во Вардар се опасност и за граѓаните, и за живиот свет кои засега успева да преживее во нив.
„Со секојдневно одолговлекување на овој проблем само расте можноста да се зголемува овој проблем. Бактериолошки ни се реките 4 категорија, а хемиски меѓу 4 и 5 категорија. Тоа се категории со највисоко загадување. Би сакал некогаш да може да кажеме дека водите ни се безбедни“, загрижен е докторот.
Проектот за пречистителна станица почна во 2016 година, во временто на претходниот скопски градоначалник, Петре Шилегов. Две години подоцна стартуваше тендерската процедура за тендерот, а во во март годинава требаше да бидат отворени понудите, со најава дека одлука ќе има за „три до шест месеци“.
Поминаа девет, и уште се чека.