За интерпелација на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров гласаа 53 пратеници, против беа 55 пратеници, воздржани немаше, со што тој останува на функцијата.
Односите со Бугарија и закочените евроинтеграции беа причина за уште едно барање за интерпелација на Никола Димитров, овој пат како вицепремиер за европски прашања. Во изминатите три и пол години тој преживеа две интерпелација, но како министер за надворешни работи.
Опозицијата уште при крајот на минатата година му поднесе интерпелација забележувајќи му дека покажал непочитување кон Собранието и не реферирал за односите со Бугарија и дека ја довел во заблуда јавноста со тоа што тврдел дека Македонија има одлука за старт на преговорите со Европската унија. Власта, пак, вели дека опозицијата има право да бара интерпелација, но за тоа очекуваат издржани аргументи, а не злоупотреба на собраниската говорница за политички поени.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, рече дека очекува интерпелацијата да биде прифатена поради „тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство“.
Според Николовски, не е толку голем проблем што државата не почнала преговори, туку тоа што животот во државата оди надолу.
„Единствениот мотор кој можеше да ја придвижи напред е почетокот на преговори кој упорно не се случува, рече Николовски.
Вицепремиерот Димитров вели дека на првите две интерпелации им пристапил со должна сериозност, но на оваа и приоѓа со индигнација.
„За што сум обвинет? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја пласирате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа ако го барате од мене, тогаш веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам“, рече Димитров.
Тој вели дека не е одговорен ако некоја држава одлучи да не го почитува договореното.
Видете и ова: Бугарски условувања и за Албанија на патот кон ЕУ?ВМРО-ДПМНЕ постојано повторува дека договорите со Бугарија и со Грција се штетни за Македонија и партијата не ги поддржа.
Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе немаше воопшто шанса да испреговара решение за спорот со Бугарија, ниту пак да потпише договор со Грција, што значеше напредок во евроинтегративниот процес.
„Немаше да има напредок, немаше да има шанса ВМРО-ДПМНЕ да ги покаже своите „атрибути и квалитети“ во решавање на вакви билатерални проблеми“, вели Стојадиновиќ.
Опозицијата ѝ забележува на власта дека не е транспарентна за односите со Бугарија и дека преговара за јазикот и идентитетот. На неодамнешната седница за пратенички прашања пратеници на ВМРО-ДПМНЕ побараа да се замрзне работата на комисијата за историски и образовни прашања, а сите политички партии да постигнат национален консензус за спорот со Бугарија.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во однос на преговорите со Бугарија, вели дека македонската преговарачка страна, не смее никако и под ниедни услови да прифати дека Гоце Делчев бил Бугарин. Такво нешто, додаде тој, ќе ја срози македонската државност и ќе покаже огромна слабост пред светот.
„Доколку на мене на маса некој ми даде предлог да прифатам дека Делчев бил Бугарин, верувајте дека ќе направам дипломатски скандал од светски размери, за кој ќе се зборува долго и дури тогаш ќе се отпочнат разно разни постапки. Тоа е нешто незамисливо и сметам дека не смее да постои таков човек кој тоа би го прифатил“, рече Мицкоски за Канал 5, на крајот на јануари.
Видете и ова: Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за уривање на власта „нејасна“Мицкоски, кој во текот на јануари беше во посета на Хрватска, Словенија и Унгарија, рече дека впечатоците кои ги стекнал од посетата на овие земји е дека „земјите од ЕУ не ѝ замеруваат на Македонија само во однос на спорот со името и историјата со Грција и Бугарија“.
„Факт е дека Република Македонија не е дел од европското семејство само поради тоа што во земјата цветаат криминалот и рекетот, а не поради тоа што сè уште не се решени меѓународните спорови. Тоа е главен фактор за стагнацијата на Република Македонија“, тврди Мицкоски.
Зад барањето на опозицијата за интерпелација на Димитров се потпишани 36 пратеници. Опозицијата му замерува на Димитров за, како што наведуваат, неуспесите во надворешната политика и за тоа што е блокиран процесот на евроинтеграција. Во документот како прва причина за барањето за интерпелација се наведува тоа што Димитров два пати ги одбил уредните покани за присуство на комисијата за надворешна политика за да разговараат за односите со Бугарија и европските интеграции. Како друга причина е тоа што, како што наведуваат, Димитров во неколку наврати ја манипулирал јавноста, но и Собранието, дека се решени споровите со сите соседи и дека како резултат на тоа државата добила безусловна одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ и дека ќе се одржи и првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи.
„За жал, освен двегодишна неизвесност, проследена со чести национални понижувања од страна на соседна Бугарија кои се однесуваа на многу чувствителни теми за македонскиот народ и македонскиот јазик, ветувања и уверувања на Димитров за безусловен почеток на преговорите останаа само празни зборови, со што и 2020 заврши со неуспех и разочарување на планот на европските интеграции, што е негов ресор во владата“, стои во барањето на интерпелација.
Ова не е прво барање на интерпелација на Димитров. Пред точно една година, кога беше министер за надворешни работи, опозицијата го обвини дека со потпишаните договори со Бугарија и Грција се загрозуваат македонските интереси. Но, Собранието не ја прифати интерпелацијата. За него интерпелација имаше и во 2017, поради договорот со Бугарија, за кој опозицијата рече дека бил многу поволен за Софија, а штетен за Македонија.
Откако пред Нова година поради Бугарија, Македонија не почна преговори со ЕУ, сега се чека да поминат изборите во соседната земја во април, за да може да се бара решение на проблемите. Вицепремиерот Димитров пред неколку дена рече дека се посветени земјата да го почне пристапниот процес со ЕУ. Тој вели дека исклучително важно е преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите, а не во неа историјата да добие централно место.