Младите велат дека кога ќе им се даде шанса и доверба, и кога ќе се оспособат со потребните вештини за да бидат лидери во своите заедници - имаат огромен потенцијал за креативност, иновации и за промени. Но, едно од последните истражувања на УНИЦЕФ, покажуваат дека младите во Македонија се чувствуваат исклучено и имаат ограничени можности да ги предводат промените кон подобра иднина за себе и за идните генерации.
6 од 10 млади веруваат дека не можат да влијаат врз работата на институциите
Според тоа истражување направено лани, 85 проценти од младите никогаш не учествувале во консултации што ги спроведува државата, а 6 од 10 млади веруваат дека не можат да влијаат на работата на институциите. Само една третина од младите се оптимистични дека земјата се движи во правилна насока.
Видете и ова: Невработеноста кај младите во Западен Балкан е двојно поголема од онаа во ЕУ„Оваа реалност, заедно со сиромаштијата, недостатокот на квалитетно образование, ограничените можности за работа, загриженоста за менталното здравје и околината, ја обликува перспективата на младите луѓе. Пандемијата со КОВИД-19 дополнително ги влоши овие предизвици, но претставува и единствена можност светот да се преосмисли заедно со самите млади, за тој да стане подобар за сите деца и младинци“, наведува УНИЦЕФ на својата интернет страница за ова истражување, кое опфаќа резултати до минатата година.
По овие истражувања, претседателот на државата Стево Пендаровски и УНИЦЕФ започнале иницијатива „Преосмисли ја иднината“ за да им се даде простор на децата и младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Анкети и гледишта
Во првата фаза од младинските консултации, младите на возраст од 12 до 19 години биле поканети да учествуваат во онлајн-анкета и да ги споделат своите гледишта за промените што би сакале да ги видат, за она што ги мотивира и за она што најмногу ги загрижува. Според УНИЦЕФ, анкетата претставувала и можност младите да испратат порака до носителите на одлуки и да ја споделат својата визија за земјата 10 години отсега. Учествувале вкупно 527 млади.
Видете и ова: Една третина од младите на Балканот одлучуваат да си заминатВрз основа на добиените одговори, работилниците организирани во тој контекст се фокусирале на 3 клучни области: квалитетно образование, квалитет на живот и животна средина и урбанистичко планирање.