Недостигот на квалитетни кадри во јавната администрација испливува на површина, иронично забележуваат луѓето на социјалните мрежи. Директор на едно општинско јавно претпријатие, пред да му истече мандатот, распишал оглас за вработување на советник во претпријатието кој си го скроил по сопствена мера. Потоа дал оставка на функцијата, а новиот в.д. директор го вработил токму него. Со тоа си обезбедил место во општинската администрација и по завршувањето на мандатот.
Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека сите овие постапки недвосмислено упатуваат на планирано сценарио и најави кривични пријави за злоупотреба на службената должност.
„Симптоматично беше што директорот на јавното претпријатие дава оставка од функцијата директор, се бира в.д. директор, па понатаму оди конкурс за избор на јавни службеници, па после повторно оди конкурс за избор на директор. Сето тоа би било во ред доколку, како главна улога во сета таа постапка не е едно исто лице, односно директорот во јавното претпријатие, рече Катица Николовска од Антикорупциската комисија.
Според Комисијата, со овие постапки директорот за себе обезбедил корист, така што сам се си се вработил во јавната администрација, а новиот в.д. директор на јавното претпријатие и градоначалникот му овозможиле да го стори тоа. И волкот сит и овците на избори, се шегуваат дел од граѓаните.
Антикорупционерите не кажаа за кое претпријатие и кој град се работи, но луѓето на социјалните мрежи веќе коментираат дека дејството се случува ја југот на земјава.
Ако го бивало за директор, сигурно ќе го биде и за советник, коментираат дел од граѓаните. Ама што ако не го бивало?
Други, пак, иронично забележуваат дека со негување на вековните традиции на итарпејовштината се штити и македонскиот идентитет.
За трети ова покажува дека државата е дива лига, но четврти им посочуваат дека кроток функционер од две места цица.
Да не беше ветото од Бугарија, можеби овие добри пракси досега ќе ги пренесевме и во Брисел, се шегуваат дел од граѓаните.
Сепак, кај дел од граѓаните преовладува горчливото чувство на неказнивост, односно дека „Антокорупциска си лае, функционерите си лапаат“.
Други, пак, иронично коментираат дека можеби за директор бил вработен како Македонец, а за советник се пишал како Албанец, потсетувајќи на случајот од минатиот месец кога снаата на доскорешниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски, се вработила во општината на место отворено за Албанец.
Градоначалникот рече дека можеби таа така се чувствувала.
Пред неколку месеци Антикорупциската комисија се пожали дека Обвинителството многу често им ги отфрла кривичните пријави за основано сомнение за корупција и оти обвинителите повеќе гледаат точки и запирки, отколку големата слика.