Граѓаните донираат топла облека, спасувачките тимови тргнаа за Турција

Жена гледа во спасувачите кои трагаат по исчезнати под урнатини во Хатај во Турција

На тие луѓе таму да не си им во кожа, вели еден граѓанин дојден да донира за настраданите од земјотресот во Турција на пунктот за донации на Плоштадот Македонија во Скопје. Владата веќе испрати спасувачки тимови, Црвениот крст отвори телефонски броеви за донации, а многу општини најавија помош.

Ќебиња, топла зимска облека и обувки, пакети со конзервирана храна и хигиенски производи почнаа да носат граѓаните на пунктот за донации на плоштадот Македонија во Скопје за помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција. Пунктот го отворија турски студенти кои студираат во Македонија. Голем број граѓани се одзваа на повикот, со надеж дека помошта ќе стигне до оние на кои сега им е најпотребна.

„Секој да дојде само со една трошка, колку капка од магла, ќе помогне. Само да се свесни луѓето и да дојдат, или да пратат порака за донација. На тие луѓе таму да не си им во кожа“.

„Во вакви моменти најважна е солидарноста. Без солидарност ништо. Гревота се луѓето, колку има повеќе од 5 илјади, 10 илјади. Се надевам дека барем толку колку што можеме, минимално да помогнеме да ја поминат зимата“, рекоа граѓаните што ги затекнавме како донираат.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Македонска помош за Турција, во вакви времиња важна е солидарноста

Студентот Ардам Демирел од Турција, еден од оние кои го отвориле пунктот, и самиот има пријатели кои настрадале во земјотресот во неговата родна земја.

„Јас и моите колеги се обидуваме колку што можеме да помогнеме на оние на кои сега им е потребна помош, што е можно побрзо. Македонските граѓани помагаат многу и навистина сме среќни што во вакви времиња излегува на виделина солидарноста“, изјави тој.

Видете и ова: ОН: ова е најсилниот земјотрес во Турција од 1939 година

Многу Македонци ја сметаат Турција за пријателска земја. Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт од декември, 47 отсто од граѓаните одговориле дека добрите односи со Турција се во интерес на Македонија. Само ЕУ е пред Турција.

Македонските спасувачки тимови, кои треба да помогнат во расчистување на урнатините и потрага по преживеани веќе се на пат кон Турција, а припадниците на АРМ би требало веќе да се стигнати, со оглед на тоа што претпладнево отпатуваа со комерцијален авион на Туркиш ерлајнс до Истанбул. Тие треба да бидат пречекани од надлежните во Турција и да бидат распоредени каде што има потреба.

Владата вчера, на вонредна седница, донесе одлука за испраќање на 40 обучени спасувачи со возила и опрема и 24 припадници на АРМ со две трагачки кучиња.
Меѓу спасувачите има пожарникари од Струмица и од Тетово, кои утринава во 9 часот со возила и опрема за спасување од урнатини, тргнале за Турција. Со оглед дека се работи за оддалеченост од 1800 километри, очекуваат да пристигнат во погодените подрачја утре вечер и да се задржат во Турција најмалку десетина дена.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција

Владата исто така донесе одлука да испрати 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила, Министерството за финансии е задолжено да одобри 100 илјади евра помош, а Министерството за здравство треба да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

Уште пред седницата, претседателот Стево Пендаровски најави дека Македонија нема да остане само на зборови, туку ќе пружи конкретна помош.

Видете и ова: Бројот на загинати во земјотресот во Турција и Сирија надмина 5.000

„Оваа година треба да одбележиме шест децении од катастрофалниот скопски земјотрес и многу добро знаеме кога некои други народи и држави се наоѓаат во слична ситуација“, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговата унгарска колешка Каталин Новак, која беше во посета на Скопје.

Црвениот крст на Македонија веќе отвори сметки и телефонски број 143 400 за донација од 100 денари за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најави дека преку Црвениот крст ќе донира еден милион денари (околу 16 илјади евра) за санирање на последиците од земјотресот во Турција.

Советот на Град Скопје за утре закажа вонредна седница на која треба да донесе одлука за помош за Турција, а скопските општини Аеродром, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Гази Баба најавија дека деновиве ќе одржат седници на кои ќе донесат одлука за помош за Турција и за Сирија. Помош најави и општина Битола.

Силен земјотрес со стотици мртви во Турција и Сирија

Турција исто така многу и помагаше во Македонија во изминатите години. На пример, по поплавите во Стајковци во 2016 година, Турција испрати помош во вредност од над 800 илјади евра.

Македонските ученици го напуштиле погоденото подрачје

Групата од осум ученици и нивниот ментор/наставник, државјани на Македонија, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција, го напуштиле погоденото подрачје од земјотрес и се на пат кон Анкара. Меѓу нив се и двата ученика за кои беше соопштено дека се повредени. Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска рече дека едниот бил полесно повреден, а на другиот само му требал лекарски преглед, но оти сега се добро.

„Утринава, некаде во 2 часот по полноќ, нашиот дипломат ми испрати слика заедно со учениците. Сите се здрави, добри и веќе се тргнати накај Анкара. Вечерва ќе останат таму, и ќе тргнат со автобус за Скопје. Сите се во добра здравствена состојба. И повредениот којшто добил здравствена грижа е во добра состојба, без потреба од хируршка интервенција“, рече Османи.

Аеродромот во Истанбул е преполн со стотици волонтери, спасувачи и членови на невладини организации од 65 земји во светот, кои се приклучија на напорите за помош во јужна Турција, да се најдат преживеани под урнатините, и да се помогне со повредените, чиј број надмина 23.000.

Видете и ова: Продолжуваат спасувачките напори по земјотресите во Турција и Сирија

Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија денеска се искачи над 5.000, покажаа официјалните податоци, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.

Најмалку 3.419 луѓе загинаа во Турција и 1.602 во делови на Сирија под контрола на владата и бунтовниците, со што вкупниот број достигна најмалку 5.021, соопштија официјални лица и медицински извори.

Илјадници објекти се уништени, а подрачјето и натаму е погодено од серија последователни земјотреси.