Возови со скриени мигранти кон Македонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигранти од Грција меѓу вагони до Македонија

Грција во последниве месеци бележи пораст на пристигнувањата на мигранти и бегалци од Турција. Само во август, нивниот број бил над 9.000, најмногу за еден месец во изминативе три години. Нивната главна цел останува западна Европа и во таа намера се обидуваат на секаков начин.

Товарен воз се тркала низ селата во северна Грција, но неговата сенка на земјата открива луѓе кои се кријат.

Мигранти, и покрај ризиците, седат на праговите на меѓувагоните.

Монотониот звук од тркалата на шините ги прави дремливи, или можеби тоа е од топлината и ветерот на нивните лица.

Повеќето во оваа група се од Авганистан. Тие се обидуваат да ја преминат границата кон Северна Македонија, и на крајот да стигнат до Германија или Франција.

Скокаат пред границата за да ја пробаат среќата низ шумата и пеш да стигнат до другата страна.

Видете и ова: Шпанска десничарска партија бара ѕид против мигрантите

Но, некои остануваат скриени меѓу вагоните со надеж дека ќе поминат неоткриени од граничарите.

Рахман, кој вели дека оставил сопруга и четири деца во Кабул, Авганистан, во Грција пристигнал од Турција.

Тој бил сместен во неколку грчки кампови.

Но, без документи, работа или соодветно сместување, тој смета дека е време да се продолжи натаму и затоа и се придружил на оваа група.

„Грција е добра, но Грција не ми дава дом, немам храна. Тука сум околу една година и никој не ми дава дом. Немам ништо тука. Сакам да одам во друга земја“.

Анбија Нор Али е исто така од Авганистан и излегол пеш од Турција пред еден месец.

„Се обидувам да одам во Македонија потоа во Србија, а потоа и во Германија или Франција. Во Авганистан е голема војна и големи проблеми. Авганистан има Талибанци и Даеш. Моето семејство живее во Иран“.

Во 2015 година, во екот на мигрантската криза во Европа, скоро милион бегалци и мигранти минаа преку северната граница на Грција, патувајќи низ Балканот кон побогатите европски земји.

Рутата беше затворена во 2016 година, заглавувајќи десетици илјади од нив во Грција, а принудувајќи некои други да најдат алтернативни патишта за излез.

Видете и ова: Дали е можен нов мигрантски бран од Турција?

Според УНХЦР, околу 24.000 мигранти и бегалци се заглавени во логорите на грчките острови во „ужасни“ услови, како недостиг на доволно санитарни јазли и зголемено насилство.

На станицата во близина на Солун, мигрантите се сместуваат во стари, напуштени вагони додека чекаат на товарните возови.

Ветерот дува низ искршените прозорци, а распаднатите коридори се морничаво тивки, освен за нивните нови патници.

Во септември, грчката влада ги премести мигрантите и бегалците од островот Лезбос на копното со цел да го олесни метежот.

Исто така, најави дека ќе ги заостри граничните контроли и ќе ги забрза депортациите на одбиените баратели на азил.

Турција, со повеќе од 3 милиони сириски бегалци, спроведува договор со Европската унија за да ги спречи мигрантите да одат во Грција.

Овој месец турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара може повторно да ја отвори рутата за мигрантите во Европа ако не добие соодветна меѓународна поддршка за план за преселување на бегалците во северна Сирија.