Грковска – Грабенвартер: Политиката и судството мора да бидат одвоени

Политиката и судството мора да бидат одвоени, рече претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер на денешната средба со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска која е во работната посета на Виена. Тој посочи дека многу е важно во една држава да се јакне уставната култура која е предуслов на системот, што е пракса која е воспоставена во Австрија, се вели во соопштението од кабинетот на Грковска.

Во него е посочено дека Грабенвартер на средбата истакнал дека одвоеноста на политиката и сусдството обезбедува постојан пораст на квалитетот, а при тоа не се менуваат прописите, што е европска практика кон која треба да се стремиме.

Видете и ова: Кацарска-Пратениците се одговорни спрема уставните обврски


Грковска на средбата ја нагласи важноста од креирање системски решенија кои ќе гарантираат независност и професионалност во одлучувањето, а тоа е особено значајно за Уставниот суд, се вели во соопштението.

Вицепремиерката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го информираше Грабенвартер за активностите поврзани со унапредување на антикорупциските политики, но и на јакнење на мерит системот, особено во правосудниот систем, каде, како што напомена, се неопходни конкретни услови за избор на судии и обвинители на сите нивоа.