Во Софија молк за новиот француски предлог

Софија- премиерите Димитар Ковачевски и Ангел Димитров на заедничка седница на македонската и бугарската влада, 25.1.2022

Во Софија досега нема реакции за новиот француски предлог, а до овој момент никој од владините претставници не се изјаснил дали предлогот е прифатлив, вели новинарката на бугарскиот сервис на РСЕ, Елица Симеонова.

Единствената реакција за новиот француски предлог во Бугарија е само изјавата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска која вчера изјави дека нема втор француски предлог за Република Северна Македонија.

Новинарката на бугарскиот сервис на РСЕ вели дека До моментов никој друг од Владата не коментирал за ова прашање и дека очекува тоа да се случи откако македонското МНР ќе излезе со официјални информации.

„Инаку проруската партија „Преродба“, која е најмалата партија во парламентот и во моментов е во опозиција, побара министерството за надворешни работи да ги запознае пратениците со променетиот француски предлог и кажа дека ќе побара да биде променето решението на парламентот, со кое тој го одобри францускиот предлог. Искрено, јас не очекувам дека ќе се собере потребно мнозинство за тој предлог. Тоа се сите коментари досега.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Елица Симеонова: Досега никој од владата во Софија не кажал дали предлогот е прифатлив

Една од причините што нема реакции е што во моментов во Бугарија главна тема е протерувањето на 70 руски дипломати, поради што се прекинуваат дипломатските односи со Бугарија. Освен тоа во моментов се водат преговори за нова Влада, откако на кабинетот на Петков му беше изгласана недоверба. Мислам дека ова се причините поради кои нема повеќе реакции во Бугарија на оваа тема“, вели Симеонова.

Видете и ова: Фер француски предлог или дипломатски нокаут - власт против опозиција

На прашањето дали бугарскиот државен врв го прифаќа новиот француски предлог, таа вели дека досега никој од владините претставници не се изјаснил .

„Според изјавата на премиерот Ковачевски променетиот предлог предвидува протоколот од Договорот од 2017 да не е дел од преговарачката рамка. Во четвртокот министерката за надворешни работи Теодора Генчовска рече дека Бугарија се уште очекува протоколот да биде потпишан. Истото го предвидува и решението на парламентот со кој тој даде мандат на Владата да го одобори францускиот предлог. Останува да видиме дали е најдена формулација која ќе одговара на условите и на двете страни за да може процесот да продолжи“.

Таа вели дека надвор од тоа, во решението на Парламентот со кој тој и дозволи на Владата да го одобри францускиот предлог запишани се одредени услови на кои треба да се одговори, пред се Бугарите да бидат вметнати во Уставот, ништо во преговарачкиот процес да не биде толкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, како и исполнување на Договорот од 2017 и протоколите од него да бидат вклучени во преговарачката рамка.

„Дали овие услови од бугарската страна се исполнети или не треба да каже МНР на Бугарија“, вели Симеонова и потенцира дека досега нема информации за неговата позиција по ова прашање, како и воопшто за т.н. ревидиран француски предлог.

Таа објаснува дека до овој момент не се планирани некакви нови процедури во бугарските институции.

Вели дека Парламентот веќе има решение со кое се дава право на Владата да го одобри предлогот со определени услови. После тоа на ред е извршната власт која треба да каже дали тие услови се исполнети или не. „Проценката е целосно на извршната власт, претпоставувам дека одговорот ќе стигне од Министерството за надворешни работи бидејќи тоа работи на тие предлози“, вели Симеонова.