Цената на водата во Скопје може да поскапи до 30 денари месечно по сметка, доколку „Водовод и канализација“ ја прифати максималната тарифа што денеска ја одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Можно е да има и пониска цена на водата за скопјани ако биде прифатена минималната цена на РКЕ, но тоа е малку веројатно да се случи, со оглед дека јавите водоводни претпријатија бараат водата да поскапи. За конечната цена на водата ќе одлучува Советот на Град Скопје.
„Сметам дека 29,5 денари не претставува никаков проблем за граѓаните. Тоа е доколку се реши „Водовод и канализација“ Скопје да ја прифати максималната тарифа. Доколку се прифати минималната тарифа, одредено е намалување на цената на водата во градот Скопје“, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски соопштувајќи ги цените.
Видете и ова: Водомерот на „Водовод“ врти за партиите, а не за граѓанитеИ додека се бара зголемување на сметките за вода на граѓаните, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ со години се соочува со огромни загуби на вода поради застарена водоводна мрежа, милионски долгови во претпријатието и бројни вработувања по партиски клуч.
И самиот Бислимовски пред два дена јавните комунални претпријатија ги нарече „фабрики за вработување“, коментирајќи го барањето на „Водовод – Охрид„ цената на водата да биде зголемена за 70 отсто.
„И што треба сега ние да направиме во Охрид? Ќе ја зголемиме цената на водата 70 отсто, за да можат јавните комунални претпријатија во целата држава да бидат фабрики за вработување? И до кај ќе тераме? И на крај ќе немаме вода?“, рече Бислимоски.
Досегашната цена на водата за домаќинствата изнесуваше 31,87 денари за метар кубен. Регулаторна денеска одлучи минималната тарифа за метар кубен да биде 31,53 денари и максималната тарифа 34,82 денари за метар кубен, односно за 9 проценти повеќе од сегашната цена. РКЕ во моментов води постапки за цените на водата во Охрид, Кочани, Ресен и Дебар.
Повеќето од водоводните претпријатија барања за поскапување на водата ги поднеле бидејќи имале зголемени трошоци за струја и поради тоа што пресметките ги правеле според берзанската цената на струја, вели Бислимовски, посочувајќи дека во изминатиот период тие со субвенции обезбедувале струја од ЕСМ која изнесувала 95 евра за мегават час.
Загуби на вода од две третини
Загубите на вода во македонскиот водовод достигнуваат од 64 проценти на државно ниво, што значи дека до потрошувачите доаѓаат 36 проценти од вкупните водни капацитети. Со години се укажува на потребата претпријатијата да инвестираат во намалувањето на загубите заради достраеност на водоводните системи.
Друг аспект се проблемите со издавањето на паушални сметки на граѓаните и нередовното читање на водомерите. Некои граѓани со години не добиваат сметки за вода, а често се случува да бидат исклучени и водата да им биде запрена.
Видете и ова: Државата не се грижи домаќински за својот имотГраѓаните се жалат и на бавните процедури со замената на старите броила со нови. Ваквите поплаки стигнуваат и до Народниот правобранител, од каде велат дека имаат стотици претставки годишно од кои најголем дел се за нередовно отчитување на водомерите.
Долгови од милиони евра
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ тоне во долгови. Според податоците од Министерството за финансии, до крајот на минатата година претпријатието имаше направено долг од 7,5 милиони евра.
Македонија има извори на вода, но податоците покажуваат дека македонските граѓани трошат во просек по 2,5 пати повеќе вода од жителите на Европската унија. Така е бидејќи две третини од водата е потрошена, а не се фактурира, односно во овие пресметки влегуваат и загубите.
Така, според ваквите пресметки со загубите, жителите на Унијата во просек трошат по околу 125 литри вода дневно, додека македонските граѓани по 323 литри дневно. Во летниот период бројките се повисоки и покажуваат дека скопјани трошат по над 500 литри дневно, а во рекордните денови и над 640 литри дневно.
Сепак и покрај големите потрошени количини, во некои делови на земјата се случува да има рестрикции на вода.