„Земи си еден Диазепам за да се смириш“ - ова е често споменувана реченица низ македонските семејства. Лековите од групата анксиолитици меѓу кои се и Хелекс или Лексилиум, се користат во многу македонски домови, ако се има на ум потрошувачката на овие лекови на годишно ниво.
Така, само минатата година за анксиолитици биле дадени над 2,4 милиони рецепти во примарната здравствена заштита, што е повеќе од бројката на жители во земјава. Ако на тоа се додадат и лековите што се купуваат „на приватно“, состојбата станува алармантна.
Видете и ова: КОВИД-19 силно удри по менталното здравје на младитеАнксиолитиците се користат главно за справување на анксиозноста, нервозата, вознемиреноста, а дел од нив имаат и седативно дејство. Статистиките на Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека лековите кои делуваат на централниот нервен систем се меѓу трите групи најкористени лекови во земјава, заедно со оние за дигестивниот тракт и за срцето. И покрај најавите за намалување на нивното користење, тоа со години не се случува.
По првата посета на психолог, на 26 години Михаела за првпат се напила Хелекс и антидепресиви, за смирување на панични напади кои и се појавиле по смртта на родител. Советот да земе лекови дошол од нејзиниот психолог, кому во тој момент безрезервно му верувала. Веднаш потоа ја почнала терапијата.
„Од овој аспект мислам дека во тој момент тоа беше најлесното решение, за јас да го надминам тој проблем што сега да се случи не би ги пиела никогаш. Зошто го кажувам тоа? Многу е тешко да зборувам од тој аспект откако веќе го поминав тоа, ама мислам дека апчињата се најлесно решение за секој и секој го дава како прво решение. И да, тие веднаш помагаат, те смируваат, хемиски влијаат на тебе, и тоа е решено. Меѓутоа јас престанав да ги пијам од 15 април, и сега осеќам многу големи промени во расположение што е очекувано дека ќе ги чувствувам“, искрена е Михаела.
Вели дека сега е добра и учи како повторно да живее без лековите. Забележува дека меѓу нејзините врсници „хелексот е се поактуелен и поактуелен“. Сепак, од искуството низ кое минала уверена е дека честопати има подобро решение.
„Според мене, фармако-терапијата, антидепресивите и седативите треба да бидат последното решение, кога се е апсолутно исцрпено“, децидна е таа.
Скоро половина милион евра само за диазепам
Диазепамите се дефинитивно најкористените анксиолитици - лекови за смирување на анксиозноста кај македонските граѓани. Така, лани издадени биле 1,4 милиони рецепти што е најголема бројка во изминатите пет години. Само за нив од буџетот се потрошени над 450 илјади евра. Константен раст на бројот на рецепти има и кај бромазепамот познат како Лексилиум, но и кај алпразоламите од кои најпознат е брендот Хелекс, за кои биле одвоени над четврт милион евра.
Професорот и директор на Клиниката за психијатрија, Стојан Бајрактаров, вели дека претераното користење на овие лекови е одамна воспоставена пракса не само во Македонија, туку и пошироко во балканските земји.
„Тоа се гледа и по бројот на препишани во количина преку ФЗО, и тие што се земаат самостојно, луѓето што си ги купуваат, бидејќи ние сме нели земја со пофлексибилна пракса, дел од Балкан, така често пациентите сами си набавуват од тие лекарства. Меѓутоа и за рецептите често прават и притисок кај лекарите во примарна здравствена заштита да им препишат. Тоа се лекарства кои треба да се земаат најмногу еве до три месеци, меѓутоа сведоци сме дека се препишуваат со години, се земаат пред се за анксиозност, меѓутоа и како седативи за спиење. Така што, веројатно треба сите заедно да преземеме поголеми напори за да престане таа пракса“, вели професорот.
Смета дека и во кризни времиња, мора да се внимава луѓето да не се завртат кон лекови. Опасност од тоа е голема, додава тој.
„Се создава зависност, класична зависност од лекови која не го решава проблемот, само замаскирува некои симптоми, меѓутоа и тоа во определен месец. Потоа луѓето повеќе се однесуваат како зависници спрема тој лек, едвај чекаат да го земат за заспијат, па после 5-6 саати ако земеме некоја средна вредност, се вознемирени, едвај чекаат да го земат лекот, само на тоа размислуваат. Па кога ќе земат се како седирани, така што имаме класична зависност. Тоа веќе не е лек туку се работи за зависност која всушност ако е поизразена треба и да се лекува“, предупредува Бајрактаров.
