Узурпација на земјиште и илјадници нелегално изградени објекти има и во Националниот парк Галичица. Според официјален документ од Секторот за урбанизам на Општина Охрид врз кој имаше увид Радио Слободна Европа, до општината поднесени се вкупно 2.347 барања за легализација на илегални градби во НП Галичица, бројка која според активисти за заштита на животната средина претставува само минимален број на нелегални објекти.
„Имено, некогаш барањата за легализација се однесуваат за два објекта. Дополнително на оваа бројка треба да се додадат објектите кои се илегални, а за кои не е отпочната постапка за легализација или објектите за кои е донесено решение за уривање“, вели Алексaндра Бујароска – правник за животна средина од граѓанската организација „Фронт 21/42“ која ги поседува овие податоци. Таа додава дека сѐ уште не е јасно колку од овие градби се или ќе бидат легализирани.
Од поднесените барања, 416 се однесуваат на бесправно изградени објекти во крајбрежен појас на Охридското езеро, додека 2.347 на територијата на Национален парк – Галичица, стои во документот од Општина Охрид.
Само Јавната установа Национален парк Галичица во рок од четири години регистрирала десетици бесправно изградени објекти во Паркот.
РСЕ дојде и до документ кој покажува дека Јавната установа НП Галичица реагирала до повеќе институции во земјава за 29 случаи за бесправна градба во селото Трпејца на брегот на Охридското Езеро, односно нелегални градби од кои главно се викенд куќи, други помошни објекти, но и хотел, повеќето од нив изградени во крајбрежниот појас на планината Галичица.
Станува збор за случаи за узурпација на државно земјиште и бесправно изградени објекти на Галичица во периодот од 2014 до 2018 година, а реакциите се упатени до повеќе институции, како што велат за РСЕ од Јавната установа Национален парк Галичица.
Ренџерите од Национален парк Галичица, кои се чувари на заштитеното подрачје, ги забележале овие прекршоци во Паркот и подготвиле записници за направените неправилности, а потоа ги доставиле до другите надлежни државни органи.
Од Јавната установа Национален парк Галичица велат дека Паркот постојано е под ризик од поединци, но и од локални и национални бизниси кои „за профит вршат притисок“ за урбанизација и изградба на несоодветна инфраструктура, без притоа да го имаат предвид уништувањето на природата.
„Во најголем број случаи се работи за изградба на викенд куќи, но исто така атрактивноста на просторот буди желба кај бизнисмени да урбанизираат и изградат некаква инфраструктура на која во иднина ќе можат да реализираат бизниси, односно профит“, вели Андон Бојаџи – раководител на Одделението за заштита на природата на Јавната установа Национален парк Галичица.
НП Галичица еден од трите национални паркови во Македонија, заедно со Маврово и Пелистер кои се прогласени поради особените природни убавини и карактеристичен растителен и животински свет.
Андон Бојаџи вели дека Јавното претпријатие НП Галичица повеќе години во континуитет се соочува со притисоци од узурпација на земјиште и нелегални градби, но посочува дека оваа инстиутуција во некои случаи е „немоќна“ да се справи со вакви активности, бидејќи многу често притисоците ги правеле луѓе со влијание во политиката и во јавната администрација.
„Предметите, односно нашите реакции упатени се до другите институции на системот, бидејќи ние немаме директана надлежност, ниту за рушење на бесправни објекти, ниту за реагирање во случај кога има узурпација во сопственост на Република Македонија. Мораме да се обратиме до градежна инспекција, до Јавниот правобранител, кој според позитивните законски прописи има надлежност да води грижа за имотот кој е во споственост на Република Македонија“, вели Бојаџи.
Кои институции се надлежни?
Побаравме одговори од повеќе институции дали и како постапуваат за ваквите појави во Галичица, вклучително општините Охрид и Ресен, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот завод за ревизија...
Бојаџи објаснува дека кога Јавната установа Национален парк Галичица забележува бесправна градба, таа е надлежна само да го документира случајот, односно да направи записник за констатација и извештај и потоа тоа го достави до други институции.
За некои нелегални градби, според законската поставеност, надлежни се градежните инспекции на општините Охрид и Ресен, како што беше неодамнешниот случај со парапетчето во кампот Градиште кога постапи локалната власт и нареди негово отстранување.
Во случаите кога има узурпацијана на државно земјиште во Галичица, Јавната установа НП Галичица реакциите ги испраќа и до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Јавниот правобранител, вели Бојаџи.
Општина Охрид до објавувањето на текстов не ни даде одговори дали Градежниот инспекторат на општината има постапено по овие барања на Јавната установа Национален парк Галичица и покрај нашите бројни барања и повици, кои ги упатувавме до општината уште пред повеќе од две недели.
