Најголем дел од сумата што граѓаните ја плаќаат за струја одат за државниот производител ЕСМ и за Електродистрибуција, фирма ќерка на ЕВН. За обновливи извори оди околу 7 отсто од сметката, а за ЕВН Хоум околу 10 отсто. Најмал дел завршува кај државниот преносен оператор МЕПСО.
Ќе расчлениме една сметка од 2000 денари, за да видиме по колку пари оваа година завршуваат кај секоја од енергетските компании. Според поскапувањата на струјата која секоја од компаниите ги побарала, можеме приближно да пресметаме и колкаво би било поскапувањето за наредната година. Ако се одобрат сите поскапувања што ги побарале енергетските компании, сметката наместо 2000 ќе биде над 2800 денари, односно поскапување од над 40 отсто. Сепак, Регулаторната комисија за енергетика може да не им ги одобри поскапувањата.
Фирма | цена | побарано поскапување |
ЕСМ | 648 | 945 |
струја од слободен пазар | 189 | / |
обновливи извори | 139 | 139 |
МЕПСО | 78 | 125 |
МЕМО | 2,8 | 2,8 |
Електродистрибуција | 630 | 1260 |
ЕВН Хоум | 218 | 218 |
ДДВ | 95 | 134,5 |
вкупно | 2000 денари | 2824 денари |
1. Државниот производител на струја ЕСМ
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, во 2021 година 34 отсто од сметката за струја одела за државниот производител ЕСМ. Тоа значи дека од сметка од 2000 денари, кај ЕСМ завршуваат 648 денари. Цената на струјата на ЕСМ ја утврдува владата.
2. Набавка на струја на слободниот пазар
Со оглед на тоа што Македонија не произведува доволно струја за да ги задоволи своите потреби, мора да набавува струја од други производители, која ја купува по пазарна цена. Ниту Владата ниту Регулаторната комисија за енергетика немаат влијание врз таа цена. Оваа година, скоро 10 отсто од сметката за струја оди за набавка на струја од слободниот пазар, односно 189 денари од сметка од 2000 денари.
Со оглед на тоа што ЕСМ најави дека во првата половина од наредната година ќе испорача доволно струја за покривање на потребите на домаќинствата и малите фирми, веројатно нема да има потреба од увоз.
ЕСМ досега му ја продаваше струјата на ЕВН Хоум по 36,1 евро за мегават час, а од Нова година цената ќе биде 41 евро за мегават час, односно поскапување од 13,6 отсто.
Тоа значи дека ако досега граѓаните плаќале 837 денари за набавка на струја (од ЕСМ плус од слободниот пазар), од Нова година на таа ставка ќе одат 945 денари, односно ќе има поскапување од 108 денари.
3. Обновливи извори за енергија
Според законот, 7,3 отсто од секоја сметка за струја одат за обновливи извори на енергија. Тука спаѓаат малите хидроцентрали, сончевите колектори и ветерниците. Од сметка од 2000 денари, за оваа ставка завршуваат 139 денари.
Видете и ова: Поскапување на струјата како варење жива жаба4. МЕПСО
Државниот електропреносен систем МЕПСО, кој управува со далноводите, учествува во сметка за струја со 4,12 отсто. Тоа значи дека од 2000 денари, кај МЕПСО завршуваат 78 денари. МЕПСО за наредната година побара поскапување на нивните услуги од 60 отсто. Ако се усвои ова нивно барање, граѓаните наместо 78 денари, ќе плаќаат 125 денари, односно 47 денари плус на сметката. Клучната причина за барањето за поскапување на струјата се загубите во преносниот систем.
Сепак, и покрај енергетската криза и големите загуби, МЕПСО и годинава ја завршува со добивка.
Ова нивно барање треба да го одобри Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот на РЕК Марко Бислимоски во неколку наврати рече дека за да нема големо поскапување на струјата за граѓаните, тие ќе ги намалат или укинат маржите и профитите на компаниите што ги регулираат, така што ова нивно барање може да не биде усвоено, или пак поскапувањето да биде помало.
5. Операторот на пазарот на струја МЕМО
Кај оваа фирма ќерка на МЕПСО завршува само мал процент од сметките за струја, така што не влијае сериозно врз цената којашто ја плаќаат потрошувачите. Од сметката за струја, помалку од 3 денари завршуваат кај нив. Нивната цена исто така ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.
6. Електродистрибуција
Кај Електродистрибуција, фирма ќерка на ЕВН, која управува со дистрибутивната мрежа, завршува една третина од сметката за струја. Кај нив завршуваат 630 денари од сметката од 2000 денари. Поради големите загуби во мрежата и високите берзански цени на струјата, тие побарале поскапување од 100 отсто, односно поскапување за нови 630 денари. Сепак, и нивното барање треба да биде одобрено од Регулаторната комисија за енергетика, која може да им признае само дел од овие трошоци.
Видете и ова: Богат човек пушта машина и на скапа струјаПретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека струјата ќе поскапи меѓу 30 и 40 отсто, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека поскапувањето ќе биде до 10 отсто, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека нема да лицитира со сумата додека не се направат сите пресметки.
7. ЕВН Хоум
Кај снабдувачот со струја ЕВН Хоум завршуваат над 11 отсто од парите од сметката за струја, односно 218 денари. Сумата што ја добива оваа фирма е утврдена на тендер од 5 години и трпи многу мали промени на годишно ниво во зависност од трошоците за балансирање кои се околу 1-2 отсто.
8. ДДВ
Од сметката за струја од 2000 денари, 95 денари одат во државната каса за ДДВ. За да го ублажи ценовниот удар од поскапувањето на струјата, владата летоска го намали ДДВ од 18 на 5 отсто, но тоа ќе важи до 1 јули наредната година, по што ќе се покачи на 10 отсто, а во 2023 година, ДДВ-то повторно ќе се врати на 18 отсто.