ДИК ги отфрли сите приговори за резултатите од гласањето

Седница на Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија (ДИК) на седница одржана вечерва ги отфрли сите приговори поднесени од политичките партии во однос на гласањето и резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули. Изборите беа регуларни, а ДИК работеше без неправилности, оценија членовите на ДИК.

Седумчлениот состав на Државната изборна комисија (ДИК) вечерва на јавна седница прво ги отфрли приговорите на партиите Левица и Алијанса за Албанците – Алтернатива. Од поднесени вкупно 1.982 приговори од Левица, членовите на комисијата гласаа за отфрлање на 1.478 приговори на партијата, образложувајќи дека немале потпис од овластено лице, а во продолжение ги отфрија и останатите 504 приговори.

ДИК ,исто така, ги отфрли сите 151 приговор на Алијанса за Албанците – Алтернатива. Претседателот на ДИК Оливер Дерковски предложи останатите членови да ги прифатат предлозите, по што тие гласаа за отфрлувањето наведувајќи дека приговорите се доставени спротивно на Изборниот законик, без „никакви документи и докази“, како што рече и членот на изборната комисија Јанаќе Витановски.

ДИК ги отфрли и двата приговори на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ кои се однесуваа на објавените резултати од изборите и за објавените неважечки ливчиња.

Членовите на Комисијата заклучија дека и овие приговори не содржат „потребни докази“ според Изборниот законик, а дека техничките проблеми во ДИК кои се појавиле за време на изборниот ден, не влијаеле на конечниот исход од гласањето.

„Не треба никој да дава сомнеж на изборниот процес“, изјави претседателот на ДИК Оливер Дерковски.

Поднесени 2.142 приговори до ДИК за резултатите од гласањето

Во меѓувреме, ДИК ги одби и приговорите на останатите политички партии како Социјалдемократската унија (СДУ), Работничката партија (МОРО), Глас за Македонија и други.

Седницата на ДИК беше одржана, откако беа поднесени вкупно 2.142 приговори од партиите за постапката за гласањето, за сумирањето и утврдувањето на резултатите од предвремените парламентарни избори 2020.

Од вкупната бројка на поднесените приговори во предвидените рокови, партијата Левица поднесе 1.982, Алијанса за Албанците – Алтернатива 151, два ВМРО-ДПМНЕ, а до Комисијата беше поднесено и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето.

Членот на ДИК Борис Кондарко аргументирајќи дека приговорите треба да бидат отфрлени, изјави дека политичката кампања завршила три дена пред изборите и дека нема да дозволат преку Изборната комисија и преку приговорите партиите да водат политика кампања.

Тој наведе дека од над 2.000 приговори кои пристигнале до ДИК од политичките партии, не добиле ниту еден записник и забелешка, туку само „наратив, есеи и фејсбук статуси.“

„Подносителите на приговори не доставуваат записници, ние треба овде да се расправаме со политички изјави и фејсбук статуси. ДИК тоа нема да го дозволи, ние на ваков начин спроведовме успешни претседателски избори пред една година и успешно организиравме референдум без ниту една забелешка. Тоа се случи и на овие избори“, рече Кондарко.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски по констатирањето дека се одбиени приговорите на партиите, рече дека предлагачите имаат „право на правна заштита пред Управниот суд.“

Левица обвини дека ѝ се украдени 3 мандати, ќе ги тужи членовите на ДИК

Пред истекувањето на роковите за поднесување приговори до ДИК, Левица соопшти дека имало „бројни нерегуларности“ во изборниот процес, во броењето и сумирањето на резултатите, како и „манипулации и фалсификати“ кои довеле до тоа да им бидат скратени три пратенички мандати.

ВМРО-ДПМНЕ исто така обвини дека изборниот процес бил нарушен, посочувајќи дека владејачката СДСМ, која освои најмногу мандати на изборите, направила „поткуп и фалсификат“. Оттаму побараа гласачките ливчиња да бидат рачно пребројани.

Од СДСМ реагираа дека победиле на слободни, демократски и фер избори и повикаа ВМРО-ДПМНЕ „поразот да го бара“ во сопствените редови.

Според резултатите на ДИК од предвремените парламентарни избори 2020, најмногу мандати освои коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ – 46, потоа следуваат коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44 освоени мандати, ДУИ 15, Алијанса за Албанците - Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден.

Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.