Данците не знаат кои се „наши деца“ за контролори за летање и не им давале да препишуваат на тестот

Илустрација

Директорите на контрола на летање си ги пријавиле децата за обука за контролори, но Данците кои го спроведувале тестот не дале да се препишува, па положиле „туѓи“ деца. Раководството на М-НАВ смета дека „нешто е труло во државата Данска“ и се обидува да го поништи конкурсот. Платите се над 2000 евра

Тројцата членови на управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ, објави порталот СДК.МК.

На 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот, а избраните кандидати требаше да ја почнат одлуката уште пред седум дена.

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека контролори на летање со врски може да туркаат само луѓе кои не патуваат со авион.

На други, пак, ова им е толку неверојатно што мислеле дека се работи за сатирична објава.

Според порталот, Селмани си ги пријавил двете деца на конкурсот, а Крстевски едно, а бил пријавен и синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, но никој од нив не бил избран.

Едни се шокирани што директорите ги пријавиле своите деца, а други иронично прашуваат зарем да наместат туѓи за 2000 евра плата.

Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска, а избраните кандидати требаше веќе да почнат да се школуваат за контролори за летање, но директорите сметаат дека „нешто е труло во државата Данска“ и го сопреле процесот.

Тестот е од Еуроконтрол, а бил спроведен од данскиот операторот на најпрофесионално ниво: со камери и надзор кандидатот да не препишува или да не го решава некој друг место него, со набљудувачи од Данска и од Македонија, велат во Синдикатот на М-НАВ.

Нашите може да ги викаат Роналдо.

Раководството на М-НАВ сега бара отчет од Данците за сите кандидати – зошто отпаднале и колку бодови освоиле. Синдикатот се сомнева дека раководството го пролонгира процесот за да пропадне огласот и после да ги вработат своите деца без тест.

Директорот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди за СДК изјавил дека бара „црно на бело“ дека токму овие осуммина избрани го положиле тестот.

„Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие 8 и може да тужи“, вели Хамиди.

Државната ревизија утврди дека просечните плати во М-НАВ уште во 2016 година биле над 1800 евра, а контролорите на летање уште во 2017 година добиваа над 2000 евра плата.

Државните функционери често вработуваат свои роднини во државни претпријатија каде што има високи плати, како што се М-НАВ, Агенцијата за електронски комуникации или енергетските претпријатија.