Дали западното оружје може да ѝ помогне на Украина да ја запре руската офанзива во Донбас?

Украински војници со оклопно борбено возило на непозната локација во источна Украина. Фотографијата е објавена на 19 април.

Гарван Валше, поранешен советник за безбедност на британската Конзервативна партија објаснува како западната воена опрема може да ја наклони борбата во корист на Украина. Рид Стендиш

Додека руските сили започнуваат сеопфатен напад врз источна Украина, Западот се обидува да го снабди Киев со понапредно и потешко оружје. Украина им пркоси на бојното поле на руските сили кои се повлекоа од северна Украина.

Но, експертите велат дека обемот на западната воена помош веројатно ќе ја дефинира следната, и потенцијално решавачка фаза од војната.

Соединетите држави одобрија дополнителен пакет помош од 800 милиони долари за Украина.

Други земји - од Словачка, преку балтичките земји до Канада - исто така почнаа да испраќаат потешко и со поголем дострел оружје, вклучувајќи хаубици, противвоздушни системи, противбродски ракети, дронови, оклопни камиони, транспортери и тенкови.

Низ фотографии: какво оружје и опрема САД ѝ испраќаат на Украина

Новото ниво на помош покажува колку брзо еволуираше западната поддршка во текот на скоро двомесечната војна.

Кога руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари, западните влади очекуваа кратка војна и го снабдуваа Киев со лесно оружје и опрема, вклучувајќи пушки, шлемови, комуникациски системи.

Но, досегашниот успех на бојното поле на Украина ја смени таа пресметка, при што западните власти сега бараат начини да ја вооружат Украина не само за клучна борба во источниот регион на Донбас, која повеќе ќе се потпира врз тенкови и артилерија, туку и за долга и тешка војна против руската војска.

Западна воена опрема се товари во авион за испорака во Украина.

Гарван Валше, поранешен советник за безбедност на британската Конзервативна партија и извршен директор на консултантската група Артикал 7 во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Украина не добива онолку колку што треба.

„Можеби се постигнува доволно и од она што го имаат, бидејќи украинската армија неверојатно ефикасно ја користи опремата. Тие имаат многу висок морал, имаат добро обучени војници и исто така можат да запленат многу руска опрема и да ја вратат во употреба. Но, навистина, западната поддршка беше премногу бавна и не во доволен обем“.

Според него, Западот погрешно ги пресметал руските тактики и руската мотивација, мислејќи дека Русија нема да се стреми кон освојувачка војна.

„Тоа можеме да го видиме од масакрите во Буча и на други места. Западот навистина треба да ѝ даде на Украина сè што е достапно, за да може да се бори против оваа екстремно агресивна воена операција и да ги потисне Русите од територијата што ја окупираа“, вели Гарван Валше, додавајќи дека корисно би било артилериското оружје.

„Ќе има многу интензивна војна и на Украина ќе ѝ треба ужасно многу муниција. Ќе им треба многу муниција за артилерија од советската ера, како и за артилерија во западен стил, каде што гранати се со поразлични големини“.

Сепаратистички борци поддржани од Москва истрелуваат ракети „Град“ врз украинските сили во регионот на Доњецк на 11 април.

Валше се сомнева дека снабдувањето со авиони ќе оди лесно, бидејќи за нивно пилотирање е неопходна долга обука. Според него, сепак Западот има капацитети да почне посериозно воено да ја снабдува Украина:

„Потребно е Западот треба да го промени начинот на размислување и да разбере дека ова ќе биде долга војна и дека Западот и Украина можат да победат затоа што имаат многу посупериорна економска способност во споредба со Русија. На долг рок, борбата ја фаворизира Украина. Но, Западот треба да ги поддржи за да можат Украинците да стигнат до таков долг рок“, вели Валше, наведувајќи дека Украина има и многу силна домашна одбранбена индустрија.

„Значи, дел од тие напори ќе ѝ помогнат на нивната домашна одбранбена индустрија да се прилагоди на западните стандарди и на опремата на НАТО за да можат да одиграат целосна улога и всушност да станат на долг рок многу истакнат снабдувач на оружје“.

На прашањето за извесната неподготвеност од некои западни земји, особено Германија, да ја снабдат Украина со тешко вооружување Валше вели:

„Во германската влада се води жестока внатрешна битка меѓу министерката за надворешни работи Аналена Бербок и министерот за енергија Роберт Хабек, кои се од Партијата на зелените и имаат многу поостра линија за ова, и канцеларот Олаф Шолц кој е со Социјалдемократската партија (СДП). Нивниот последен канцелар беше Герхард Шредер, кој сè уште работи во управниот одбор на Роснефт, руската енергетска компанија, и сè уште не дал оставка. Имате и други луѓе (од СДП) како претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, кој неодамна не беше примен во Украина затоа што во минатото имаше премногу проруска линија. Зелените се залагаат за многу поагресивна акција. Таква е политиката долго време, како за енергетските санкции, така и за воените набавки. Значи, има простор за надеж во Германија, но тие треба да продолжат да се борат и да го свртат овој супертанкер. Ќе потрае некое време“.

Валше вели дека од друга страна, самите Германци немаат толку многу воена опрема.

„Најдоброто нешто што сега можат да го направат Германците е да ги прекинат испораките на нафта од Русија и Бербок најави дека ќе почнат да го прават тоа до крајот на оваа година. Но, тоа е навистина премногу бавно. Германија не зависи значително од руската нафта, но голем дел од парите што Русија ги заработува се од продажба на нафта наместо од продажба на гас, бидејќи нафтата е многу поскапа. Би било изводливо да се прекине снабдувањето со нафта и да се придвижи кон намалување на испораките на гас, но тоа е очигледно потешко. Другото нешто што можеше да го направи Германија е да ѝ испорача пари на Украина за да може сама да купува оружје од други земји кои всушност го имаат и можат да ја снабдуваат“, наведува Гарван Валше, поранешен советник за безбедност на британската Конзервативна партија во интервјуто за Радио Слободна Европа.