Груевски и Заев со слични одбрани од аферите

Политичарите и партиите зборувајќи за нападната држава од други центри и порачувајќи дека нема да дозволат да и се наштети си играат со емоциите на граѓаните, оценуваат упатените.

Алудирање на емоции, наместо изнесување факти - вака упатените гледаат на изјавите на македонските политичари кога ќе се обелодени голема афера. Премиерот Зоран Заев деновиве зборувајќи за случајот “Рекет”, спомена непријатели на земјава кои наштетуваат на процесите.

“Нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјата, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ”, рече Заев.

Поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија, Никола Груевски во 2015 година пак, по обелоденувањето на скандалот се прислушувањето, исто така зборуваше за некој кој сака да наштети и слично како и сегашниот премиер порачуваше дека нема да дозволел.

Видете и ова: Шекеринска – Не сме поддржувале или овозможувале криминал

„Некој сака нашата држава и нашиот народ да бидат негови заложници, да го киднапира вниманието и да го насочи кон деструкција, провокации, меѓусебни закрвувања, лоши сценарија за рушење на институциите и имиџот на земјата. Ние тоа нема да го дозволиме“, рече Груевски пред четири години.

Преку создавање на емоции до симпатии од граѓаните

Современата политичка комуникација во 21 век се поставува на начин да се поттикнат емоциите и тоа е многу поефективно, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

“Создавањето на емоции и чувство на страв и заплашување и од друга страна на сигурност, на среќа, на љубов, на поддршка итн многу полесно ги придобива граѓаните или нивното гласачко тело отколку функционирање со факти”, вели Трајкоска.

Сличност нема само во изјавите на лидерите, туку и во партиските соопштенија. ВМРО-ДПМНЕ тогаш велеше дека “СДСМ има цел да го урне угледот на државата, а на своите наредбодавачи да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не и мислат добро на Македонија”.

Сега СДСМ вели дека “ВМРО-ДПМНЕ одработува за тајкуните од режимот и обвинетите криминалци, надевајќи се дека ќе ја поткопаат правната држава, дека нема да се донесе новиот закон за ЈО, дека нема да станеме членки на ЕУ а вистинските криминалци да ги спасат и да ги претстават како жртви”.

Сепак има и разлики

Она што е различно, пак, е што ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт материјалите што ги објавуваше СДСМ ги нарекуваше сечени и монтирани, а сега власта не ја спори веродостојноста на објавените снимки. Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири во случајот со Груевски од објавените снимки беше јасно дека тој е инволвиран во криминалот и затоа вели јасен бил таквиот тип на одбрана во јавноста.

“Сега иако аферата Рекет не покажува директна инволвираност на премиерот и други функционери малку е чудно што Заев излегува со изјави со кои некој трет од надвор е виновен, а никој тука од дома. Мислам дека се работи за отсуство на капацитет и волја да се реши до крај аферата”, вели Незири.

Видете и ова: Колку пари „испрани“ преку Бетон и Фершпед, толку „рекетирани“ од Камчев

Инаку таквиот тип на комуникација со јавноста упатените велат дека е карактеристична за денешните политичари правејќи споредба со начинот на кој комуницираше американскиот претседател Доналд Трамп во предизборието велејќи дека нема да дозволи друг да дојде и да им ја земе работата на Американците, а на истиот начин комуницираа и партиите кои беа за Брегзит.