Во куќата на Таравари, купена од пратеник на ДУИ, била договарана коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

Куќата на Таравари во скопско Тафталиџе

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари негира дека бил во комуникација со пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски при купувањето на куќата во Тафталиџе. Во договорот за купопродажба, сепак, стојат имињата и на Таравари и на Јахоски, кому лидерот на АА му исплатил 75.000 евра за неговиот дел.

Резултати и нулта корупција. Ова се очекувањата кои лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари јавно ги побара од сопартијците кои станаа државни функционери на вчерашното одбележување 100 дена откако партијата стана дел од власта.

А токму првиот човек на партијата Таравари, од пред три месеци е „под лупа“ на Државната комисија за спречување на корупцијата за начинот на кој ја купи куќата во скопско Тафталиџе од пратеникот на ДУИ и сопственик на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, Исмаил Јахоски и Љупка Еда Јахоска, која работи во истоимената компанија, за сума од 150.000 евра, цена пониска од пазарната вредност.

Претходно, во изјава за медиумите, пред воопшто да се дознаат имињата на продавачите на недвижниот имот, Таравари изјави дека нема информација дека куќата е во сопственост на функционер на ДУИ, истакнувајќи дека куќата му ја нашол пријател, а се договарал со жена која нема врска со политиката.

Според договорот за купопродажба во кој Радио Слободна Европа имаше увид, како продавачи на куќата на улица „Бриселска“ се јавуваат Исмаил Јахоски и Љупка Еда Јахоска, додека како купувач стои името на Арбен Таравари. Договорот на кој ставиле потпис и тројцата е склучен на 23 јуни 2021 година, со кој Таравари се обврзува да им исплати по идентична сума од 75. 000 евра или 4. 627.125 денари на трансакциските сметки во НЛБ Банка АД Скопје на двајцата продавачи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Таравари - Јахоски ми е сосед, но ретко го среќавам

Таравари потврди дека парите веќе се исплатени со кредит од 100.000 евра и дополнителни 50.000 евра од неговата банкарска сметка.

„Договорот комплетно е потпишан со одредена жена, никогаш не сум се видел со господинот Јахоски за договор за оваа куќа“, одговори Таравари.

Но, откако му предочивме дека во купопродажниот договор стојат и неговиот и потписот на Јахоски, го прашавме Таравари – дали се уште стои на ставот дека не му била позната претходната сопственост на функционерот на ДУИ.

„На нотар отидовме, сигурно посебно. Сопственици се двајца, не е само сопственикот Јахоски, туку и на друга жена. Договорот е направен со жена со која сме се договориле, стојам на тоа. Господинот Јахоски го знам и од порано. Но, договорот е направен со жена која е косопственик со господинот Јахоски. А време на купопродажбата не сме имале контакти. Сега Јахоски ми е прв комшија, тој живее во куќа до мене. За овие две години, можеби сум го видел 2-3 пати излегувајќи од дома“, тврди Таравари за РСЕ.

Дали промената на коалицискиот партнер го издаде Таравари?

За новото живеалиште на Арбен Таравари во скопската населба Тафталиџе, јавноста можеби и немаше да дознае доколку информацијата не ја обзнани потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски од собраниска говорница.

Видете и ова: Николоски-Дали влезот на Таравари во Влада е уценет со куќа во Тафталиџе?

Само неколку дена претходно, Алијанса за Албанците по седницата на Централното претседателство во Тетово одлучи да влезе во владината коалиција. Николовски од законодавниот дом обвини за корупција, прашувајќи дали куќата е политичката цена која Алијанса за Албанците ја плати за влез во Владата. Таравари и тогаш и сега ги негира ваквите наводи, притоа споделувајќи досега непознат момент.

„Во влада влегуваме во март 2023 година, куќата јас ја купувам во јуни 2021 година. Во времето кога ние од Алијанса за Албанците сме во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. Дури во таа куќа е направен договорот за локалните избори со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“, откри Таравари.

Куќа за евтини пари

Арбен Таравари ја има пријавено куќата во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. За куќата со површина од 261 квадратен метар платил 150.000 евра, што математички му доаѓа дека метар квадратен чини 576 евра. Ниската сума која се коси со пазарната вредност ја алармираше и ДКСК која веќе испитува како е купена недвижноста за цена далеку помала од пазарната.

Арбен Таравари, Алијанса за Албанците, договор за купопродажба на куќа

„Во врска со оформениот предмет од страна на ДКСК, по однос на наводите дека Арбен Таравари од бизнисменот Исмаил Јахоски, купил недвижен имот – куќа во Скопје во вредност од 150 000 евра, ве известуваме постапувањето по предметот е во тек. Се прибираат потребни податоци и документација за утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука која ќе биде јавно објавена“, ни одговорија од Антикорупциска.

Видете и ова: Корупциски афери за политички маркетинг

Но, за Таравари сепак, купопродажната цена не е спорен момент, објаснувајќи дека има огромна разлика помеѓу цените во 2021 година и цените во 2022 година после руската инвазија во Украина.

„Куќата беше демолирана со одредени дефекти, дури се мислевме дали може да се живее во таа куќа или треба одново да се гради. Тоа се проблеми кои не сакам во јавноста да ги зборам, нека ме поканат во Антикорупциска, ќе ги кажам сите детали плус колку е инвестирано за да може да се живее во таа куќа“, вели лидерот на Алијанса за Албанците.