Германија бара санкции за Русија поради хакерски напад на Бундестагот

Илустрација - Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската влада им предложи на земјите членки на ЕУ да воведат санкции против Русија поради хакерскиот напад врз Бундестагот пред пет години, јави германската новинска агенција ДПА.

Германската влада претпоставува дека едно лице од разузнавачката служба на руската армија, ГРУ, било вмешано во хакерскиот напад на ИТ-мрежата на Бундестагот во мај 2015 година. Затоа владата им предложи на своите партнери од ЕУ воведување на заеднички санкции против Москва, јавДПА, повикувајќи се на одговорот што парламентарниот клуб на партијата „Левица“ го доби на барање на германската влада.

Германската влада ги поддржа предлозите за санкции против Русија со обилен пакет докази добиени од истражните тела и разузнавачки податоци, се вели во одговорот на германската влада пред парламентарниот клуб Левица.

Портпаролот на Европската Унија рече дека земјите членки можат да поднесат предлози за санкции, за кои потоа мора да се одлучува едногласно.