Топлотен бран - потребна е адаптација за екстремна клима

Пчели летаат во и надвор од кошници. Промената на климата влијае врз здравјето на луѓето, но и врз произвдството на храна. Во Македонија пчеларството најмногу ги чувствува климатските промени, според членови на Сојузот на пчеларски здруженија.

Топлотните бранови се ризик за здравјето и за производството на храна. Затоа земјата треба да ги прилагоди сите сектори на новонастанатите климатски услови кои стануваат се поочигледни, но и да набави современи метеролошки станици, велат од неформалната мрежа „Коалиција за клима“.

Со доаѓањето на летото пристигна и првиот топлотен бран со натпросечни температури за овој период од годината кои деновиве ќе надминуваат 40 степени целизусови, според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР). Топлотните бранови влијаат врз здравјето на луѓето и врз производството на храна, а проекциите за екстремните временски настани велат дека Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, според Четвртиот национален план за климатски промени.

Очекувањата се да има повеќе топли екстремни настани и помалку студени, да бидат намалени врнежите во лето и да има повеќе последователни сушни денови.

„И покрај ова нашата држава се уште нема национален план за прилагодување на земјата кон овие нови услови на живеење предизвикани од климатската криза“, вели Елена Николовска од граѓанската организација „Еко свест.“

Пчелите најзагрозени

Климатските промени се се поприсутни на полињата, родот е со помал квалитет, се случува посевите и овоштарниците да бидат целосно уништени од невремиња, вели Лилјана Јоноски – извршна директорка на Рурална Коалиција.

„Над 90 проценти од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени и не превземаат активности за прилагодување кон климатските промени сметајќи дека тоа се премногу скапи процеси, а и нема кој да ги води низ процесот, односно досега немало посебна стратегија и адаптација на земјоделството кон климатските промени“, вели Јоноски.

Видете и ова: Здравството е клучен сектор за ефектите од климатските промени

Менде Трајковски од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија вели дека пчеларството најмногу ги чувствува климатските промени.

„Последните неколку години добиваме минимални количини на мед, а во одредени региони нема воопшто никакви приноси, па доведено е во прашање и самиот опстанок на пчелите“, вели трајковски.

Затоа адаптацијата кон климатските пормени треба да биде приоритет, како што велат од неформалната мрежа „Коалиција за клима“ од каде наведуваат дека од климатските промени особено се погодени земјите во развој како Македонија поради неможноста финансиски да се справат со загубите и штетите.

„Токму поради тоа мораме да планираме прилагодување на сите сектори на општеството со цел подобро справување со новонастанатите климатски услови“, велат од Коалицијата за клима.

Замјите се повеќе го приоретизираат здравјето на луѓето и климатските промени, според податоците од извештајот за клима и здравје на Светската здравствена организација. Се прават стратегии за здравство и климатски промени, но и натаму не се издвојуваат доволно средства за имплементација на овие планови.

Потребни се современи метеролошки станици

Од „Коалиција за клима“ велат дека Македонија има Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени која престанала да важи во 2015 година, а оттогаш не е направен никаков плански документ за прилагодување на здравствениот сектор кон климатските промени иако пандемијата покажа дека токму овој сектор мора да биде приоритетен.

Видете и ова: Граѓаните со повисока свест од партиите за климатските промени

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски проемни вели дека топлотните бранови се тешки да се предвидат, бидејќи недостасуваат многу потребни информации од земјите.

„Потребни се бројни метеролошки податоци за многу параметри и современи метеролошки станици со цел навремено информирање и превенција за заштита на луѓето и производството на храна. Од друга страна, урбанизацијата и искористувањето на земјиштето, губењето на шумскиот фонд и пожарите играат огромна улога во зачестувањето на топлотните бранови. Во нашата држава во моментов имаме нагорен тренд на грабање на земјиштето и ресурсите кои треба да ги штитиме“, Станојевска Пецуровска.

Ианку, според податоците на „Германвоч“ – организација која се залага за одржлив развој, во 2018 година продолжените топлотни бранови меѓу април и јули во Германија биле причина за 1.246 смртни случаи, а 70 проценти од почвата била погодена од суша.

Неформалната мрежа „Коалиција за клима“, како и мрежата „Платформа 27“ за следење на преговорите со ЕУ, бараат централните власти во Македонија да го забрзаат процесот на планирање на адаптацијата кон климатските промени, локалните власти да се вклучат во сите активности и целиот процес да биде транспарентен со активна вклученост на сите граѓани.