Дебар и Центар Жупа чекаат владина одлука за кризната состојба

Контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот

По 30-дневниот карантин за општините Дебар и Центар Жупа, локалните власти очекуваат од владата да одлучи дали и понатаму двете општини ќе останат во кризна состојба. Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука и неговиот колега од Центар Жупа Арјан Ибраим, оценија дека кризната состојба имала многу позитивни ефекти во запирањето на ширењето на епидемијата и дека сега се во исчекување на владината одлука.

Одлуката за кризна состојба и карантин во овие две општини, за сега, важи до 11 април.

Како што јави нашиот дописник од Дебар, дебарскиот градоначалник денеска оценил дека самиот факт дека последните денови во Дебар нема новозаболени јасно говори за позитивните ефектите од воведената кризна состојба. Слична е и оценката на градоначалникот на Центар Жупа, Арјан Ибраим, кој вели дека и покрај тоа што беа евидентирани првите два случаи на Коронавирус во оваа рурална средина, по преземените мерки немало нови болни.