Уште во почетокот на годината и кај нас „срамежливо“ почнаа да пристигнуваат информации дека во Кина се појавил нов тип на вирус, кој многу брзо се шири и е многу опасен. Потоа сè се случуваше експресно- наскоро вирусот се префрли во Европа, а не многу подоцна беше регистриран првиот случај на заразен од коронавирус и во Македонија.
Откако на 24 февруари, поради ширењето на коронавирусот во Италија, македонските власти донесоа одлука со која се зајакнува контролата на граничните премини и на двата аеродрома, министерот за здравство Венко Филипче објасни како здравствениот систем се подготвува за евентуални сомнителни патници на влез во земјава.
„Доколку има патници кои треба да се опсервираат и следат, затоа е спремно инфективното одделение во клиничката болница во Штип, а спремни ќе бидат и инфективните одделенија во болниците во Велес и Гостивар, по потреба, во зависност од тоа колку граѓани треба, ако воопшто треба, да се опсервираат“, рече Филипче.
Видете и ова: Прв случај на коронавирус во Македонија, властите апелираат за смиреностПодоцнежните настани покажаа дека има потреба, и тоа во обем каков што тогаш никој не можеше ни да претпостави.
Два дена подоцна, потврден е првиот случај на коронавирус во Македонија, 50-годишна жена која подолг период била во Италија.
„Пациентката е позитивна за вирусот Ковид 19, што значи дека таа е првиот пациент во Скопје дијагностициран за заболен со овој причинител“, изјави Филипче.
Идентификувани беа и девет патници кои во комбе патувале заедно со неа. Здравствените власти тогаш уверуваа дека ситуацијата е под контрола и повикуваа на смиреност.
Со оглед на фактот дека состојбата од ден на ден стануваше се посериозна, на 10 март Владата донесе одлука со која наставата во училиштата и на факултетите се прекинува на две недели.
„Да се почитува практично мирувањето и седењето дома и да не се претвори ова во едно масовно посетување на игротеки, како што беше случај при епидемијата на морбили. Тогаш оваа мерка нема да има никаква смисла“, истакна Филипче.
Со одлуката беа забранети масовните јавни собири, а спортските натпревари во наредните 30 дена да се одвиваат без публика. Беше воведена задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните држави, како и препорака за избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тие денови во јавноста силно одекна веста дека на осмомартовското патување во Италија, со коронавирус се заразила директорката на клиниката за кожни болести, која потоа одела на работа и на други настани, па во изолација мораа да одат околу 200 луѓе. Во меѓувреме, Светската здравствена организација на 11 март прогласи пандемија на коронавирусот, порачувајќи им на владите дека е време за агресивни мерки и за разработка на механизми за одговор при итни случаи.
Два дена подоцна Владата воведе кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако во Дебар беа утврдени уште четири случаи на коронавирус. Беше забранет влез и излез од овие општини, а се воведе посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините. Беше донесена одлука со која на тие што не ги почитуваат препораките за спречување на ширењето на коронавирусот им се заканува казна затвор.
Иако на 16 март, по одржаниот состанок на националниот Совет за безбедност, претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба, сепак само по два дена, на барање од Владата, а поради тоа што Собранието беше распуштено поради предвремените избори, Пендаровски прогласи вонредна состојба во цела земја.
„Вонредната состојба ќе трае 30 дена и оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане, ќе му биде поднесена на потврдување. Од денеска извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата. Повторувам, сите. И државни и приватни, за поуспешно да се справиме со епидемијата“, изјави шефот на државата.
Вонредната состојба беше продолжувана уште неколку пати, се до одржувањето на предвремените парламентарни избори во јули.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Четири пакети економска помош и два ребаланса на буџет
Во средината на март Владата го објави првиот пакет мерки за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, со цел, како што беше речено, полесно справување со последиците од настанатата состојба поради корона вирусот.
„Ние се грижиме како влада да обезбедиме и ликвидност во компаниите, но и да го задржиме ликвидносниот капацитет на буџетот кој во моментов го имаме, за да може да продолжи да го поддржува и здравствениот систем, сите други системи поставени во државата, но исто така да помогне и економијата да го преживее и сегашниот период, но и периодот што следува по корона вирусот“, рече вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Подоцна во текот на годината имаше уште неколку пакети со економски мерки, а за нивно спроведување беа направени и два ребаланса на државниот буџет.
