Глигор Кондовски: Уметноста е детска слобода

Глигор Кондовски

Со фотоизложбата „На сцена“ и две нови албумски објави „Here“ и „Беседа“ за домашната издавачка етикета „Шарла“, со планови за нови творечки изблици во светот на филмот, Глигор Кондовски влегува во редотна македонските творци чие време несомнено допрва доаѓа.

Неговите чекори веќе одамна се длабоко навлезени во порите на најсовршеното поле, а тоа е уметноста. Со порив на хедонист со чиста душа, господар на амбиенталниот звук на виолината, и вечно инспириран од мајсториите на Тарковски, Кондовски свесно низ својот домен на креативен интерес, прави една многу природна состојба, односно еден суптилен амалгам врз навидум различното и спој со навидум неспоивото.

Ако првата љубов за него е музиката, а втората филмот, и ако филмот како форма претставува слика во движење тогаш оваа негова приказна која ни ја претставува е идеално соединување на различните уметнички перцепции во една целина. Како културен револуционер и со својата философија, а и со начинот на размислување и на живот воопшто, Глигор ја отсликува општествената вистина. Оваа изложба е инспирирана од џез моментите и нивните експресии. Џезот како музички стил се одликува со импровизација, полиритмија и синкопирање и претставува бескрајно интересна кохезија на афро-американските и европски традиции, па најверојатно тоа е убав предизвик за истражување и за Кондовски како автор.

Ова во каталогот за фотоизложбата „На сцена“ на Глигор Кондовски што до крајот на ноември се одржува во Тетово ќе го забележи ликовниот уметник М-р Славчо Максимовски. Од таму тргнува и разговорот во продолжение. Споделувањето на размисли и ставови.

Глигор Кондовски во само две години со две последователни фото изложби во родниот град Тетово. Кој беше неговиот пристап и од каде започна идејата за актуелната поставка насловена како „На сцена“?

Мојата прва самостојна изложба во Р. Македонија се случи во училиштето во кое работам како професор по виолина, во ДМУ “Тодор Скаловски - Тетоец” во Тетово, во 2019 година. Тоа беа фотографии направени од Тетовскиот џез фестивал, каде на покана на музикологот и директор на фестивалот Лејла Халими, станав официјален фотограф на истиот. Претходната 2018-та година се случи мојата прва изложба надвор од мојата земја, во Република Србија, под насловот: “Обични профили” која опфати документарно – репортажни фотографии направени од профили на луѓе како: бездомници, баби, дедовци, продавачи и обични луѓе кои го преживуваат секојдневието продавајќи по тезгите со часови. Мојата трета самостојна изложба на фотографии, но втора во мојата земја Република Македонија е изложба од истиот џез фестивал, но со еден сосема различен концепт од предходните класично изложени концепти на изложби. Насловот е “На сцена” и е концептуален вид на фотострип кои формираат една фотосторија. Тоа се три црно-бели фотографии поставени во една целина. Самиот концепт навидум делува како да се исти, но ако се задлабочите во нив, ќе забележите дека се рзликуваат во деталите, што е и еден вид на одлика на концептуалната уметност. Сценските фотографии зборуваат за сценски дејствија, звук преточен во слика и во простор со цел да се пренесе перцепцијата врз гледачот како да е дел од настанот.

Фотограф, музичар, сценарист, режисер...мултимедијален уметник, кој е всушност Глигор Кондовски?

Глигор Кондовски е човек кој не сака да игра според никакви правила. Инаку, дипломиран виолинист, дипломиран режисер и магистер по филмско и тв сценарио. Со својот маниристички пристап, зборува гласно преку аудиовизуелна уменост, во време кога Македонија има медиокритетски кланови полни со игнорантност и ксенофобичност. Има издадено четири албуми кои ја отсликуваат амбиенталноста како архитектура на време и простор: “Crumbly Secret”, 2008, “Flown letters”, 2012, “Around the bend”, 2019, издадени за странски издавачки куќи од кои и шпанската дискографска куќа “Seamless recordings”. Оваа година издава два албума: „Here“ и „Беседа“, во соработка со продуцентот Давид Ангелевски и дискографската куќа “Шарла”. Последниот албум е за соло виолина и опфаќа шест композиции кои раскажуваат приказни за остатоците од политичките случувања во нашата земја и културно - уметничка “катаклизма” во светот и дома. Слободен во сопствените убедувања: “Уметноста е детска слобода и само со таква чистина таа може да опстои во светот, во спротивно таа станува хендикепирана”.

Колку различните интереси му помагаат на творецот Кондовски да го заокружи сопственото специфично авторско писмо?

Аудитивната и визуелната уметност се на иста фронтална линија. Многу често музички композиции подоцна стануваат приказни за сценарио или инспирација за фотографија, и обратно. Контактите со различни профили на уметници ми создаде став колку групирањата им штетат во создавањето и креативноста. Преголема индивидуалност која излегува од еден голем, но за жал, затворен круг на “самобендисувачки” колективитет, е само создавање на своја конфор-зона од која не се раѓа никаков напредок. Вистинскиот уметник ги користи промоциите за инспиративни цели за идни подобри дела, но не и за надменост и возгордеаност, поради кои обично завршува на погрешно место во животот. Во Македонија различните видови на уметници, меѓусебно немаат добра комуникација. Зедничкото делување ќе може да скрши многу ѕидови кои стојат на културата во оваа земја. Кај нас во последно време нема стабини критериуми, но, според мене, тие можат да се изградат за кратко време, доколку постои волја за тоа.