Паралелно со овие лекови, расте и употребата на антидепресивите, посебна група медикаменти кои се користат за лекување на депресијата, како едно од водечките ментални нарушувања. Проценките се дека до 2030 година депресијата ќе биде водечки фактор во оптовареноста од болести на глобално ниво.
Професорот Бајрактаров, за разлика од лековите како Диазепамот, константниот раст на употребата на антидепресивите ја гледа во растот на свеста за менталното здравје. Лани ФЗО евидентирал над половина милион издадени рецепти за вие лекови, за кои на годишно ниво биле потрошени над 1,5 милион евра.
Лилија Чолакова Дервишова, како специјалист по семејна медицина со своја ординација, вели дека мора да им се помогне на луѓето во надминување на животните премрежја. Таа не смета дека матичните лекари препишуваат премногу лекови, во секојдневие исполнето со бројни стресови, криза и многу нерешени проблеми.
„Има секакви стресни ситуации каде што не се издржува ако не земете седатив или нешто друго“, посочува докторката.
Вели дека секој матичен лекар добро си ги познава пациентите, и знае што треба да им биде препишано во одреден момент.
„Никој не дава така диазепам. Ние точно знаеме дали дома имаат кавги, патрдии, дали имаат некои здравствени проблеми, финансиски и зошто тоа му треба. Мора да се разговара, да се види. Не се ниту диазепамите, ниту антидепресивите бонбони. Навистина им требаат на луѓето бидејќи ако вие му дадете, и тој го пие некое време и го прекине, може да се развие една состојба, да биде агресивен, да се самоубие. Таа е многу сериозна работа“, додава Чолакова Дервишова.
Видете и ова: Митова: Пандемијата ги зголеми депресиите, но има и позитивна странаСпротивно од трендот во многу од европските земји, третманот на менталните заболувања во кај нас речиси целосно се базира врз терапија со лекови, додека другите форми на третман се помалку застапени, се забележува во актуелната Национална стратегија за унапредување на ментално здравје, која важи до 2025 година. Во неа се нотира и дека во рамките на постојните Центри за ментално здравје само 20-50% од пациентите добиваат една или повеќе типови психосоцијална интервенција, споредено со 100% кои имаат примено третман со психотропни лекови.
Оваа тема воопшто не е новина за психологот и психотерапевтка Ана Поп Ризова. Вели дека кога се соочат со криза, многумина посегнуваат по „магичното апче“.
„И овие обрасци со некритично земање апчиња, во голем дел и на своја рака, практично укажуваат на еден пасивно зависен однос поради тоа што и чекам апчето практично да ми го реши проблемот. Треба да се развива свесноста, за активно одржување на менталното здравје, за барање помош и поддршка од околината- психолошка поддршка“, вели Поп Ризова.
Појаснува дека не го негира медикаментозниот третман. Напротив, тврди дека е одговорно за секој кој има некаков психички проблем, да побара стручна помош од психолог или психијатар.
Со цел да се рационализира потршувачката на анксиолитиците, ФЗО преку договорни одредби воведе контролни механизми за избраните лекари преку пресметки врзани за нивните цели. Ова е нотирано во нивниот Годишен извештај за 2020 година, за потрошувачката на лекови што се товар на Фондот ,во примарната здравствена заштита. И покрај тоа, кај анксиолитиците има зголемување на износот за приближно 14%, споредено со 2019 година, односно за оваа група на лекови во 2020 година се одвоени скоро 95 илјади евра повеќе во однос на 2019 година.
Месецот мај е познат и како месец за менталното здравје кој се одбележува со повеќе настани во повеќе држави, вклучително и Македонија. Неговото одбележување започнало во Соединетите Држави во 1949 година, а со цел подигнување на свесноста за менталното здравје.
Годинава темата која е избрана за месецот е „Назад кон основите“ беше избрана за 2022 година, со цел да обезбеди „основно знаење за менталното здравје [...] и информации за тоа што луѓето можат да прават ако нивното ментално здравје е причина за загриженост“.