Инцидент се случи на централната свеченост за празникот Водици на Камениот мост на реката Брегалница во Штип.
Верниците овој чин ќе го запаметат по тоа што двајца од педесеттемина скокачи останаа да лежат во реката Брегалница и да се борат за светиот крст. По неколку минутно натегање меѓу нив, крстот го зеде оној којшто не стигна прв до него, пренесува МИА. Но, и по укажувањето на митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион, тој не сакаше да го предаде крстот. Сепак разумот преовлада и светиот крст му беше предаден на Наумче Балевски, кој беше најбрз и му беа доделени пригодни подароци.
„Бидејќи настана еден немил настан, затоа предложивме сè додека се смират луѓето оваа година крстот да остане во црквата, а догодина ако се средат работите, како и годините наназад, крстот повторно ќе биде низ градот. Бидејќи крстот ќе биде во црквата, сите верници кои сакаат ќе можат да дојдат и да се поклонат во црквата и да го целиваат крстот во соборната црква „Свети Никола“, изјави г. Иларион.
Тој на православните верници им го честиташе празникот.
За разлика од Штип, Васе Панчовски, кој го фати светиот крст во Делчево, и неговата група, одлучија денешната освоена награда, телевизор, да го подарат на семејство од Делчево на кое му е потребен.
Крстот од водите на Охридското Езеро по петти пат го фати Петар Рупески, а на централната манифестација во Скопје од водите на Вардар крстот ги извади Кристијан Ниневски.
Празникот е поврзан со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.