Филмаџиите мислат дека се поголеми уметници од музичарите, а музичарите мислат дека филмот е лесен медиум и дека нашето вежбање со часови е нешто многу посериозно од било која друга уметност. Јас стојам на раскрница и тврдам дека секоја професија си носи своја тежина, зависи колку љубов и време посветуваме на неа. Според мене, реализирани уметници имаат расчистено со тој вид на “eготрип” во себеси. Отсекогаш сум ги сакал сите оние луѓе кои ја користеле уметноста за активистички цели, а се разбира тоа да не се активисти кои одат според некакви наметнати правила. Затоа и ги сакав уметниците кои преку музиката или филмот пренесувале и сеуште пренесуваат сериозни изјави, но никогаш не биле дел од некакви организирани групи, квази-елитни друштва или некаков лажен “авангарден” постулат кој води кон хегемонија.

Вистинската уметност треба да е со детски емоции внатре во суштината, сериозен пристап на отвореност кон секого и професија која не е различна од другите професии. Но, во различни времиња, таа има различен формат на искажување. Индивидуалноста е поврзана со колективитетот и таа излегува оттаму, но не останува таму, туку се модифицира во зародиш на слободно мнение кон креативитет за созданија на уметнички дела.

Глигор Кондовски

Сеуште тврдам дека можам да ги убедам слушателите дека и музиката може да зборува приказни и тие јасно да се преплетуваат преку звукот и хармонијата. Мои емпиристички сознанија ме потсетуваат на тоа дека експериментите поврзани со мултимедијалност се на пат да се создадат сериозни дела. Излегување од зоната во која сигурно чекориме е вистинскиот пат да се создадат капитални уметнички дела, многу од нив и да не сме свесни дека егзистираат како успешен производ.

Достоевски вели: “На почетокот, уметноста го имитира животот. Тогаш, животот ќе ја имитира уметноста, за на крај животот да го најде своето постоење од уметноста”.

Револуционерните идеи се по улиците кога ги гледаме луѓето како секојдневно се борат да преживеат, наспроти непотистичките корумпирани друштва кои се задолжени за дисперзија од која нема излез. Културата го доспеа дното, а уметноста веќе станува “тивка и безгласна”, како и се друго во оваа земја, обвинувајќи го светот за тоа: секако друг не ни е крив!

Што по завршувањето на оваа поставка? Постои ли шанса делата изложени на неа да ги види публиката во останатите градови од земјава? На што ќе се фокусира во периодов што следува Глигор Кондовски посебно во едни вакви услови на живот или поточно живуркање во време на светска пандемија?

Аплицирав на неколку места надвор од оваа земја, и чекам одговор. За последната изложба и нејзиниот концепт сеуште е рано. Таа е сеуште поставена во Музеј на тетовскиот крај во Тетово се до крајот на месец октомври. Но, сепак би сакал овој концепт да го прикажам во неколку градови низ Македонија, највеќе во помалите места каде луѓето би се запознале не само со овој уметнички порив на концепт, туку и општо како уметник да се потрудам да им подадам рака на луѓето кои немаат секогаш достапност до уметничките настани, а се гладни за културно битисување. Ние, уметниците, имаме должност и одговорност кон нашата професија да пристапиме хуманистички и да им го направиме животот на луѓето поубав и поблагороден на душевна основа.

Сакам да создавам и да зборувам преку разни јазици на уметноста. Покрај тоа што 21-виот век носи свои доблести, има недостатоци за кои треба јасно и гласно да зборуваме преку сите видови на уметност. Зборовите не се секогаш јасни. Во Македонија сеуште тонеме во неслободна зона на искажување преку уметноста. Поради тоа, многу уметници ја напуштаат оваа земја и покрај економскиот колапс.

Светската здравствена криза ни отвори нови хоризонти. Од една страна уметноста претрпе најмногу штета со откажување на настани и збиднувања. Но со помош на алтернативните он-лајн настани, уметноста стана достапна за поширок аудиториум. Од друга страна, секој од нас да размисли, колку го цени животот и дали му дава смисол на истиот. Ме иритираат медиуми кои изнесуваат “параноични” ставови како и оние кои со теориите на заговор шират свои некакви зацрнувачки апокалиптични видео- наративни (дез)информации. Со подигање на колективната свест полесно се надминуваат колективни кризи. Ова го потврдуваат земјите кои успешно се справуваат со пандемијата благодарение на развиената колективна свест кај поединецот. Покрај убавите нешта во 21 век, постепената глобална латентно-тоталитарна политика, КОВИД19 е клучната “кода” на претрпувањето оштета врз културата и уметноста, генерално. Ќе ни биде доволно голем предизвик да бидеме уште погласни.