Во Македонија во изминативе денови беа ублажни дел од мерките за заштита од коронавирусот со одлука за продолжување на работата на кафулињата до 21 часот, а има и размислувања од Владата за враќање на администрацијата на работа од оваа недела, додека во земји во регионот и во Европа поради страв од новиот вид на корона вирус на сила се нови рестриктивни мерки.
Од Mинистерството за здравство велат дека актуелните мерки за сузбивање на пандемијата даваат резултат, а дека за нови мерки не се размислува, притоа апелирајќи доследно да се почитуват актуелните мерки за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Микробилогот Никола Пановски за Радио Слободна Европа вели дека мерките за заштита од коронавирус кои се на сила кај нас, се во согласност и со економските можности на државата дополнувајќи дека „и да не се доволни се единствено можни“.
„Нема капацитет за построги мерки, а актуелните релативно даваат резултат. Да се надеваме дека ќе даваат резултат и за новиот сој, секако ако се почитуваат мерките, зборувам за ситуација кога ќе се прошири новиот вид, сега веројатно не е проширен според бројот на нови случаи“, вели професор Никола Пановски.
Видете и ова: Кога нема западна вакцина, добра е и кинескатаПановски додава дека очекува да биде донесена одлука административните работници да не се вратат на работа поради новонастанатата ситуација со мутацијата на вирусот.
„Мислам дека не треба да се вратат, никакви разлабавувања на мерките не се потребни, овие што се да останат. Добро би било да има поригорозни, но мислам дека не може. Ако треба веќе ригорозни мерки да се носат требаше во октомври- ноември кога имаше по 1500 случаи на заразени дневно. Кога тогаш не се направија мерки зошто би се правеле сега“, вели професорот Пановски.
Од Владата неодамна соопштија дека од февруари годинава се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државната и јавна администрација во полн состав со полно работно време со оглед на тоа дека бројот на заразени од ковид-19 е намален. Одлука за ова треба да биде донесена утре.
Во земјава досега е потврден најмалку еден случај на мутираниот вирус кај 46 годишен човек кој што на 6 ти јануари бил хоспитализиран со покачена температура и отежнато дишење, но сега е оздравен и нема здравствени проблеми. Во меѓувреме Лабораторијата на МАНУ утврдува дали медицинскиот тим на Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на коронавирусот. Надлежните не ја исклучуваат оваа можност бидејќи 29 здравствени работници од оваа клиника заболеле во исклучително кус временски период.
Видете и ова: Зошто и како мутира коронавирусот?Македонија има воздушна линија со Британија
Инаку кога се појави мутацијата на корона вирусот во Британија Министерството за здравство информираше дека на главниот координативен кризен штаб бил усвоен заклучок за нови рестриктивни мерки, односно забрана за летови од земјава до и кон Велика Британија до крајот на годината. Беше донесена и мерка за задолжителна 14 дневна самоизолација за сите граѓани, кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Англија, и оти тоа дополнително ќе важи и за патниците, кои од Велика Британија по копнен пат ќе стигнат во нашата земја.
Но, забраната за летови беше на сила неколку недели и Македонија моментално има воздушна линија со Британија . Во некои земји,пак, според постоечките правила за карантин на дојдените од Британија им се бара негативен ковид 19 тест или лицата мораат да одат во карантин 10 дена.
Но, микробилогот Пановски коментира дека ПСР тестовите не се показател за присуство на видот на корона ворусот.
„ПСР тестови и да имаат незнаете од кој сој се. Во повеќе земји има следење на луѓе, по меил им се кажува ако имаат некакви симптоми да се јават. Не би можел да кажам дали треба други мерки да има на аеродром, дали има капацитет и кој тоа ќе го финансира“, вели професорот Пановски.
Во однос на авионите кои доаѓаат од Британија од министерството за здравство ни кажаа дека засега нема нови рестириктивни мерки за влез во земјава , односно дека конкретно патниците кои доаѓаат во земајва не треба да покажат ПЦР тест.
Радио Слободна Европа побара одговори и од ТАВ Македонија за тоа дали има поспецифична контрола на авионите со патници кои доаѓаат од Британија, но од таму ни кажаа дека за такви мерки е надлежна државата.
„Во однос на делот за специфични ковид-19 тестови и мерки за патниците од Велика Британија, ТАВ Македонија не е надлежна да воведува вакви барања за патниците, ниту за оние кои полетуваат од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, ниту пак за оние кои слетуваат на двата македонски аеродроми. При слетување, односно влез на воздушните гранични премини на аеродромите, барања за ковид-19 тестови и мерки за карантин, може да воведе самата држава во која патникот остварува влез“, се наведува во одговорот.
Инаку од таму дополнуваат дека ТАВ Македонија ги презема сите можни мерки за заштита од ковид-19, како за патниците, така и за персоналот, преку имплементација на нивниот аеродромски пандемиски протокол, кој подразбира превентивни мерки во аеродромската зграда, односно откако патникот ќе влезе во аеродромот, сè додека не се качи во авион, и обратно, по слетувањето, сè додека не излезе од аеродромската зграда.
Заштитните мерки кои се однесуваат на патниците вклучуваат – проверка на телесната температура со термална камера при влез во аеродромската зграда (и при заминување и при влез во државата), носење заштитка маска постојано, дезинфекција на рацете и одржување на пропишаното физичко растојание за затворени простории и поставено информативни знаци низ двата аеродроми, со цел постојано да ги потсетуваат патниците за нивните мерки.
„Aпелираме патниците колку можат повеќе да ги користат бесконтактните технологии за завршување на сите аеродромски процедури.Чистењето и дезинфекцијата на сите аеродромски површини се значително зачестени, додека влез во аеродромската зграда е дозволен само за патници, а не и за нивните семејства и пријатели, односно оние кои ги испраќаат и пречекуваат“, стои во одговорот од ТАВ.
Наведуваат и дека како резултат на успешната имплементација на санитетските и мерките за здравје и заштита во услови на глобална пандемија, Меѓународниот Аеродром Скопје во октомври 2020 година се стекна со акредитација од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) во рамки на Програмата за здравствена акредитација на аеродромите. Станува збор за нов меѓународен репер во однос на спроведени здравствени мерки на аеродромите ширум светот, креирана за да помогне да се увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и дека се преземаат мерки на претпазливост за да се намали ризикот по нивното здравје.
Лекарите во меѓувреме истакнуваат дека за сите граѓани во земјава клучни мерки за заштита и натаму се натамошно ограничување на контакти, дистанца, носење маски и дезинфекција на рацете во очекување на имунизацијата која треба да започне од февруари.