Дејан Спасовиќ: Уметноста не им припаѓа само на музеите

Дејан Спасовиќ, уметник и градител

Работилници за деца и возрасни, градење со природни материјали, театарски претстави, музички перформанси, поетски читања ... ова се само мал дел од активностите на новиот културен центар РАКАТРАК зад кој со својата визија, семејството и бројните пријатели стои уметникот Дејан Спасовиќ.

Дејан Спасовиќ е мултимедијален уметник, скуптор и музичар. Како следбеник на легендарниот Пеце Атанасовски едно време беше член на Оркестарот што го формираа неговите бројни ученици и следбеници, а потем заедно со Верица Недевска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Круме Стефановски и Јордан Костов беа оние кои стоеја простум и музицираа во кабаре-чалгија составот СТАРОВСКИ кој ја потпиша првата музичка антологија на македонска поезија насловена како „Прашинка љубов“.

Неговата музика може да се слушне во филмот „Влакна“ на Елеонора Венинова и документарецот „Волшебниот рид“ на Петар Џуровски, а бележита е и неговата твоечко-инструменталистичка соработка со француската пејачка Брижит Силва во „Дафина проект“ чија идеја се базира на истражувањата за фолклорот од неколку европски поднебја.

Неговата трета самостојна интерактивна изложба на кинетичко-музички скулптури насловена „Демоните на баба ти“ се одржа на средината на јуни 2017 година во Чифте амам во Национална галерија на Македонија.

Од тогаш Спасовиќ само навидум се повлече во „илегала“, за да во последнава половина година засилено го промовира и разработи Културниот центар РАКАТРАК сместен во семејниот дом во Чучер, на падините на Скопска Црна Гора – местото каде уметноста и животната филозофија се милуваат со боговите, а инспирацијата ја има силината на планинските извори.

Од каде потребата и идејата кај уметникот Дејан Спасовиќ за формирање на Културниот центар РАКАТРАК?

Кутурен центар според мене е пред се* место кое собира луѓе околу себе. За соборност. Ако се вратиме малку или малку повеќе наназад во историјата, центрите на секое населено место биле места за размена на идеи и за претставување на разликите. За размена на искуства и енергија. Такви места долго постоеја и во градот, во Скопје, ама во последно време некако како да се изгубија. Ги снема. Можеби МКЦ е последниот бастион на таквата соборност. Според мене има потреба за отворање и откривање на нови места во околината и посебно сега во ова време во кое луѓето имаат потреба да се оттргнат од целава напната ситуација и да ги наполнат своите духовни батерии кои се до крај испразнети.

Со семејството веќе неколку години сме преселени и живееме во селото Чучер и некако спонтано дојде идејата за место каде луѓето би можеле пак да ја имаат можноста да споделуваат и да восприемаат.

Каков е концептот на кој почива овој Културен центар сместен во пазувите на Скопска Црна Гора? Дали 15-ната километри оддалеченост од градот ќе бидат хендикеп или негова предност во делувањето и комуникацијата со публиката?

РАКАТРАК како центар некако би сакал спонтано да се оформи без претерани усилености за тоа како треба да бидат, да се одвиваат работите. Од креативни работилници со деца преку перформатина уметност, музички случувања па се до поетски читања. Секако и отвореност за се ново и квалитетно што би се појавило. Сето тоа далеку од бучавата на градот - во природа. Според мене тоа е добитната комбинација.

Оддалеченоста никогаш не мора да е пречка за да ти се случи нешто пријатно и убаво. Да не заборавиме дека на времето поминувавме стотици километри да погледнеме некој концерт. Мислам дека современава технологија малку ги направи луѓето да станат мрзеливи, инертни но сеуште постојат такви кои би сакале да им се случи нешто по различно, па макар и да се повозат 20 минути до нас, до манастирот Свети Никита.

Само во последниве неколку месеци нагласено внимание изнудивте со два проекта – театарската претстава „Подготвено“, во која играат Билјана Драгичевиќ Пројковска, Слаѓана Вујошевиќ и Нина Елзесер, и потоа со Работилница за тајната на звукот и изработка на музички инструменти од сенешто која потем имаше и јавно претставување. Навидум два различни зафати што ги носи една слична енергија и поимање за креативноста. Колку тие всушност ја даваат првичната слика за натамошното делување на РАКАТРАК?

Моето делување во светот на уметноста од секогаш било и е да се преиспитаат границите и да се истражи каде се спојуваат и вкрстуваат нештата. Во претставата „ПодГотвено“ основната идеја водилка ми беше да се преиспита дали има реска граница помеѓу животот и уметноста и дали тие се одвоени или се вкрстуваат. Затоа претставата ја поставивме како некоја слава каде е ограничен бројот на гледачи и таа интимност им дозволува на луѓето на сосема друго ниво да ги восприемаат нештата, и да бидат активни учесници. Кога кажувам слава баш мислам буквално слава каде актерките приготвуваат јадење, а на публиката и дозволено да јаде од подготвеното додека се случува претставата.

