Денес омраза на фејсбук, утре насилство на улица

Активисти на Хелсиншкиот комитет за човекови права поставија „Ѕид на срамот“ на кој се поставени примери на говор на омраза

Во земјава нема ефективни истраги против говорот на омраза, иако истиот сѐ почесто е присутен, особено на социјалните мрежи. Упатените апелираат до органите на прогонот да бидат поажурни и да ги казнуваат сторителите, оти ако нема санкции, последиците може да бидат трагични.

Во време кога говорот на омраза станува наше секојдневие, многу малку претставки поврзани со него стигнуваат до народниот правобранител. Сепак, омбудсманот Иџет Мемети вели дека некои од овие барања кои стигнале до негова адреса се поврзани со немањето реакција или многу бавното постапување од страна на органите на прогонот, но дека досега немало ефективни истраги против говорот на омраза.

„Мислам дека досега нема таква пресуда некој да одговарал за говор на омраза. И можеме да констатираме како институција дека постои неказнивост за оние кои шират говор на омраза и тоа е проблем и многу лошо за општеството“, вели народниот правобранител Мемети во неделното интервју за нашето радио.

Дека говорот на омраза треба да се казнува зошто неказнувањето може да предизвика многу полоши последици врз колективната општествена свест, посочуваат и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од таму велат дека загрижува фактот што регистрираните случаи на говор на омраза скоро секогаш коинцидираат со дела од омраза, а во нив најчесто сторители и жртви се малолетни лица.

„Јавното обвинителство мора да биде поажурно и поактивно и да постапува во она што значи говор на омраза. Кај нас за жал сето ова е на една мртва точка, се уште по нашите кривични пријави нема никаков исход иако тие се во значителен број. Ние секојдневно пријавуваме случаи до МВР коишто понатаму дел од тие пријави ги пренасочува кон Јавното обвинителство, но се останува таму, нема исход, нема санкција“, вели Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот Комитет.

Видете и ова: Криминал и омраза - вие коментиравте

Таа додава дека и покрај големиот број кривични пријави за говор на омраза кои тие ги имаат поднесено до Јавното обвинителство, досега има само една судска пресуда за говор на омраза и таа е од 2012 година.

„Се стекнува впечаток дека тоа е дозволено. Тоа е многу опасно, бидејќи кога нема казна, луѓето се охрабруваат да продолжат со тој говор, којшто некогаш доведува и до трагични последици, насилство, а на крај секогаш се младите тие кои ја трпат оваа жртва“, вели Пировска.

Но, она на што укажува народниот правобранител Мемети е дека во последно време говорот на омраза е сѐ почесто застапен и кај политичарите и дека како институција често реагираат кога ќе забележат таков говор.

„Имаше еден случај со пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ние реагиравме и баравме органите да постапат. Ние немаме мандат да постапуваме. Органите на прогонот и судството се тие кои треба да ги истражуваат и донесат одлука. Ние сме институција која делува од стручен и морален аспект“, вели народниот правобранител Мемети.

И Пировска се согласува дека свесноста на политичарите за тоа какви зборови треба да се користат во нивните говори не е на високо ниво. И во тој контекст одговорноста на политичарите за тоа каков говор користат е многу поголема, заклучува таа.