По ланската година на затворени граници и оневозможени патувања, колоните возила на граничните премини низ земјава се повторно актуелни како и пред пандемиската година. Во период на годишни одмори, особено во месеците јули и август, вообичаени се задржувања на граничните премини. Поради високите температури луѓето кои патуваат, особено семејствата со мали деца, стануваат нервозни, па така граѓани коментираат дека полициските службеници на граничните премини треба да бидат побрзи и да овозможат побрз проток на возилата.
Наша екипа вчера беше на граничниот премин Блаце каде што забележавме колони возила. Иако се свесни дека гужвите не се невообичаени во овој период од годината, сепак некои од патниците се пожалија дека поголема гужва има од македонската страна за влез во Косово.
„Често поминувам низ граници, но само тука на влез на Македонија како во времето на поранешна Југославија, возилата полека се движат. Премногу полека работат граничарите. Еве јас веќе дваесетина минути не се мрдав од место, “ вели Сефер Шабани од Гостивар.
„Јас доаѓам од Хрватска, одиме за Скопје. Застој има да, но претпоставувам дека причината се годишните одмори. Луѓето многу патуваат, па мигрираат од едно место на друго. Има доста странски државјани кои се враќаат дома за годишните одмори и тоа ја прави гужвата“, вели Антонио Дувњак од Загреб.
Од македонската полиција тврдат дека поголеми задржувања на граничните премини нема и оти тие се во просек околу 20-тина минути на премините Богородица, Табановце и Блаце ,пред се, поради напливот на странски туристи кои транзитираат од Србија преку Македонија кон Грција и наши државјани кои одат на одмор во Грција.
„Се разбира тука се процедурите на грчките власти, односно стандардните проверки кои ги имаат поврзани со потребните документи за вакцинираност или негативен ковид тест и тие одземаат време, но она што можам да го кажам е дека нема поголеми застои, нашите службеници работат на сите ленти, апсолутно правиме се што може да се забрза протокот на возила колку што е можно во наша надлежност, а се разбира не можеме да влијаеме на брзината на работење на службите од другите држави“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Видете и ова: Кој ќе ни дојде и каде ќе одиме ова летоЗа разлика од викендов кога имаше поголема гужва на граничниот премин Богородица, во текот на работната недела сообраќајот е поумерен, но од АМСМ сепак апелираат дека поради високите дневни температури, луѓето треба да ги изберат подоцнежните попладневни часови за патување, затоа што тогаш патувањето е побезбедно, ризикот од дефект на возилото е помал, а возењето е побезбедно за возачите и патниците. Од таму информираат дека денеска од македонска страна, не се забележани подолги задржувања за влез и излез на сите граничните премини во државата.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека во следниот период очекуваат поголема фрекфенција на граничните премини, но дека олеснителна околност е што покрај Богородица, Грција дозволи отворање на сите премини.
„Ние ги имаме активирано сите ленти на секој граничен премин, а олеснува и тоа што Грција дозволи влегување и од другите премини, а се разбира ние правиме се што треба за да обезбедиме поголема проодност. Мали задржувања засега можат да се јават само на премините Блаце, Табановце и Богородица. На другите премини нема воопшто чекања“, уверува Ангеловски.
Поголеми задржувања на граничниот премин Табановце беа забележани до пред само десетина дена кога имаше навала од македонски граѓани кои сакаа да се вакцинираат во соседна Србија и кога за влез во државата се чекаше и по 4 часа.
Инаку во периодот од први до 11 јули 2021 година на граничниот премин „Табановце“, вкупно влез и излез оствариле 209.709 патници, од кои влез оствариле 136.054 патници, додека излез оствариле 73.655 патници. На граничниот премин „Богородица“, вкупно влез и излез оствариле 106.393 патници, од кои влез оствариле 49.930 патници, додека излез оствариле 56.463 патници.