Инструментите пак се моја страст од кога знам за себе. Всушност различниот звук кои тие го произведуваат, и мојот пат до музиката беше пред се преку звукот на инструментите, а дури потоа кон мелодијата и ритамот. А ако размислуваме за звукот често забораваме дека без простор не постои звук. Дали станува збор за простор каде се свири или простор кој го зафаќаат инструментите, сеедно. И како што кажав мене лично од секогаш ме интересираше каде се спојуваат нештата, па така и тоа каде се спојува звукот со просторот. Учесниците во оваа работилница организирана од културниот центар Јадро беа луѓе кои скоро никогаш не биле дел од креирање и изведување на музика или изработка на инструменти. Тоа за мене беше предизвик бидејќи верувам дека не постои човек кој не е музикален туку само човек на кого во текот на животот му е потисната музикалноста. После четири дена учесниците настапија без никаков проблем пред публика на инструментите кои сами ги изработија.

Ако се знае дека „ПодГотвено“ е одбрана и прикажана на последното издание на Млад отворен театар, значи ли тоа дека амбициите за успешно влегување во тие рамки, во театарот, само ќе раснат? Размислувате ли за нов сценски проект? За редовен репертоар кој со времето би бил етаблиран? За отворена летна сцена – со оглед на тоа што во близина е манастирот и културно-историскиот споменик „Свети Никита“.

Перформативноста во уметноста е нешто што го истражувам уште од факултетските денови и доста често во моето делување учествував во театарски музички и филмски проекти. Со „ПодГотвено“, заедно со актерките кои играат во претставата... Билјана, Слаѓана, Нина... направивме еден експеримент. Се обидовме да ја преиспитаме границата помеѓу актерската игра и уметничкиот перформанс и мислам дека успеавме. Претставата е планирано да се игра секако од пролет на матичната сцена во РАКАТРАК, но дали тоа ќе прерасне во нешто поголемо не би сакал да предвидувам.

Секако РАКАТРАК како културен центар е отворен за нови проекти и соработки со алтернативната сцена во и надвор од државата. Од друга страна, идејата за летна сцена е нешто навистина што претставува предизвик, но секако и огромен залак. И покрај тоа што дефинитивно има потреба за отворена летна сцена мислам дека пред се* треба да се направи квалитетна група на луѓе кои не би ја креирале само, туку и одржувале бидејќи сведоци сме на раѓање, но и уште побрзо гаснење на прекрасни идеи овде дома кај нас.

Заедно со вашата сопруга Верица Андреевска Спасовиќ, Верица Недевска, Круме Стефановски и Јордан Костов, пред десетина години ни ги разгалувавте душите со музиката што ја изведувавте како СТАРОВСКИ. Тој убав спој на поезија и звуковност што некако беше заокружен како „македонска кабаре чалгија“? По цела една декада и во едни вакви поинакви услови на делување може ли да се случи негово возобновување? Нови средби со љубителите токму овде во РАКАТРАК или барем во околината?

Не е исклучено да се собереме, но за да се случи нешто такво треба да се има "терало" некаде внатре во нас што би рекле нашите предци. Проектот СТАРОВСКИ беше реакција на тоа време кога настана, а тоа колку и да изгледа чудно беше пред 11 години. Јас по природа сум човек кој сака да оди напред, така што мислам дека не е исклучено тој да прерасне во нешто слично но сепак да биде реакција на ова сегашно време. Поезијата и музиката се без времени, но сепак им треба плодно тло за да потераат.

Од друга страна, каде во целата оваа градителска приказна е скулпторот Дејан Спасовиќ? Помина долго време од вашата самостојна изложба. Ќе се отвори ли простор да се прикаже она што во меѓувреме тој го креираше во овој амбиент, далеку од бучавата и цивилизацијата што јури кон поткопување на своите темели?

Времето на градители кои користат природни материјали според мене допрва треба да дојде. И покрај тоа што Македонија наназад во минатото била колевка на одлични автентични градители, сепак денес многу сме поназад од другите на тоа поле. Посебно од нашите комшии, на пример. Сега започнаа да се појавуваат луѓе кои некако сфаќаат дека иднината и на современото човештво треба да биде поблиску до природата. Сепак и покрај се, сето тоа оди некако скептично, плашливо ... Луѓето кои така размислуваат како да не се осмелуваат да излезат од својата комфорна зона. Конечно, и за таа револуција треба критична маса на индивидуи. А тој број на луѓе, таа група кај нас е сеуште мала. Сепак, сметам дека за брзо време ќе се зголеми. Има една стара поговорка; "Еден човек не може ништо да направи, но пет луѓе пет куќи прават".

А што се однесува до визуелната уметност од секогаш ме инспирирала и воодушевувала "Lend art" и "Site specific" уметноста. Ете, тоа е патот по кој би сакал да се движам во следниот период бидејќи мислам дека културата и уметноста не им припаѓаат само на галериите и на музеите. Напротив.

И, по сево досега претставено што е она новото што се подготвува? И, покрај тоа што сме принудени на „неподвижност“, ќе се осмелите ли со дел од овие проекти да исчекорите малку пошироко? Во државава, зошто и да не во регионот? Планирате ли да влезете во еден вид размена на идеи и добра со сличните институции во опкружувањето?

Наскоро ќе можете да го видите и чуете мојот нов проект "Одек на градот" скромно поддржан од Град Скопје каде во разни акустични простори во градот ќе се снима моја музика во соработка со разни мои пријатели музичари, а претставата секако би сакале да ја изиграме и надвор од нашата земја веќе има некои најави но се во свое време. Соработката и размената е таа што ги храни батериите на секој уметник, искрено се надевам дека следниов период и покрај проблемите со патувањата ќе биде период на размена со нашите пријатели од регионов со кои сме така близу, но и толку далеку. Па, зарем културата и уметноста не се едни од најсилните мостови помеѓу луѓето?