Гувернерке, предвидувате 8,8 проценти инфлација, забавен економски раст од 2,9 проценти – македонските граѓани ги очекува тешка економска година. Кое според вашите проценки е најпесимистичкото економско сценарио?
Како што знаеме светот се соочува со низа шокови, прво започна со пандемијата, па следеше енергетскиот шок, и за жал оваа година се надоврза уште еден огромен шок, а тоа е војната во Украина. Се разбира сите овие шокови имаат неповолно влијание, оставаат економски последици врз сите економии во светот, врз глобалната економија и тоа нивното влијание е видливо преку повеќе канали.
Ние како Централна банка направивме надолна ревизија на нашите проекции за економскиот раст за оваа и наредната година. За оваа година очекуваме сега раст од 2,9 проценти, наместо 3,9 проценти кој го очекувавме во текот на октомвриските проекции од минатата година. А за наредната година очекуваме раст од 3,6 проценти. Ризиците околу ова основно сценарио се сепак надолни со оглед на специфичноста на шокот со кој се соочуваме, тоа е војна и можност за воведување на дополнителни и нови санкции и така натаму. Оттаму покрај ова основно сценарио ние направивме и дополнително попесимистичко сценарио.
Видете и ова: Економијата од борба за раст до борба за опстанокПретпоставките кои што ги користиме во ова сценарио во основа кореспондираат со претпоставките на ММФ кои исто така изработија попесимистичко сценарио за глобалната економија. Во основа резимирано, попесимистичкото сценарио покажува натамошно забавување на економскиот раст, но се уште зборуваме за раст, затоа што во глобални рамки се уште се очекува раст, а не пад на економската активност, нешто над еден процентен поен. Слично кај инфлацијата, со оглед на природата на шокот, ова е шок од страна на понудата, а не од страна на побарувачката и затоа се очекува натамошен раст на цените и на примарните производи во глобални рамки, а оттаму и кај нас затоа што ние ги увезуваме тие производи, значи тука ефектот би бил над еден процентен поен повисока инфлација од таа што ја имаме проектирано.
Дали тоа значи некаде околу 10 проценти инфлација?
Тоа се засега очекувањата генерално. Сепак овие наши проекции и основното и попесимистичкото сценарио се базираат клучно на претпоставките на ММФ и светската Банка за постепено забавување на цените на примарните производи и оваа година во втората половина. А за наредната година веќе се очекува нивен пад, на пример цените на нафтата по две години исклучително висок раст, минатата година околу 60 проценти, а оваа 20 проценти, наредната година се очекува пад. Оттаму реалистичноста и на основното и на песимистичното сценарио во основа ќе зависи од тоа што ќе се случува на надворешните пазари односно на надворешните берзи.
Како сето ова ќе се одрази врз животниот стандард на граѓаните?
Штом се намалува економската активност, односно очекуваме забавување на економската активност и нагорни притисоци кај инфлацијата тоа во основа значи помал расположлив доход кај населението, односно неповолни ефекти врз животниот стандард.
Во вакви ситуации неопходно е секако преземање на повеќе мерки и активности од носителите на политиките, со цел да се ублажат. Значи секако ќе има ефекти, затоа што ова се шокови од огромни невидени размери. Сите ќе ги почувствуваме ефектите, но барам да се помогне на оние групи на општеството кои се најранливи. Со оглед на природата на шокот секако најефективна во овој контекст може да биде фискалната политика, која може директно да влијае на ублажување на ефектите од овој шок врз животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, треба да бидеме свесни дека и просторот за реакција на фискалната политика е ограничен во услови на позначајно зголемување на јавниот долг во текот на пандемијата.
Во услови на енергетска криза дали растот, односно промената на тарифирањето на електричната енергија која го најави Регулаторната комисија може да влијае врз растот на цените ?
Да, има најави за промена во тарифниот систем за електричната енергија која ја плаќаат домаќинствата. Немаме се уште подетални информации за тоа каква би била промената за да може да се процени, како таа ќе се одрази врз просечната цена на електричната енергија. Но, секако ако се зголеми ако се зголеми просечната цена која што е една од компонентите на потрошувачката кошничка тоа може да значи нагорно поместување на инфлацијата.
Јавниот долг според вашите проценки ќе надмине 60 проценти од бруто домашниот производ, што значи според критериумите на Светска банка ќе влезе во зоната на високо задолжени земји. Што ќе значи тоа? Што ќе предизвика?
Во однос на јавниот долг мислам дека треба да го согледаме целокупниот контекст и да бидеме реалистични затоа што нема земја во која што не се зголеми јавниот долг во текот на пандемијата. Впрочем ако се погледнат податоците во Централна и Југоисточна Европа јавниот долг без исклучок се зголеми кај сите економии и зголемувањето беше во распон од 10 до 15 процентни поени од БДП. Кај нас некаде 10 до 11 процентни поени се зголеми, значи не е тоа нешто што се случува само кај нас. Секако тоа не е оправдување дека ние треба да бидеме релаксирани и комотни и да продолжиме со експанзивна политика и натаму. Сега јасно е дека просторот е стеснет.
Видете и ова: Државата се задолжува, а во иднина или помали плати или повисоки даноциНе е доведено во прашање одржливоста на јавниот долг. Впрочем во многу економии ние сме и под просекот на централна и Југоисточна Европа, но секоја економија треба за себе води сметка, да води сметка за просторот, и јасно е дека е потребно дефинирање на приоритетите, фокус на оние приоритетни групи и оние домаќинства кои се најпогодени од кризата, а на среден рок враќање постепено на патеката на фискална консолидација, со цел да не се доведе во прашање одржливост на јавниот долг.
Што им советувате на властите, на кои трошоци треба да скратат?
Општопознато е, секогаш треба да се води сметка трошењето на јавните средства, бидејќи тоа се средства на граѓаните, мора да бидат фокусирани на трошоци кои што директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните ги помагаат. Но, од друга страна треба да се фокусирани на трошоци кои што значат подобрување на фундаментите на економијата.
Да не ги заборавиме структурните реформи, ние сега реално гасиме пожари, но да не ги заборавиме структурните реформи кои што се клучни за да ја подобриме структурата на нашата економија, да ги подобриме фундаментите и така да можеме да се справуваме подобро со некои идни шокови кои сигурно ќе дојдат во иднината. Сведоци сме од време на време тоа се економски циклуси, затоа е и многу важно при дефинирање на трошоци да се дефинираат кои се приоритетите не само на краткорочните туку и на долгорочните приоритети за нашата економија.
Целото интервју со претседателот на гувернерката на Народна Банка Анита Ангеловска Бежоска може да го погледнете во видеоснимката на почетокот на овој текст.