Полициски час
На 21 март беше објавено дека од наредниот ден се воведува полициски час со забрането движење на граѓаните од 21 до 06 часот секој ден.
На 22 март беше регистрирана и првата жртва од коронавирусот. За неколку дена веќе имаше тројца починати, што беше повод за продолжување на полицискиот час за време на викендите од 16 часот.
На 6 април беа објавени, како што беа наречени, ригорозни мерки, со кои беше продолжено траењето на забраната за движење, а беа одредени периоди во текот на денот во кои смеат да се движат постарите од 67 и помладите од 18 години.
„Треба да бидеме чесни и искрени, ние како земја го немаме поминато најлошото. Според експертите, наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот кој најверојатно ќе биде меѓу 2000 и 2500 потврдени случаи“, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Во тој момент билансот беше 570 заболени и 21 починат од ковид 19.
Во наредните неколку месеци овие одлуки повеќе пати беа менувани, односно во зависност од актуелната ситуација, полицискиот час и другите мерки беа засилувани или олабавувани.
Онлајн образование
Во втората половина на август, кога учениците и родителите веќе беа нестрпливи да дознаат како ќе се одвива наставата во новата учебна година, Министерството за образование соопшти дека ги прифатило препораките на Комисијата за заразни болести за продолжување на образовниот процес од септември. Децата од 1 до 3 одделение настава ќе следат со физичко присуство, а другите ќе учат онлајн. Настава со физичко присуство ќе биде можна и во општини со мал број на ученици и паралелки, стоеше во соопштението.
Имаше многу реакции на оваа одлука, средношколци протестираа барајќи да им се овозможи настава со физичко присуство, а онлајн настава да се следи само таму каде што епидемиолошката ситуација е неповолна. Синдикатот, пак, бараше целосна онлајн настава поради безбедноста на наставниците.
Неколку дена подоцна беше објавено дека, поради состојбата со коронавирусот во земјата, почетокот на учебната година се поместува за 1 октомври.
На факултетите наставата се одвиваше со комбиниран модел, односно теоретската настава онлајн, а практичната со физичко присуство во мали групи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, со почетокот на есента, особено во ноември, ситуацијата со коронавирусот стана алармантна, речиси секој ден бројот на заразени и починати растеше, па во еден период секојдневно беа регистрирани по над илјада нови случаи.
На 19 ноември претседателот Пендаровски соопшти дека Советот за безбедност и предложил на Владата да се воведе кризна состојба, законско решение коe ќе им овозможи на властите поголемо вклучување на армијата, соработка со полицијата, вклученост на општините, но и преземање на управувањето со приватните здравствени капацитети.
„Не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката со пандемијата, се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека тоа е неопходно. Инаку, приватната сопственост е гарантирана со Уставот“, рече Пендаровски.
Видете и ова: Вакцини ќе има, но кога?Инаку, во почетокот на декември во некои земји, а подоцна и во многу други, започна вакцинацијата против коронавирусот, процес што со нетрпение се очекуваше во целиот свет, со надеж дека тоа ќе биде почеток на крајот на пандемијата.
Во „нормални“ години изборите секогаш беа главен настан
Во „нормални“ години секогаш главен настан, овој пат вонредните парламентарни избори беа во дебела сенка на проблемите што ги предизвика коронавирусот.
Но, на почетокот не изгледаше така. Уште на 3 јануари Собранието избра техничка влада, која требаше да ја предводи државата до изборите кои беа закажани за 12 април. Претседател на новата влада беше Оливер Спасовски, а во неа имаше и министри и дополнителни заменици министри од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На 16 февруари пратениците едногласно донесоа одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија. Тие претходно ги донесоа законите за Јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, како и законот за одбрана за кој беше потребно двотретинско мнозинство.
Сепак, како што се ближеше датумот за одржување на изборите, се појасно беше дека тие нема да се одржат во предвидениот термин. По неколку лидерски средби и меѓупартиски препукувања, на 17 март претседателите на поголемите политички партии донесоа одлука за одложување на изборите.
Потоа уште долго траеја нагаѓањата кога би можеле да се одржат изборите, се лицитираше со датуми, партиите меѓусебно се обвинуваа дека на оние другите поважна им е политиката отколку здравјето на граѓаните. Конечно, во средината на јуни беше постигната согласност изборите да бидат одржани на 15 јули.
