Две години живот во пандемија- дали се гледа крајот

Илустративна фотографија/ Пациент и доктор пред Инфективната клиника во Скопје

По две години живот во пандемија, светот полека почна да се отвора. Во земјава остануваат најголем дел од мерките, а како причина за тоа се наведува малиот број на вакцинирирани лица, околу 40%. Бројките на новозаразени паѓаат, но колку е спремна земјава за излез од пандемијата?

Почетокот на пандемијата Селмин Несимоски го затекна во неговиот роден Дебар, првиот град во земјава кој целосно беше затворен и ставен во карантин во март 2020, поради неколку случаи заразени со новиот коронавирус. Две години подоцна, Несимовски вели дека сè уште со вознемиреност се потсетува на тој период.

„Многу често размислувам за тоа колку ние всушност се боревме со системската непланираност. Затоа што прво беше затворен Дебар, влезот беше ограничен, излезот исто така, и сега размислувам колку всушност репресија се искористи. Јас на пример, се соочував со проблеми за набавка на лекови, со тоа што не добивав одговор како може да ги набавам бидејќи ги нема во аптеките во Дебар, а терапијата е неопходна. Одговор не добивав од никаде и ние бевме препуштени самите на себе“, се потсетува Несимоски.

Менаџирањето на кризи го гледа како негова идна професија бидејќи во моментов следи магистерски студии на Институтот за безбедност, одбрана и мир. Според него државата можеше многу подобро да се справи со кризата од пандемијата, но и да помогне побрзо да се излезе од неа.

Видете и ова: Започна скринингот за да се види националниот имунитет од Ковид 19

„Ниското ниво на вакцинација е токму резултат на тоа колку граѓаните имаат доверба во системот и во државата. Едната слика која државата ја претставува е сосема спротивна на онаа реалната. Јас лично имав ситуции на мои блиски, каде ситуацијата е под контрола , болниците имаат капацитет, но кога одат граѓаните во тие болници, се соочуваат со проблемот дека не може кревет да се најде за да се смести пациент со потешка клиничка слика. Доаѓаме до заклучок дека системот не знае што прави, не знае каде е, и како ние да му веруваме дека вакцините ќе не спасат и ќе излеземе од ова“, вели тој.

Смета дека младите се подготвени за излез од кризата и да продолжат напред, но некои навики ќе останат. Како инстинктивното ставање заштитна маска при влез во затворен објект.

Нема лесен крај на крај на пандемија

На почетокот на пандемијата, кон средината на март 2020 се затворија училиштата и градинките, а голем дел од вработените почнаа да работат од дома. Се контролираа и границите, па секој кој ќе влезеше во земјава се носеше во задолжителен карантин во хотел платен од државата. Се воведе и полициски час, но и карантини за сите кои траеја и по неколку дена. Летото 2020 бројките на заразени паднаа, за есента и зимата клиниките да се наполнат со болни од Ковид 19. Најголемиот товар го понесе Клиниката за инфективни болести во Скопје. Иако во моментов бројките на новозаразени бележат пад, инфектологот Фадил Цана се уште е воздржан во однос на прогнозите дали може да го видиме крајот на пандемијата.

„Во сите пандемии има два типа на крај, едниот е медицински, кога нели стапките на смртност, заразеност драстично ќе паднат или исчезнат, а другиот е општествен, кога луѓето ќе престанат да се плашат. Сите посакуваме да го видиме крајот, но вака како што се развива, со влегување на нови варијанти, никој не може точна претпоставка да даде кога ќе биде крајот“, вели инфектологот.

Тој додава дека ако на почетокот токму лекарите биле најзагрижени, тој страв кај него веќе го нема. Се намалува и притисокот на пациенти на Инфективната клиника, а расте старосната граница на луѓето кои ја губат битката со ковид. Сепак, смета дека олабавувањето на мерките треба да оди постепено, бидејќи нашиот здравствен систем не може да се справи со голем наплив на заболени. Не им се лути на граѓаните кои не се вакцинирале. Вината за ова ја гледа во измешаните пораки кои две години ги праќаат здравствените власти.

„Тие кои најпрво треба да ги почитуваат тие мерки, тие првично, кога во одреден политички момент не им се бендисуваше не ги почитуваа. Знаете дека кога светот се затвораше, ние имавме избори и се отворавме. Кога светот ги почитуваше ригорозно мерките, ние се ослободуваме затоа што првиот човек на здравство требаше да учествува на митинзи и тогаш не важеше ништо. Сето тоа направи народот да има перцепција на релаксираност, а со тоа и да има отсуство на тој страв. Дека кога првите (луѓе) го прават тоа, значи дека не е толку сериозно колку што изгледа, иако реалноста беше сосема сурова дека стварно овој вирус знае да убива“, разочаран е инфектологот.