Одговор побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Оттаму велат дека Министерството нема директна надлежност за прашањето за бесправно изградените објекти, но дека учествува со свои членови во работните групи за постапување формирани од Владата, според препораките од Извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година.
„Министерството за животна средина и просторно планирање ќе добие увид во инвентарот (на дивоградби) откако ќе започне постапката за оцена на влијанието врз животната средина и културното наследство, што ќе се спроведува согласно препораките на УНЕСКО“, велат од МЖСПП.
Во врска со нелегално изградените објекти, од МЖСПП велат дека општините Охрид, Ресен и НП Галичица, на чија територија е подрачјето впишано на листата на светското природно и културно наследство на УНЕСКО, имаат обврска да подготват табели во кои ќе ги наведат бесправно изградените објекти, односно да подготват инвентар на бесправно изградени објекти и да ги достават до Министерството за транспорт и врски, кое е надлежно за постапување со бесправно изградените објекти.
Така е соглсно препораките на УНЕСКО и заклучоците на Владата и според тоа, за комплетирање на инвентарите на бесправно изградени објекти, Државниот завод за ревизија треба да спроведе ревизија во општините Охрид и Струга, за потоа да биде направена карта со сите бесправно изградени објекти од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, а потоа треба да биде ангажиран изведувач за спроведување на оцена врз животната средина, велат од МЖСПП.
Исто така од Министерството за животна средина и просторно планирање додаваат дека прашањето за бесправно изградените објекти, особено за оние за кои се води постапка за легализација, „ќе се решава на системски начин и согласно препораките дадени од УНЕСКО.“
Од Минстерството за транспорт и врски за РСЕ потврдуваат дека општините Охрид и Струга, како и Јавната установа Национален парк Галичица, се задолжени да подготват инвентар на дивоградби со сопственици и да ги достават до нивното Министерство, кое потоа тие решенија ќе ги достави до Владата.
„Ние немаме законска основа да постапуваме, тоа треба да го направат општините, односно да излезат на терен со решенија за уривање. Ако општините не можат тоа да го направат, тогаш треба да постапи Државниот инспекторат за животна средина“, велат од Секторот за односи со јавност на Министерството за транспорт и врски.
Од Државниот завод за ревизија велат дека планираат две ревизии во насока на спроведување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во Општина Охрид и Општина Струга, кои треба да почнат на крајот на јуни 2020 година.
Од оваа институција наведуваат дека додека се вршат ревизиите, до издавањето на конечниот извештај, не можат да даваат повеќе инфорамции во врска со ревизиите.
Од Државниот инспекторат за животна средина исто така велат дека немаат директна надлежност над узурпацијата и дивоградбите, но објаснуваат дека сите надлежни институции можат да соработуваат доколку за тоа добијат налог, вклучително Државниот инспекторат за животна средина заедно со градежните инспектори и инспекторите за животна средина во општините.
Реакции за нелегални активности во заштитените зони има и повеќе граѓанските организации за заштита на животната средина, вклучително и за градбите на крајбрежјето на Галичица.
Од граѓанската организација „Охрид СОС“ деновиве потсетија за големите количини „истурен бетон“ на локациите Градиште, Горица 3, Славија и Свети Стефан, но активистите од оваа организација се сомневаат во вистинската волја на надлежните институции да ги спречат овие активности.
„Владата дополни уредба со која се задолжуваат сопствениците на плажите во Охрид, на кои им е истечена концесијата и со години работат на диво, да ги отстранат опремата и објектите и плажите да ги вратат во првобитна состојба. И во Градиште инспекциските служби ги задложија концесионерите да го срушат ѕидот, но видовме како тоа се спроведе. Токму централната и локалната власт со децении го толерираат и поттикнуваат узурпирањето на езерскиот брег“, велат од „Охрид СОС.“
Во однос на Галичица, од „Охрид СОС“ посочуваат дека Националниот парк Галичица е кревка територија која постојано е на удар од повеќе страни, а главниот проблем според организацијата е непланската неконтролирана и често нелегална урбанизација и тоа, како што велат, активно го возможила првенствено локалната самоуправа.