„Го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори, на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Ја информирам јавноста дека денеска повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули“, рече лидерот на владејачкиот СДСМ Зоран Заев.
Парламентарните избори прв пат од осамостојувањето траеја три дена, а главниот изборен ден, исто така првпат, беше во среда. Гласањето се одвиваше главно во фер и демократска атмосфера, со почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Вечерта Заев прогласи победа.
„Со предност во моментов од над 3 пратенички мандати пред ВМРО ДПМНЕ, со можност за 1 или 2 уште повеќе, нашата коалиција Можеме е победничката коалиција на овие парламентарни избори“, рече тој.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, не мислеше така:
„ВМРО ДПМНЕ победи во најголем број градови и населени места. Опозицијата на овие избори покажа дека има повеќе гласови од партиите на власт. ВМРО ДПМНЕ влегува во трка за составување на мнозинство за нова влада, затоа што постојната е истрошена и време е за промени“, изјави Јанушев.
По долга неизвесност поради проблеми со компјутерскиот систем на Државната изборна комисија, беше објавено дека коалицијата на СДСМ има освоено 46, а онаа на ВМРО ДПМНЕ 44 пратенички мандати. Сепак, сите калкулации укажуваа дека клучна за состав на нова влада ќе биде ДУИ, која има 15 пратеници.
Новиот состав на парламентот беше конституиран во почетокот на август, лидерот на СДСМ Заев доби мандат за состав на влада 10 дена подоцна, а веќе на 18 август тој и неговиот колега од ДУИ, Али Ахмети објавија дека постигнале договор за владина коалиција. На 30 август Собранието со 62 гласа „за“ ја избра новата влада, во која 11 министри беа на предлог на коалицијата на СДСМ, а 8 од ДУИ.
Македонија да стане полноправна членка на НАТО
Неколку дена пред самораспуштањето, Собранието едногласно го донесе Законот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО. По завршувањето на седницата пред зградата на Собранието беше подигнато знамето на Алијансата. Тогаш остана само уште Шпанија да го ратификува протоколот и Македонија да стане полноправна членка на НАТО, откако претходно сите други држави го сторија тоа.
Во обраќањето пред Парламентот на седницата, претседателот Стево Пендаровски рече дека членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност. Со стапувањето во НАТО, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат, рече претседателот Пендаровски. Во таа насока, ќе продолжам да инсистирам и да работам на зголемување на буџетот за одбраната до најмалку 2 отсто од нашиот бруто домашен производ, додаде тој.
„Членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени што се случија во изминатите години во нашата држава, новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите заради градење на добрососедски односи“, рече Пендаровски.
Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, договорот за решавањето на спорот со името и стратешко партнерство со соседна Грција, познат како Преспански договор, и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки кои не донесоа до целта во однос на членството во НАТО, истакна тој.
Конечно, по неколкумесечно одлагање поради внатрешно-политички случувања, и Шпанија го ратификува протоколот, со што Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО.
На крајот на март пред седиштето на Алијансата во Брисел беше подигнато македонското знаме.
„Ние сме денеска собрани овде да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија во семејството на НАТО со подигнување на знамето. Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбол на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа по години посветеност и заложба за реформите“, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
Видете и ова: Граѓаните за НАТО: Гаранции за безбедноста на државата и подобрување на економијатаПо зачленувањето во НАТО, се очекуваше дека и патот кон Европската унија ќе почне полека да се отвора. Меѓутоа, не одеше така како што се претпоставуваше. Уште во почетокот на годината од Брисел имаше пораки дека Македонија треба да ги почне преговорите за членство, но и оти треба да ги продолжи реформите, а најмногу беше спомнуван законот за јавно обвинителство.
ЕУ со нова методологија, Македонија со нова блокада
По неколку месеци внатрешни превирања во Унијата околу т.н. нова методологија за проширување на ЕУ, таа беше усвоена во март. Според тогашниот евроамбасадор во Скопје, Самуел Жбогар, тоа беше одлична вест за Западен Балкан и е вин - вин ситуација за двете страни. За ЕУ бидејќи се препознава дека проширувањето е нејзина стратегиска инвестиција и дека е важно Унијата да биде стабилна и обединета. За регионот е важна реафирмацијата дека само целосното членство е целта на процесот на проширување.