Затоа и смета дека мора да има истраги, одговорност и казни за луѓето во власта кои лошо за менаџирале пандемијата. Само така, додава, истите грешки нема да се повторуваат во иднина.

Видете и ова: Зошто за оставки од морални причини, се чека истрага за кривична одговорност?

Една од најголемите трагедии кои се случија во пандемијата беше пожарот во модуларната болница во Тетово што се случи лани во септември. Загинаа 14 лица. Тогашниот министер за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани понудија оставки, но не им беа прифатени од доскорешниот премиер Зоран Заев.

Дополнително, додека граѓаните беа казнувани за неносење маски, политичарите честопати ја забораваа оваа обврска. Мерката за задолжително носење заштитни маски главно во затворени објекти беше воведена во првите месеци по пандемијата. Потоа беше надградена и со задолжително носење маски на отворено, кое се укина во јуни, минатата година.

Од почеткот на пандемијата, до почетокот на неделава, полицијата напиша 204.333 казни за неносење заштитни маски. Или преведено во пари, казни во висина од над 4 милиони евра.

Во истиот период се поднесени и вкупно 565 кривични пријави, за евидентирани 632 кривични дела со кои се опфатени 660 сторители, по членовите 205 или 206 од Кривичниот законик. Најголем дел од овие пријави се за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија за што законот предвидува високи парични казни, но и затвор до една година.

Пандемијата како колективна траума

Пандемијата силно удри и по менталното здравје. Од минатата есен телефоните на психолозите не престанаа да ѕвонат, појаснува психологот и психо-терапевт Сања Стефановиќ. Вели дека кај најголем дел од луѓето разговорите за пандемијата се секојдневие, па секое потсетување на оваа состојба носи тегоби кај луѓето.

„Најголемото влијание врз менталното здравје го има фактот што живееме во многу неизвесно време. Немаме апсолутно ништо за коешто би можеле да се фатиме. Одговорите што ги добиваме од задолжените, кои би требало да ни дадат повеќе информации се некако бледи, неконкретни и секако не не смируваат на никаков начин. Ние не можеме да ги обвиниме нив, бидејќи тие и самите не можат да понудат некакви решенија, одговори и да предвидат кога самата пандемија ќе заврши и таа неизвесност не става во едно многу вознемирувачко место“, вели Стефановиќ.

Видете и ова: КОВИД-19 силно удри по менталното здравје на младите

Таа верува дека луѓето се спремни колективно да истапат од оваа ситуација и да влезат во некои стари навики што ги имале пред самата пандемија. Сепак забележува дека овој процес ќе трае, посебно кај оние што загубиле свои блиски од вирусот. Вели дека позитивно гледа во потенцијалот на човекот да се прилагоди на условите, па нејзината препорака е луѓето да се свртат повеќе кон позитивните работи од пандемијата.

„Сакам преку сеќавањето на позитивното од пандемијата да го уважиме тоа што било предизвик за сите нас. Некои од нас за првпат во животот беа во непосредна близина на своите кујни па научија да готват, зедоа миленичиња за коишто се грижат така што стекнаа нови навики и тоа се некои работи кои ќе можеме да си ги понесеме во новото нормално. И секако тоа ќе значи и да бидеме благодарни за искуството низ кое сме поминале, бидејќи сме го поминале, и оттаму веројатно ќе почне некој колективен процес на исцелување, подобрување на менталното здравје, барање на повеќе поддршка и помош за себе си“, заклучува психологот.

Додека дел од западните држави ги укинуваат повеќето мерки за заштита од Ковид-19, меѓу кои и како вакциналните сертификати, во земјава тоа се случува многу побавно. Здравствените власти сега ги чекаат податоците од скринингот кој се спроведува во моментов, за прво да видат каков е колективниот имунитет на населението. Потоа ќе се одлучува за укинување на мерките.

Пред неколку дена од Комисијата за заразни болести препорачаа Владата да ги укине мерките за излез од државата односно приложување негативен тест или потврда за вакцинација или прележан вирус. Препорачано е и укинување на ослободувањето на бремените жени од работа, поради достапноста на вакцините.

Според податоците од Институтот за јавно здравје минатата недела биле регистрирани 6.119 нови позитивни случаи или за скоро 30% помалку во однос на претходната недела.