Димитров: Договорот од Преспа не може целосно да се спроведе без преговори со ЕУ

Собраниската Комисија за европски прашања

Министрите Никола Димитров и Бујар Османи денеска се обратија во Комисијата за европски прашања во Собранието откако земјата не доби датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија расправата, повикувајќи на одговорност од министрите, кои порачаа дека ЕУ направила грешка.

Преспанскиот договор не може целосно да се имплементира ако Северна Македонија не ги отпочне преговорите со ЕУ, порача министерот за надворешни работи Никола Димитров при денешното завршно обраќање на собраниската Комисија за европски прашања за осврт на евроинтегративните процеси на Северна Македонија по Самитот на Европскиот совет.

Според Димитров, договорот се потпира на четири столбови, односно членството во НАТО, кое е извесно, почетокот на пристапните преговори со ЕУ, градење на пријател од проблем и чекор кон затворање на македонското прашање.

„Во Преспанскиот договор целосната имплементација на нашите обврски е врзана со пристапниот процес кон ЕУ. Во однос на внатрешните документи и материјали веќе постоечки, нашите почнуваат и завршуваат во рок од 5 години од отворање на поглавјата. Преспанскиот договор не може да се имплементира целосно ако ние сме вон пристапниот процес кон ЕУ. Исто така, како што не можеше да стапи во сила ако грчкиот Парламент не го ратификуваше и пристапниот протокол за НАТО членство“, рече Димитров.

Видете и ова: И без датум, Владата ќе го спроведува Преспанскиот договор


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија комисијата пред да почне расправата. Според пратеникот на опозициската партија, Антонијо Милошоски причината за нивното неучество во расправата е поради тоа што наместо оставка и поднесување на морална одговорност Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ќе дадат маниуплативни објаснување, но нема да се откажат од нивните фотелји.

„За нив тие се поважни од принципот на одговорност од неуспехот. Затоа кога имате лажен датум, лажна прослава следува и лажна отчетност пред Комисијата за европски прашања, каде парламентарното мнозинство очекувам да ги пофали и да им аплаудира на министрите коишто се одговорни за неуспехот. Ние не би учествувале во таква пародија“, порача Милошоски.

Милошоски ги повика министрите да се обратат на Комисијата за надворешни работи, која е предводена од него, доколку сакаат реална расправа, аргументи, критика и вистински прашања.

Османи истакна дека земјата го заслужила отпочнувањето на преговори и никој во ЕУ не оспорил дека се спровеле потребните реформи.

„Да немаме дилеми неможноста на Европскиот совет да оформи консензус и да го поддржи нашиот успех е неправда и историска грешка на ЕУ“, порача Османи.

Димитров додаде дека последна незавршена работа е донесувањето на Законот за јавно обвинителство, но без да се преминат црвените линии. Според него, вината за недонесувањето на законот е кај опозицијата чии припадници кои се обвинети од СЈО се во преговарачкиот тим.

„Не само што е политичка дрскост и срам да се обвинува оваа Влада и оваа држава за оваа грешка на европскиот самит, ама да доаѓа од таму, од луѓе кои никогаш подалеку не не однеле од оваа стратешка цел, кои не напикаа во земја и скокаа од одозгора за да го затабаат патот да нема отвор напред од нив сега доаѓа обвинувањето. Ќе ми биде срам да зборувам за ЕУ. Да ги изговорам буквите ЕУ. Тоа е политичка дрскост и бесрамност, особено со законов“, истакна тој.

Димитров порача и дека Франција не ја спори важноста од европската перспектива на Западен Балкан, но има и легитимни грижи зошто има потреба од усовршување на пристапниот процес.