На 2 март Европската Комисија повторно препорача Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Овој заклучок Комисијата го базирала врз постигнатиот напредок во однос на условите кои едногласно беа поставени од страна на Советот во јуни 2018 година.
„Двете земји испорачаа дополнителни опипливи и одржливи резултати и поради тоа Препораката на Комисијата за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија останува валидна“, стоеше во извештајот.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека по одлуката во октомври 2019-та не може да биде 100 проценти сигурен дека почеток на преговори е загарантиран, но останува оптимист дека Македонија на Советот во март, ќе добие позитивна одлука за преговори.
„Во извештајот јасно се констатира реформската определба на државата, особено преку успешните резултати во областите кои Европскиот Совет ги имаше потврдено како приоритети“, рече Османи.
Видете и ова: Нема заклучоци на ЕУ за Балканот, ниту датум за МакедонијаЛидерите на земјите членки на Европската унија на 26 март на конференцијата која ја одржаа преку видео врска поради пандемијата со коронавирусот, ги потврдија заклучоците на Советот на министри за отворање на преговорите за зачленување во Унијата со Северна Македонија и Албанија. Во заклучоците беше наведено дека Европската комисија, без одложување, ќе поднесе предлог за преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција треба биде свикана без одложување, веднаш по усвојувањето на рамката.
Меѓутоа, се потврди дека резервираниот оптимизам на Османи бил оправдан. Некаде кон крајот на летото се појави т.н. „Објаснувачки меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“, кој Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив. Во него Бугарија бара Билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачката рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Во меморандумот меѓу другото пишуваше и дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.
Во почетокот на октомври беше објавен извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ, а еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за време на посетата на Скопје порача дека се исполнети сите услови за почетокот на преговорите на Северна Македонија со Унијата. Но, притоа тој изрази надеж дека ќе се изнајде решение и за отворените прашања со Бугарија со цел работите да се придвижат напред.
„Јас можам само да повторам дека е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат тие недоразбирања ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Мислам дека ова е момент да се постигне договор. Гледам посветеност од примерот Заев, како и од страна на премиерот Бојко Борисов од бугарската страна и навистина се надевам дека ќе изнајдат решение. Колку што знам тие работат на тоа и се надевам дека ќе успеат. Се разбира ќе направиме се што можеме и ние да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, меѓутоа сепак е сериозно прашање“, рече Вархеји.
Во наредниот период, во обид да се реши овој проблем, продолжи работата на Заедничката македонско- бугарска комисија за историски и образовни прашања. Меѓутоа, средбите беа без некој конкретен ефект, а доказ за тоа беа и изјавите на двајцата ко-претседавачи на ова тело, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев, по онлајн средбата во почетокот на декември.
„Треба да констатирам за жал дека 11-та средба е нула, нема направено дури ниту еден минијатурен чекор“, рече Димитров.
„Всушност и нема резултати, меѓутоа, понекогаш и кога нема резултати од одреден состанок и тоа покажува нешто. Постојат два записника од средбата кои не се потпишани и тука главен проблем е употребата на придавката македонски“, изјави Ѓоргиев.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев имаше интервју за бугарската агенција БГНЕС, по кое во македонската јавност имаше многу реакции, главно негативни.
„Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии- Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“, рече меѓу другото Заев.
Како реакција на интервјуто опозициската ВМРО ДПМНЕ одржа неколку протести во Скопје и други градови, барајќи оставка на Заев поради пазарење со македонската историја, јазик, идентитет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски велеше дека само политички аматер може да потпише договор со кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата кон ЕУ.
„За жал, овие сервилни, понизни политики на владата предводена од Зоран Заев не доведоа во една ваква ситуација кога буквално треба да бираме меѓу асимилација и интеграција“, рече Мицкоски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во декември бевме сведоци на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, но и на чешко- словачкото вето за заклучоците на Европскиот совет, со образложение дека во нив премногу и се попушта на Бугарија...
„Медена земја“ номиниран за Оскар
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во 2020 се случија и убави работи, кои во нормални времиња ќе беа главни теми во вакви прегледи. Македонската фудбалска репрезентација прв пат од осамостојувањето се пласира на големо натпреварување, овој пат на европско првенство, а документарецот „Медена земја“ беше номиниран за Оскар во две категории- документарен и интернационален филм.