Ако патот ве носи кон скопското Кале, пред угорницата од десната страна на улицата е сместена црквата „Свети Спас“. Тука се наоѓа гробот на познатиот револуционер Гоце Делчев.
Патокази по патот нема, ама затоа деновиве има многу полиција. Проблемот со патоказите е стар, ама присуството на полицијата - тазе. Полицајците се распоредија пред некој ден, откако Советот за безбедност како настан од висок ризик го означи одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари. Ова дојде откако бугарски групи најавија организирана посета на гробот за роденденот, а Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ повикаа на „херојска стража“ пред објектот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И двете држави сметаат дека Гоце Делчев е нивен револуционер, па тој е идеален лик за распалување на меѓудржавните тензии. Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се затегнаа во 2020 година, кога Софија го стави двегодишното вето за македонските евроинтеграции. Причина за тоа, меѓу другото, беа и историските несогласувања.
Но кога нема вакви тензии, ретко кој го споменува револуционерот, а уште поретко го посетува неговиот гроб. Вистината за ова стигнува од тие што секојдневно доаѓаат на гробот на револуционерот, ама на работа.
„Оваа егзалтирачка фама на некој начин е само околу роденденот на Гоце, датумот на неговиот роденден, и околу неговата смрт. Тоа е само една недела и потоа го забораваат“, искрена е Ирина Симоновска, водич во Националниот конзерваторски центар Скопје.
Видете и ова: Скопје и Софија нема да дозволат да се „распали оган“ на роденденот на ДелчевСепак вкупната бројката на посетители не е толку мала. Во просек годишно доаѓаат околу 10.000 лица, барем според статистиките од Конзерваторскиот центар. Најголемиот дел од нив се странци.
Бројката на македонски посетители е значително пониска, и се работи главно за ученици организирани од поамбициозните наставници или училишта. Затоа Симоновска констатира дека сме земја со големо културно наследство, но „немаме културни навики“, алудирајќи на познатата изрека на револуционерот дека светот го разбира „единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Од странците пак, чести посетители се Бугарите, и тоа главно преку организирани тури. Тогаш, како што појаснува Робертино Дончев, колега на Симоновска, се случуваат и провокации околу тоа кој е, или чиј е Гоце Делчев.
„Во некои моменти имаме и провокатори, имаме и луѓе коишто сакаат да слушнат. Се случува и самите провокатори самата група да ги затишува, поради тоа што едноставно провоцираат, а јас сум овде да им раскажам за тоа што го познавам“, вели Дончев.
Кога има провокации, тој вели дека им го повторува заветот на Гоце Делчев, испишан на еден сандак, за којшто имаат снимки од 1923 година, каде стои неговите мошти да бидат донесени во „главниот град на слободна Македонија.“
Моштите на револуционерот, во Скопје од Софија биле донесени во 1946 година, по договор направен со бугарската влада.
„Ги носеле на раце, од Софија, преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип, до овде, дворот на Свети Спас и ги положиле во саркофагот“, вели Дончев со восхит зборувајќи за големиот револуционер.
„Тука сме за една објективна вистина, не сме за субјективна вистина, значи институцијата е сепак затоа“, дополнува неговата колешка.
Таа смета дека македонските граѓани треба почесто да доаѓаат на ова место. Забележува и дека според прашањата кои секојдневно ги добиваат, најголемиот дел од луѓето и воопшто не знаат каде се наоѓа ова место.
„Најчесто поставувано прашање e, од нашите, и тоа 50% од домашните посетители, каде се наоѓа црквата Свети Спас и гробот на Гоце Делчев“, вели таа.
Локацијата нема да им биде проблем на бугарските групи кои организирани преку фондацијата „Македонија“, в сабота најавија посета на гробот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговиот роденден. Се очекува по патот да ги води силно полициско обезбедување, веднаш штом ја преминат границата, со цел да се превенираат можни инциденти.
Видете и ова: „Гоце Делчев“ под стражаОдносите меѓу двете земји дополнително се вжештија пред неколку недели откако група Бугари во Скопје, ја славеа Мара Бунева и скандираа дека Македонија е бугарска, а во Охрид беше претепан македонскиот Бугарин, Христијан Пендиков. Бугарските власти во инцидентот видоа злосторство од омраза и напад врз Бугарите во Македонија. Следеа дипломатски преписки и остри изјави кои ескалираа со неколкудневно повлекување на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје. Во тој период дојдоа најавите за организирана посета на бугарски граѓани во Скопје и „херојска стража“ на македонски граѓани организирани од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, на гробот на револуционерот за неговиот роденден.
Страстите се смирија по средбата во Скопје на бугарскиот и македонскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев и Оливер Спасовски, кои најавија дека нема да дозволат понатамошни инциденти. Се очекуваат силни мерки за безбедност околу гробот на револуционерот за неговиот роденден во сабота.
На роденденот нема да дојдат водачите од Конзеравторскиот центарм Симоновска и Дончев, бидејќи е неработен ден, па местото ќе им го отстапат на бројните делегации и политичари. Ќе се вратат во понеделник, во мирот и тишината на ова место, за да продолжат да ја раскажуваат приказната за Гоце Делчев, на оние што сакаат да ја слушнат.
„Ние си ја вршиме нашата работа, политичарите си ја вршат нивната“, заклучува Симоновска.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 во Кукуш, а загинал во селото Баница на 4 мај 1903, во борбата против турскиот аскер. Кукуш и Баница сега се наоѓаат во Грција. Останките на Делчев во првите години биле чувани во Баница, а потоа биле пренесени во Бугарија каде останале до 1946 година.
На сандачето во кое биле неговите коски, било запишано дека се „ заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.