Ако во изминатите две години, ковид пандемијата беше меѓу главните теми околу новогодишните празници, годинава ковид скоро и да не се споменува, на сметка на грипот и сезонските настинки. Одредени мерки за заштита од овој вирус се уште се на сила, но ретко кој ги почитува. Како на пример носењето маска во јавен превоз или во аптека. Сепак, во време кога Европа се координира за мерки поради новиот бран ковид инфекции во Кина, останува отворено прашањето дали навистина се гледа крајот на пандемијата.
Одговори побаравме кај оние кои скоро три години беа на првата линија на фронтот – здравствените работници.
Видете и ова: Респираторните инфекции во пораст, загадениот воздух им годи на вируситеНа Клиниката за инфективни болести, периодов е мал бројот на пациенти кои се лекуваат од Ковид 19. Како што појаснува директорката, Милена Стевановиќ, се работи за по десетина пациенти дневно кои се прегледуваат во нивната амбуланта, и исто толку хоспитализирани. И тие кои лежат во болница главно се лица со хронични болести, па ковидот ја комплицира примарната болест кај овие пациенти.
На прашањето дали уште треба да сме загрижени за пандемијата, Стевановиќ е претпазлива.
„Не би избрзувала со заклучок дека е завршена пандемијата со ковид. Ние гледаме дека бројките се намалени, меѓутоа има повремени трендови во одредени земји каде тие се зголемуваат. Тоа секако зависи пред се од начините на тестирање, динамика, но и од тежината на болеста. Јас само барам да се биде претпазлив, и од страна на граѓаните, и од професионалците и белите мантили. Претпазливоста не може никако да ни наштети“, вели таа.
Силен ковид бран во Кина
Во прилог на ова одат и последните случувања во светот кога се работи за ковид пандемијата, пред се во Кина. Таа изби пред три години, во кинескиот град Вухан и брзо се рашири низ целиот свет. Кратко потоа Кина воведе драконски мерки со цел да го спречи ширењето на вирусот на нејзината територија, преку т.н. „нулта ковид“ политика. Односно, и за само еден случај на ковид 19, во карантин беа ставани милионски квартови.
За разлика од Европа, која заедно со вакцинацијата ги олабавуваше мерките, Кина тоа го стори минатиот месец, што резултираше со нов и силен бран на ковид инфекции во земјата, а со тоа и страв во останатиот дел од светот од појава на нови мутации на вирусот и пролонгирање на пандемијата.
Кај нас во моментов нема голема загриженост за ковидот. На последниот состанок на Комисијата на заразни болести во декември, беше констатирано дека состојбата со Ковид 19 е стабилна.
Најава за долга зима со многу вируси
Епидемиологот Сашо Олумчев, појаснува дека во моментов кај нас поголем проблем се останатите респираторни вируси, па сега ковидот е придружен дел на овие инфекции, без да дава посебна симптоматологија. Оттука, тој не гледа опасност во него. Сепак најавува дека зимава нема да биде лесна, поради т.н. имунитетен долг, настанат како резултат на двегодишната изолацијата поради пандемијата. Ова значи дека изминатиот период изостанаа и контактите со останатите вируси, па сега на телото му треба време повторно да се навикне на нив, што ќе резултира со поголем број инфекции.
„Ковидот ќе си биде нормална инфекција како сезонскиот грип, ќе ни остане како сезонска болест. Ние не можеме да кажеме дека ковид од денеска нема. Тој ќе си циркулира. Во моментов ни е актуелен Омикрон сој, тукуречи безопасен сега за сега, ќе си ко-циркулира со грипот. Се надевам дека нема да настане некоја пострашна мутација, подваријанта која ќе ни направи проблем“, појаснува Олумчев.
И Олумчев, како и Стевановиќ, останува на ставот дека е „подобро да се спречи, отколку да се лечи“, па затоа се надева дека набрзо ќе се појави поливалентната вакцина, за грип и ковид која ќе им се дава на ранливите граѓани. Во меѓувреме остануваат препораките за изолација и носење маска, за оние кои имаат било кави симптоми на настинка. На овој начин, појаснуваат докторите, ќе се спречи и ширењето на останатите вируси, пред се на грипот кој е актуелен периодов.
Дополнителен проблем прави и енормното загадување на воздухот, поради кое, како што појаснуваат докторите, се засилува ширењето на респираторните вируси. Па така на пример, маските повторно станаа дел од секојдневието на скопските улици, но главна причина за тоа не е ковид, туку загадениот воздух.
Има 250.000 Фајзер вакцини, нема интерес за вакцинација
Во меѓувреме, во земјава останаа околу 250 илјади вакцини за ковид 19, од компанијата Фајзер. Како што појаснуваат од Министерството за здравство, вакцините кои се користат во моментот, имаат рок на траење до крајот на јануари, а неделно се имунизираат околу 40 лица.
Видете и ова: Отпорот кон ХПВ вакцини поголем од стравот од рак на маткаВо Скопје на пример, како што појаснува Силвана Миркоска, одговорна сестра во вакциналниот пункт во поликлиниката Букурешт, ковид вакцини се даваат само на овој пункт, и тоа во втора смена.
„На дневно ниво имаме по еден, два, максимум по тројца граѓани коишто се вакцинираат и тоа доаѓаат само за бустер доза, за трета, за четврта... и на десет дена некој да се вакцинира со прва доза“, вели Мирковска.
Дополнува дека периодов се вакцинираат од помладата генерација, а причина за тоа се главно патувањата во странство. Во Македонија просекот на примени ковид вакцини остана далеку зад европскиот. И покрај достапноста на вакцините ниту половина од населението во земјава не е вакцинирано, додека европскиот просек на двојно вакцинирани е над 70%.
Најави за воведување мерки за патници од Кина
Во меѓувреме најголем дел од државите ги укинаа задолжителните ковид тестови или т.н. вакцинални сертификати, кои се користеа за патувања или влез на настани и затворени објекти. Сепак, бранот на инфекции во Кина паралелно со најавите дека земјата ќе ја тргне забраната за патување на своите граѓани во странство, натера дел од земјите како Италија, да воведат задолжителни ковид тестови за влез на кинески туристи.
Слични мерки најавија и од САД, додека Европската унија утре ќе има разговори за координиран одговор на порастот на ковид инфекциите во Кина, иако Европскиот центар за превенција и контрола на болести минатата недела не препорача вакви мерки. Од Европскиот центар сметаат дека варијантите што циркулираат во Кина веќе се во ЕУ, а потенцијалот за увезени инфекции е низок во споредба со секојдневните инфекции во Унијата.
Во Македонија, пак засега нема најави за вакви мерки. Од Министерството за здравство веќе два месеци ги нема редовните соопштенијата за бројот на новозаразени со ковид 19. И интернет страниците кои беа отворени од Министерството за здравство на почетокот на пандемијата, со совети, бројки, мерки и препораки, со месеци не се ажурирани. Статистиките од земјава сепак се ажурираат на страницата на Светската здравствена организација. Таму стои дека досега кај нас има 345.402 потврдени случаи на Ковид -19 од почетокот на пандемијата, додека 9.608 лица ја изгубиле битката со вирусот во изминатите три години.