Речиси една половина од анкетираните тинејџери на возраст од 11 до 15 години се пожалиле дека имаат здравствени ментални проблеми почнувајќи од незадоволство од животот, преку физички тегоби како главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиење, до долготрајни периоди на нерасположение и дисфункционалност. Секое второ девојче на 15 годишна возраст почуствувало депресивни симптоми од најмалку две недели во континуитет, а една третина од испитаните девојчиња укажале и дека чувствуваат неспособност во справувањето со таквата состојба.
Овие податоци се добиени од Студијата за однесувањата на поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст спроведено од Светската здравствена организација. Во Студијата е наведено дека во последните шест месеци главоболки и раздразливост повеќе пати неделно почувствувале околу 10 проценти од испитаните девојчиња додека бројките кај 15 годишни девојчиња се утрострочува.
Средношколскиот лидер Бленди Ходаи вели дека неговата генерација живее во дигитализиран период во кој младите честопати се чувствуваат нападнати, навредени и повредени. Според него најголем виновник за ниската самодоверба кај младите е негрижата за нив во општеството.
„Еден од најголемите виновници за ниската самодовербата кај младите е општеството. Нашето општество постојано ги демотивира и навредува младите кои сакаат да се обидат да му возвратат на општеството. Ова започнува од општеството и продолжува до државата и нашите лидери кои не се заинтересирани за менталното здравје на младите. За ова факт е тоа што државата нема ниту еден план за тоа како да се бори, како да се грижи за потребите на младите во земјава, а и како да се спречи депресијата кај младите“, вели Ходаи.
Анализата на СЗО покажала дека секое трето девојче од двете етнички групи ја чувствува ситуацијата како безизлезна. Додека секое четврто, пак, чувствува дека нема контрола врз сопствениот живот.
Главниот истражувач во оваа студија од Македонија Лина Ќостарова – Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција вели дека резултатите кај девојчињата се навистина загрижувачки, но и момчињата покажуваат двоцифрени пропорции, што не треба да се занемаруваат и потценуваат, бидејќи нивниот излез од проблемите е најчесто во ризичните однесувања и насилството. Со други зборови сите се под ризик и страдаат еднакво, само на родово специфичен начин, вели таа.
„На родовите нееднаквости кои продолжуваат некритички да се пренесуваат и негуваат во образовните курикулуми - образовните програми и училиштата како средини за учење и развој се родово нечувствителни и дискриминирачки. Тоа се должи и на нееднаквоста во грижата за развојните и образовните потреби на младите, како на пример, неспособноста на образовните програми да ги отворат „табу“ темите за сексуалното и репродуктивно здравје, за родовите (не)еднаквости, за првите интимни партнерски релации, за насилствата во училиштето, како и за поддршката на младите во правото на еднакво изразување и учество“, вели Ќостарова – Унковска.
Според неа сите овие теми се клучни за добросостојбата на младите, нивната навремена информираност, вклученост и одговорности. Младите не се земаат сериозно,како што вели, на нивните проблеми не се гледа како на приоритети во заедницата, одговорноста некритички се префрла на семејствата.
Таа додава дека со еден збор недостигаат родово сензитивни политики и развојни стратегии базирани на евиденции, права и добри практики, со ефикасни механизми за следење на еднаквоста, недискриминацијата и учеството на младите, во сите сегменти на општеството.
Истражувањето покажува дека македонските ученици кои со години биле во првите 40 земји од Европа, Америка, Канада и Русија, во последниве 12 години покажуваат континуиран пад во интересот за училиште. Падот се зголемува и со возраста и меѓу момчињата и девојчињата со што само 29 проценти од нив го сакаат училиштето, се вели во извештајот.
Извештајот открива дека општата добросостојба се намалува како што децата растат, при што ризикот од полоши исходи по менталното здравје е повисок кај девојчињата отколку кај момчињата.
Во 45 земји кои биле опфатени во истражувањето еден од четири адолесценти кажува дека најмалку еднаш неделно се чувствува нервозно, раздразливо или пак не може да заспие.Истражувањето во Македонија е направено на примерок од 4685 ученици од три возрасти на два наставни јазика, македонски и албански.