До 17 часот во земјава гласале 547 048 граѓани или 41,39 проценти соопшти Државната Изборна Комисија. Најголем е одзивот во општината Новаци и изнесува 69,76 проценти, а најмала во Брвеница - 24,83 отсто.
Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски информираше дека генерално излезноста е добра. Сепак посочи дека на 11 избирачки места имало прекин повеќе од еден час, поради сериозни технички проблеми со новите уреди за биометриска идентификација на гласачите, додека на 6 места се гласа на стариот начин, односно со спреј и ув-ламба. Таму кадешто имало прекин, гласањето треба да продолжи за толку време колку што имало прекин.
„Се наметнува и проблем во некои места да има повеќе гласачи, а помал број на гласачки места. Треба да се пуштат повеќе гласачи односно колку што има гласачки кутии во избирачкото место, за да оди побрзо процесот на гласање. Мислам дека веќе е испратен допис од ДИК до сите општински комисии да ги известат избирачките одбори, да пуштаат повеќе гласачи и сметам дека ќе оди побрзо. Побавно оди поради ковид протоколите, а всушност гужвите се прават во ходниците, но се надевам дека со овој допис ќе се намалат гужвите и гласањето ќе тече регуларно. Ги охрабрувам граѓаните да излезат на гласање и да го дадат својот глас, непречено, демократски и слободно“, изјави Даштевски на прес конференција.
Од ДИК соопштија дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или по полноќ бидејќи ќе се споредуваат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Наша екипа претпладнево беше на избирачкото место 2854 во општината Центар. Претседателката на комисијата Мимоза Радеска вели дека гласањето се одвива добро, со мали технички проблеми поврзани со новите уреди за биометриска идентификација.
„Мали проблеми имаме со новитетите, но и тие ги надминуваме. Се работи за проблем што при ставање на прстот на апаратот, не го идентификува отпечатокот, покажува дека е слаб квалитетот на отпечатокот. Во тој случај се оди со идентификација преку лична карта, се користи спреј и УВ-ламба и се остава отпечаток од десниот и левиот показалец на посебен список“, изјави Радеска.
Дел од граѓаните кои ги затекнавме на гласање потврдуваат дека имале проблеми со таканаречените „фингерпринтови“.
„Не сум задоволен од овие новини. Видовте и сами колку време чекавме, а нема никаква гужва. Само јас и сопругата. Чекавме, вака-така не оди. Или не се добро обучени или апаратите не се во ред. Што не верувам, Германец такви апарати да испрати“, изјави Станоје Богев, жител на општина Центар.
„Ова со прстот ме изнервира, не покажа еднаш, двапати, трипати. Гласав со лична карта. Со десниот палец не можев да гласам, разочарана сум,“ изјави Павлина Богева.
Според податоците од Државната изборна комисија, изборите ќе ги мониторираат 870 домашни набљудувачи. Акредитирани се набљудувачи од Граѓанската асоцијација АКСИОС 2017 Скопје, од Здружението ЦИВИЛ – Центар за слобода Скопје, како и набљудувачи од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - Скопје.
Акредитирани за набљудување се и 367 меѓународни набљудувачи и 40 преведувачи. Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи, набљудувачи има и од странските амбасади, а акредитација добиле и 10 странски новинари.
„Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За проценката ќе треба да почекате до утре, затоа што како што знаете, не сакаме да коментираме за време на гласањето, рече шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета.
Од идниот градоначалник граѓаните очекуваат повеќе грижа за граѓаните и околината.
„Додека едните работат, другите само зборуваат. Е доста ми е од зборување, до преку глава ми е. Сакам да работат и тоа да се гледа“, вели Даница Димитрова, жителка на општина Центар.
„Сакам да победи најдобриот. Очекувам да се грижи повеќе за граѓаните, да не се занимава многу со политика и челниците туку да биде повеќе со народот“, вели Стојанка Лубароска, жителка на општина Центар.
Видете и ова: Избори за локална власт 2021Ова се први избори на кои гласачите се идентификуваат преку машини за читање отпечаток од прст. Се гласа на 3480 избирачки места. Набавени се 4000 илјади машини за отпечаток од прст. За денот на изборите се ангажирани 400 ИТ инженери и експерти, 320 од ДИК и 80 од компанијата „Дермалог“ од која се набавени уредите, кои ќе се погрижат да се надминат сите проблеми со нивната примена.
Она што останува исто како и во претходниот циклус е задолжителното спроведување на заштитните мерки за заштита од ковид 19, дезинфекција на раце, носење маска и одржување на дистанца.
Овие се седми локални избори од осамостојувањето на државата. Право на глас имаат над 1 милион и 800 илјади гласачи. Градоначалници и советници се избираат во сите 80 општини и градот Скопје. За градоначалничката функција се натпреваруваат 299 кандидати, а ДИК потврди и 576 листи за советници. Свои кандидати имаат коалиции, политички партии, а овој пат има и бројни независни кандидатури. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Во најголем дел општини има по повеќе или неколку кандидати за градоначалници и листи за советници. Во дваесетина општини би можело да се очекува гласањето да заврши во првиот круг од изборите бидејќи таму се кандидирани само по двајца кандидати за градоначалници.
Видете и ова: До ЈО пристигнато известување за можно нарушување на изборниот процесАко во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’онтовата формула. Според формулата, вкупниот број гласови добиен за предложените кандидатски листи се дели со низот на делители 1,2,3… сè до бројот на членовите на советот кои се избираат во конкретната општина. Вака добиените количници се редат по големина, при што се земаат предвид оние најголеми количници, колку што се избираат членови во советот. Една листа на кандидати добива онолку членови во советот колку што има најголеми количници од оние кои се земени предвид.
Кампањата за вториот круг од изборите почнува веднаш по неделните избори, в понеделник, 18 октомври, и завршува на 29 октомври. Гласањето треба да се одржи на 31 октомври.