„Плански нерегулирано крајбрежје, штетни планови, нетранспарентни процедури со исклучување на јавноста, несакнционирање на прекршители на закон, исклучително штетен Закон за постапување со бесправно изградените објекти кој со измените од 2015 година дозволи легализација на објекти во заштитениот зелен појас на крајбрежјето, дозволување на натамошна урбанизација во услови на нефункционален колекторски систем, непрецизно дефинирани „урбана опрема“ и „времени објекти“ кои практично не прават разлика помеѓу лежалка и базен. Многубројни законски дупки кои им служат на узурпаторите и на големите бизнис играчи кои живеат од ограбувањето на природното богатство на Охридскиот регион“, велат од „Охрид СОС.“
Инаку, природата во НП Галичица пред неколку години беше под силен ризик од реализација на неколку големи проекти, со иницијативата на Владата во 2013 година кога ѝ беше наложено на Јавната установа НП Галичица да направи промена на зонирањето во паркот за да се овозможи реализација на скијачки центар, три туристичко-развојни зони и експресниот пат А3 од Охрид до границата со Албанија.
Но, за овие проекти во јавноста имаше силни реакции од страна на граѓанските организации и од УНЕСКО каде Охридскиот регион има статус на светско природно и култорно наследство, кој во моментов е загрозен, па изградбата на овие проекти беше запрена. Зачувувањето на статусот на Охрид во УНЕСКО делумно зависи и од отстранувањето на дивоградбите во целиот регион.
Документот од Секторот за урбанизам на Општина Охрид покажува дека до општината се поднесени вкупно 15.939 барања утврдување на правен статус на 19.935 бесправно изградени објекти на целата територија на Општина Охрид.
Од Опшина Ресен, пак, која повеќе има увид во преспанскиот дел на Галичица, велат дека знаат за одредени нелегални активности во националниот парк, но според нив тие не се однесуваат на моменталната состојба.
„Од странта на преспанскиот дел на Галичица, тие повеќе се однесуваат на нешто што беше претходно направено, односно е согласно Законот за легализација од 2011 година. Луѓето си поднесоа барање и ние секогаш ги упатуваме дека согласно регулативата треба да добијат согласност од Националниот парк Галичица, така што од овој аспект има добра соработка од Општина Ресен и НП Галичица“, вели Ајман Ал Маала од Секторот за животна средина на Општина Ресен.
За прашањата од аспект на урбанизацијата, Ал Маала вели дека пред четири години била запрена постапка за изградба на објект во близина на Стенското блато, кога навремено реагирале заедно со НП Галичица и тоа било запрено.
Тој додава дека од аспект на легализација на нелегални објекти, Општина Ресен не издава одобренија за легализација без претходна согласност на НП Галичица. Во однос на узурпациајта на земјиште, тој вели дека нивната општина нема надлежност, туку дека се надлежни други институции.
Узурпација и дивоградбите – општо прифатена практика
Узурпацијата на земјиште во Македонија е честа појава и се случува на целата нејзина територија, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест.“
Таа смета дека градењето без дозволи е „општо прифатена практика“ во земјава кога поединци прво градат, а потоа успеваат да ги легализираат градбите со Законот за легализација на дивоградбите донесен во македонското Собрание во 2011 година.
„За жал огромен процент на градбите во Македонија, како на пример индивидуалните куќи, се дивоградби и оттука сметам дека луѓето имаат разбрано дека е во ред да изградиш некаде дивоградба и отпосле да ја легализираш. Проблемот во заштитените подрачја е што треба да се има очи на терен буквално 24/7. Во националните паркови таа функција ја обавуваат ренџерите, но за жал тие немаат ингеренции над дивоградбите, тие се под ингеренциите на општината во која се наоаѓа ова заштитено подрачје и инспекторите во општината се првите кои треба да реагираат“, вели Чоловиќ Лешоска.
Граѓанските организации во земјва укажуваат дека зачувувањето на заштитените подрачја е од огромно значење, не само за заштита на билошката разновидност, туку и за социо-економски развој на локално и глобално ниво.
„Не смееме повеќе да го оправдуваме уништувањето на природните ресурси поради развој. Развој на инфраструктурни објекти во највредните природни живеалишта не е развој, туку уништување на бројни потенцијали за одржлив развој. Зачуваните национални паркови и зачуваната природа треба да бидат интерес, но и одговорност на сите институции“, вели Чоловиќ Лешоска.
Околу 9 отсто од територијата на Македонија во моментов е под заштита, но земјата според меѓународните конвенции се обврза да го зголеми тој процент на 15 проценти до 2020 година.
На почетокот на месец мај оваа година, Владата ја усвои иницијативата Шар Планина да биде прогласена за национален парк, откако Министерството за животна средина и просторно планирање предложи Шара да биде прогласена за заштитено подрачје во категоријата национален парк, а Осоговските Планини за заштитено подрачје во категориајта 5.
Активистите за заштита на животната средина укажуваат дека тенденцијата за прогласување на нови заштитени подрачја е позитивен развој, но дека управувањето со постојните национални паркови треба да се подобри преку вложување на повеќе ресурси, капацитети и финасии.