Меѓусебни етикетирања и навреди е вокабуларот кој секојдневно превладува кај политичките партии, особено кај владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку нивните прес-конференции, соопштенија или изјави.
Волкот влакното го менува исто како Артан Груби што менува коалиции, но карактерот не. Дарко Каевски од голтар преку функционер од СДСМ до милионер. Ова се некои од насловите на соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе денови. Во државава имаме политичари што голтари влегуваат во политика, се зборовите кои лидерот на партијата, Христијан Мицкоски ги употреби во една од неговите изјави, а во друга изјава и реченицата- Послушници на заевизмот во кој што прв е сега Ковачевски.
Видете и ова: Кој добива, а кој губи ако Македонија е една изборна единица?На сличен начин возвраќа и СДСМ па така еден од насловите на нивните соопштенија е дека ВМРО-ДПМНЕ е доказ како од голтарска се станува најбогата партија во Европа. Потоа и порачуваат на партијата и на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да престанат со, како што велат, аздисување. Премиерот Димитар Ковачевски пак, рече дека Мицкоски е поставен како портпарол на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниве година и половина се откажав од следењето на понудите на политичките партии. Веќе видовме дека сите верглааат едно исто. Значи релативизираат, го напаѓаат противникот, а ништо конкретно не преземаат околу конкретни мерки и акции кои биле планови од нивните програми“, вели младиот скопјанец, Александар Ристовски.
„Ова не ти чини, она не ти чини се повторуваат и едните и другите во тоа мислам дека се исти. Тоа е лично поради нив за да си соберат поени и да си останат на нивните фотељи, а не е за народот“, вели пензионерката Борка Кузмановска.
Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека партиите користат речник кој е разбирлив за повеќето од граѓаните.
„Користат таков политички дискурс со кој не сакаат да го убедат противникот или политичкиот опонент за нивните тези, туку сакаат да поентираат кај граѓаните и кај пошироката јавност. Во целата оваа нивна медиумска борба на нив како да им влијае тој јавен дискурс и речник кој се користи на социјалните мрежи. Значи не е важна содржината. Не е важна суштината, туку формата со која се дебатира со политичкиот опонент“, вели Незири.
Тој додава дека со таквиот однос на политичарите се губи квалитетот на дебатата.
„Се губи и целта на политичките партии кои се спремаат не само да ги реализираат нивните политички определби, туку и на некој начин и да ги подучуваат граѓаните за теми за кои што тие имаат експерти, а во јавноста не се толку познати. Таа цел се остава настрана, додека единствена цел е да се создаде една таква атмосфера во која публиката би уживала, а не би научила скоро аништо“,додава тој.
Анализата на Институтот за демократија насловена- Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните, објавена во ноември, минатата година покажува дека над 60 отсто од испитаниците сметаат дека пoлитичарите честo гo изневеруваат нарoдoт, дека тие пoвеќе збoруваат oткoлку штo преземаат нештo, како и дека се грижат само за себе.
Според анализата, големо влијание во разгорување на побарувачката за популизам има и генералната недоверба кон демократските институции и правилата на игра. Генералната недоверба во повеќето државни и општествени чинители, како што се наведува, влијае врз склоноста на граѓаните кон популистички лидери и решенија за нивните проблеми.
„Земено генерално, испитаниците доминантно изразуваат и разбирање на политиката и политичкиот живот како борба на „ние наспроти нив“, а помалку како дејност преку која треба да се овозможи решавање на општествените проблеми, во согласност со интересите на различните групи. Високото ниво на недоверба во демократските институции и правилата на игра влијае и врз зголемувањето на ранливоста кон теориите на заговор, коишто се сè поприсутни на глобално ниво. Сè поголемата тенденција на верување во теориите на заговор укажува на потенцијална злоупотреба на ранливоста на граѓаните за политички придобивки од страна на популистички политичари, кои најчесто користат разгорувачка реторика за добивање политички поени“, се наведува во анализата.
Додека партиите се препукуваат истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестиминстер, на кој учествувале околу 1 000 испитаници покажува дека најголем дел од младите својата иднина не ја гледаат во земјава. Според истражувањето, 58 проценти од младите би се иселиле од државата, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата.