Договорот со Софија во преговарачка рамка-европските критериуми надвор

Влегувањето на договорот меѓу Скопје и Софија во преговарачката рамка со ЕУ според Малинка Ристевска Јорданова ќе го преокупира преговарачкиот процес па нема да остане ништо од објективните критериуми за европеизација. Ваква можност деновиве ја навестија македонските и бугарските политичари.

Од последните изјави на македонските и бугарските политичари може да се прочита дека има напредок во разговорите меѓу Скопје и Софија за деблокада на македонските европски прашања, но иако докрај неоткриени деловите од евентуалниот нов договор, дел од упатените препознаваат во која насока би можело да се движат работите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите кажа дека со нов договор ќе се затвораат политичките прашања, а некои од нив ќе влезат и во преговарачката рамка на Македонија со Европската унија.

Видете и ова: Османи: Преку сеопфатен документ ќе се решаваат прашањата со Бугарија

Mалинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики, која со години го следи процесот на пристапување на земјава кон Европската унија, вели дека досега државава се спротиставуваше на ваквото бугарско инсистирање. Ристевска Јорданова објаснува како би изгледал преговарачкиот процес на Македонија со Европската унија, ако спорот меѓу Софија и Скопје влезе во преговарачката рамка.

„Може само да претпоставиме што се може во иднина да се постави како проблем. Сето тоа толку ќе го преокупира преговарачкиот процес што реално од објективните критериуми, од вистинскиот процес на европеизација ќе остане ништо или многу малку- тоа е големата опасност“, вели Ристевска Јорданова.

Инаку, едно од првите барања на Бугарија уште пред да ја воспостави блокадата беше нивните позиции да бидат опфатени во преговарачката рамка на Македонија со Европската унија. Тоа тогаш не беше прифатливо за официјално Скопје, па се инсистираше на прифаќање на преговарачката рамка каква што беше, односно без вметнување на бугарските барања. Истото барање на официјална Софија, воспоставено од владата предводена од ГЕРБ остана и следниве две години, а беше повторено и од техничката влада кај источниот сосед и од новата на Кирил Петков.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ристевска Јорданова: апсурд е гаранции за промена на македонскиот Устав да се бараат од ЕУ

Апсурд е за промена на македонски устав да се бара гаранции од ЕУ

Во 2020 година кога шестмесечен претседавач со Европската унија беше Германија, Бугарија исто така инсистираше во пристапните преговори на Македонија со ЕУ да влезат и добрососедските односи и бараше ова поглавје да се третира како суштинско прашање, како што на пример се третира владеењето на правото. Тогаш Берлин не го прифаќаше тоа инсистирање.

Покрај ова, како што изјави бугарскиот премиер Петков минатата недела за Еурактив со македонскиот премиер ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав во текот на преговорите со ЕУ.

Ристевска Јорданова вели дека преговарачката рамка и целата процедура ја водат институциите на Европската унија и тие мора да бидат целосно вклучени.

„Но, отидовме од крајност во крајност, од контакти со државите членки до преземање сами да влеземе во некакво билатерално решавање кое на крајот мора да влезе во процедура за решавање во Европската унија. И тука доаѓа до овој посебен апсурд за некакви гаранции за промена на Уставот од страна на Европската унија кои се проблематични и од аспект на ингеренциите кои ги нема ЕУ, настрана што за нас е тоа навистина апсурдно бидејќи ние бараме некој да ни гарантира наша промена на Устав “

Видете и ова: Радев - Гарантирање на правата на Бугарите пред почетокот на преговорите

Инаку бугарскиот претседател Румен Радев кој во вторникот ги прими во Софија македонските Бугари, за разлика од Петков побара тие да влезат во Уставот пред да почнат пристапните преговори на Скопје со ЕУ.

Најава за нов договор

Бугарија кога ги блокираше преговите инсистираше на решавање на билатерални прашања најмногу поврзани со историјата, а новите премиери Петков и Димитар Ковачевски најавија нов пристап за решавање на проблемот концетриран и на економски, транспортни и орбазовни прашања.Сега македонските политичари почнаа да најавуваат и можен нов договор.

„Наше е барањето да има еден сеопфатен документ со кои ќе се затворат сите политички прашања со Бугарија, со чие решавање тие ќе се затворат еднаш засекогаш, тоа не е бугарско барање“, изјави во вечерашната Топ Тема, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Македонската страна, пак, досега демантираше дека ќе се оди кон нов договор со Бугарија. На пример, таква изјава даде поранешниот премиер Зоран Заев во 2020 година, по првата бугарска блокада, наведувајќи дека „нема да се склучува нов договор или анекс, туку се работи за појаснување што може да се даде во форма на изјава, писмена или усна“.

Лани и министерот за надворешни работи Бујар Османи демантирајќи ги бугарските политичари тврдеше дека не постои анекс на договорот со Бугарија.