На вчерашната седница на Советот на Град Скопје беа поднесени три предлози, но ниту една не беше усвоена.
Месецов беше пуштена во употреба платформата „МојГрад“, чиј креатор е Горјан Јовановски, кој стои и зад апликацијата „МојВоздух“. Платформата е создадена преку граѓанското здружение „Зелен хуман град“. Платформата функционира така што граѓани поднесуваат свои идеи и предлози за кои потоа се гласа. Предлозите со најмногу гласови, членовите на „Зелен хуман град“ ги доставуваат предлозите до Советот на Град Скопје.
„Подолг период воочуваме дека има потешкотии во комуникацијата меѓу граѓаните и локалната власт, нешто што е многу важно во вистинска демократија. Мотивирани од идејата да го поправиме ова, ја креиравме „МојГрад“, веб платформа за директна демократија, преку која граѓаните може да поднесуваат и гласаат за предлози за подобрување на нивниот град. 72 часа пред почетокот на секоја седница на советот на Град Скопје, ние ги заклучуваме 3-те најгласани предлози, и официјално ги поднесуваме за гласање до советот“, изјави Јовановски.
Платформата беше достапна од 12 мај и за само 10 дена имала над 4000 посети, 1000 регистрирани корисници и дури 30 предлози за подобрување на Скопје.
„Целта на платформата „МојГрад“, меѓу другото, е и да ја потенцира разликата меѓу вистинските зелени решенија и лажните зелени решенија т.н. green washing. Платформата е замислена да биде иницијална каписла за поорганизиран и пофокусиран политички активизам чијашто крајна цел е враќање на моќта за одлучување кај обичниот човек (враќање на моќта за колективно одлучување) и зајакнување на заедниците преку спротивставување на хоризонталните и вертикалните структури на управување“, пишува Драгана Велковска, активистка и советничка во Град Скопје во колумна за РСЕ.
Видете и ова: Културен центар или згради на местото на фабриката КупрумЗа вчерашната седница на Советот беа доставени предлозите „Субвенции за стерилизација/кастрација на домашен и/или маалски миленик“, со кој се предвидува да се помогне семејствата кои не можат да си дозволат стерилизација на милениците, „Пристапни улици и тротоари“, со кој се бара да се симнат тротоарите кај пешачки премини и пристапни улици и „Од напуштена фабрика до студентски град“, со кој е замислено да се ревитализира и пренамени просторот на фабриката „Курпум“.
„Секој предлог е поделен во 3 дела, проблем, решение, и резултат. Доколку граѓаните се водат по тие 3 групи, ќе може најдобро да дефинитираат кој проблем го воочуваат во градот, какво решение предлагаат за тој проблем, и кој ќе биде очекуваниот резултат откако ќе се имплементира дадениот предлог“, објасни Јовановски.
Но, од овие предлози, ниту еден не помина на Советот на Град Скопје. Образложението, според соопштението на „Зелен хуман град“ е дека на тие предлози веќе се работи.
Видете и ова: Борбата против аерозагадувањето да е балкански приоритет„Вчерашната одлука на Советот е пораз за демократијата. Кога властите го игнорираат народот, единствениот начин да се допре до нив е поголема масовност во гласањето на предлозите и поквалитетна дебата за изнаоѓање на најдобрите решенија. Платформата МојГрад е создадена токму за оваа цел. Колку повеќе естаблишментот се спротивставува на принципите на колективно одлучување и граѓанска контрола, толку повеќе неговиот легитимитет еродира, и толку поблиску сме до вистинско владеење на обичниот човек кој нема задни намери, кој не е дел од пресметани коалиции, и за кој концептот „зелен“ не е манипулација и евтина флоскула, туку визија и реалност“, стои во соопштението.
Тие најавија дека трите одбиени предлози остануваат на нивната агенда, со тоа што колаицијата „ќе продолжи да работи на нивна реализација преку други канали“.