Граѓаните „рамнодушни“ за дебатите за ребалансот на буџетот

илустрација

Собраниската комисија за финансирање и буџет ја продолжува расправата за предложениот ребаланс на буџетот. Разочарани од тоа како досега се трошеле народните пари, повеќето граѓани велат дека не ги интересираат најновите проекции на ребалансот

За македонските граѓани собраниските дебати за предлогот ребаланс на буџетот и неговите проекции за приходите и расходите, тековните трансфери и антикризни мерки стануваат се „понеинтересни“. Иако сакаат да знаат за какви проекти Владата одвојува најмногу средства, повеќето од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека се разочарани од начинот на кој се трошат нивните пари и токму затоа престанале да ги следат расправите за буџетската политика.

„Не ги следам расправите, зошто не зависи ништо од мене. Какво и мислење да имам за оваа тема, нема никој мене да ме праша и да имам некакво влијание и пак на крајот „големите“ ќе си решат како што тие мислат дека треба“, вели еден граѓанин.

„Не следам тоа, немам време, што и да коментирам, секој на крај си прави тоа што си сака“, вели Лилјана Муратовска.

„Ме интересира таа тема да, но еве сепак не знам каде се трошат тие пари, постојано бараат повеќе пари, а за што ги трошат не можам да сфатам, стално бараат повеќе пари, се задолжуваат, не ми е јасно“, вели скопјанецот Ратко Јакимовски.

„Па, не ме интересира тоа многу, немам време за да следам такви дебати, иако мислам дека премногу пари се трошат за непотребни работи“, рекоа дел од анкетираните граѓани.

Видете и ова: Ребаланс - Зголемување на задолженоста, кратење на капиталните инвестиции

Според граѓаните инфраструктурата, образованието и здравството се секторите за кои треба да се одвојат најмногу пари од буџетот. За дел од нив е нејасно како некои од ветените инфраструктурни проекти се уште се неизградени, а пари постојано недостигаат и се позајмуваат.

„Еве на пример автопатот Кичево-Охрид уште не е направен, неколку години доцни. Слушав дека ќе не чини 200 милиони евра повеќе од колку што требало. Јас мислам дека треба да се троши повеќе за инфраструктура, ни требаат подобри патишта. Јас на пример долго време живеев во Волково, дури по 30 години патот таму го направија“, вели Јакимовски.

„Јас мислам дека треба парите да се трошат за изградба на училишта, или на пример за градинки. Срамота е во 21 век да нема место за дете во градинка, зошто? Па нема секој да плаќа жена за чување деца“, вели Лилјана.
„Не само за овој ребаланс, сметам дека секој буџет треба да има повеќе пари за енергетски ефикасни објекти и патишта. Тоа е потенцијал за економски разво и благосостојба. За жал пред сите избори партиите секоја од свој интерес нешто ветува, а после кога ќе дојде на власт се се заборава“, вели пензионерот Благоја Јовчев од Скопје.

Власта уверува дека со ребалансот ќе се задржи стабилноста, опозицијата вели дека се кратат најпродуктивните трошоци

Во меѓувреме Собраниската комисија за финансирање и буџет втор ден расправа за предложениот ребаланс на буџетот за 2022 година. Власта уверува дека со ребалансот ќе се одржи макроекономската стабилност, ќе се овозможи враќање на економијата на претпандемиското ниво и ќе с одржи социјалната сигурност на граѓаните.

„Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициона агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност“, посочи во своето излагање министерот за финансии Фатмир Бесими.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак вели дека власта нема институицонален капацитет за реализацијата на капиталните расходи, наведувајќи го податокот од 20% реализација за пет и половина месеци.

„Со ребалансот повторно се кратат најпродуктивните трошоци, овојпат за 100 милиони евра. И така намалени, нема да ги реализираат. При најавата за Ребалансот најавија дека скратиле 200 милиони непродуктивни трошоци. Добро луѓе, зошто воопшто ги ставивте? Од 2020 сме во криза и цело време викате дека се скратени тие трошоци. Во суштина со овој ребаланс кратите од развојот на државата. Политиката купи ден, продај, уште еднаш ја покажувате на дело“, рече Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Работниците бараат зголемување на платите со ребалансот

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак побараа пратениците да го прифатат нивниот амандман за зголемување на платите.

„Апелираме амандманот во Собрание да биде изгласан пред најавеното дополнително покачување на струјата, нафтените деривати, цените на основните производи и др., кои пак ке предизвикаат дополнителни ценовни шокови насекаде и дополнителни ке ја обезвреднат платата на работниците. Затоа е непходно платите да се покачат веднаш со донесување на ребалансот за минимум 2.806 денари уште од 01.07.2022 година за да може да се амортизираат барем малку овие покачувања особено ако се знае дека од почеток на годината вредноста на синдикалната минимална кошничка пораснала за 2.980 денари, за една година 4.635 денари пари кои ги нема во буџетот на едно семејство и тоа само за преживување во тековниот месец“, бараат од ССМ.

Видете и ова: Инфлација и намален раст на БДП: Економско влијание од војната во Украина

Минатата недела во координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ амандманот и официјално од нивна страна беше доставен до Собранието согласно процедурите, а јавна поддршка добија од политичката партија Левица, од Демократски сојуз, Социјалистичка партија и ДОМ.

Предлог ребаланс-повисоки приходи, ама и расходи

Инаку со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.
Во ребалансот предвидени се 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.

Со ребалансот се предвидуваат и средства за раст на пензиите согласно новата методологија според индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Планирани се и дополнителни 2,4 милијарди денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки е содржан ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата од една страна и ефектите од контрола на новите вработувања и оптимизација на јавната администрација, од друга страна.