Централниот совет на ДУИ на денешниот вонреден состанок донесе измени во партиското раководство, со кои одредени министри кои досега беа во раководните партиски структури сега се заменети со „стари кадри“ кои се дел од скопската фракција на ДУИ што себе се нарекува „Огнена група“.
За потпретседатели на партијата избрани се поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен пратеник Изет Меџити. Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми и натаму останува на својата позиција како потпретседател, а како нови се избрани Бајрам Реџепи кој директорува со Македонски енергетски ресурси и пратеничката Арбана Пашоли.
Видете и ова: Дали партиските превирања ќе ја погодат Владата?Поранешниот министер за правда и актуелен градоначалник на Сарај Блерим Беџети е избран за организативен секретар на местото на вицепремиерот Артан Груби, додека Фатон Ахмети е избран за генерален секретар, а за прв пат е избран и секретар за еднакви можности, позиција која и е доделена на Саранда Имери.
Ахмети- Во ДУИ нема незадоволство
Претседателот Ахмети за членови на Надзорниот совет ги предложи Муса Џафери, Беким Незири, Јуамин Синани, Зенун Матјани, Мемет Селами, Шукри Масурица и Недим Рамизи.
На оваа средба беа одобрени предлозите се додека не дојде до несогласување при кое Талат Џафери револтиран ја напушти средбата пред да го затвори состанокот шефот на ДУИ, Али Ахмети. Причината е предлогот на Џафери да се додаде уште еден потпретседател односно потпретседател за гостиварскиот огранок. Претседателот Ахмети тоа го стави на гласање, но не доби поддршка, а Османи го оцени како неможно поради статутарни ограничувања. Со довикување и реплика на на овој предлог веднаш му се спротивстави Муса Џафери. Предлогот на Џафери не беше прифатен, бидејќи мнозинството не гласаше за неговиот предлог, по што тој го напушти состанокот.
На прашањето дали овој состанок ги смири тензиите предизвикани од јавното несогласување на поранешни функционери од ДУИ, портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека денешниот ден е само уште еден демократски ден за ДУИ.
„Денеска е дојден со еден предлог кој што е консезуален кој што ги задоволува сите и така ја добива поддршката од сите членови. Само Џафери не беше задоволен , мислам дека тој побара уште еден потпретседател, ама има статутарни ограничувања. Јас без да бидам нескромен би им кажал на другите партии малку да учат од ДУИ како се прави демократија“, изјави Османи.
На денешниот едночасовен совет му претходеа вчерашните шест часовни консултации со дел од потписниците на писмото од „Огнената група“ кои денеска повторно добија партиски функции.
Денешниот состанок го водеше лидерот на партијата 63 годишниот Али Ахмети кој пред да започне средбата кусо изјави дека во ДУИ нема проблеми.
„Општ состанок на Советот, се избира претседателство, се избираат потпретседатели, генерален секретар, ќе се разговара за патот на развој на политиката, епилог е: ДУИ продолжува, нема незадоволство, има дијалог, менаџирање, дебатирање за процесот, нема огнена група“, изјави Ахмети.
„Огнената група“ на 24 септември изрази незадоволство од актуелното партиско раководство, и побара реформи односно реорганизација и одговорност од вицепремиерот Артан Груби.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.
„Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби“, се наведуваше меѓу другото во писмото.
Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвикало незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.
Османи за отчетот кој го бараа припадниците на „Огнената група“ за сработеното од сработеното од министрите на ДУИ и првиот заменик на претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби најави дека ќе биде изведено до крајот на месецот.
На последниот конгрес на ДУИ во 2019 година Ахмети беше реизбран на лидерската позиција од 800 делагати на партијата. Таа е најголемата етнички албанска политичка партија и трета најголема политичка партија во државата. ДУИ е на власт точно две децении со мала пауза од две години во 2006 до 2008 мата година.