Ако мислите дека политичкиот земјотрес од лажни вести завршил со американските избори и со Брегзит – се лажете. Не заврши ниту со „Жолтите елеци“, ниту со Договорот за името на Македонија. Војната се разгорува и со лажни вести, руски ботови и манипулации, 2019-та ќе биде година на дезинформациска војна, анализира британскиот експерт за интернет и политика и извршен директор на тинк-тенк организацијата „Веб рут демокраци“, Арик Чоудари.
Според неговата анализа, изминативе години, ботовите, продавачите на лажни вести и психографските аналитичари „си ги научиле грешките и допрва политиката и дигиталната моќ ќе се судрат во совршена бура“. Според него, главниот избор на дезинформациите во 2018 година била т.н. фабрика за тролови на Кремљ, односно руската Агенција за интернет истражување (ИРА).
„Фабриката за тролови на Кремљ – главен играч“
„Тоа ќе биде значајна година во дезинформациската војна. Токму сега, другата страна изгледа посилно, поискусно, поспособно. Во меѓувреме, ние сме безгрижни, несигурни дали сме подложни на напад и што дури и го означува овој феномен“, пишува Чодари во неговата анализа објавена на интернет страницата на младинската тинк-тенк организација „Веб рут демокраси“, која работи на унапредување на демократските вредности.
Со него се сложуваат и аналитичарите од британскиот Центар за истражување на социјалните медиуми „Демос“, според чие последно истражување, од почетокот на Брегзит, само на социјалната мрежа Твитер биле регистрирани над девет милиони објави од речиси 3500 сега веќе блокирани профили, односно сметки, кои биле поврзани со фабриката за тролови на Кремљ. Од таму велат дека интернет медиумите се покажале како слаба точка која била злоупотребена за ширење дезинформации за геополитички цели.
Видете и ова: Руските лажни вести во ТОП-3 трендови за 2018 година„Непријателските актери ги идентификуваа интернет вестите и интернет медиумите како слаба точка во нашите демократии и ги искористија како прозорец за своите цели“, вели Алекс Красодомски Џоунс, истражувач во лондонскиот центар „Демос“.
Читателите во Македонија немаат знаење и алатки за да препознаат лажни вести
Не само интернет медиумите, туку и нивната публика се покажала како слаба точка во целиот тој систем, велат аналитичарите, па читателите лесно биле „измамувани“ да поверуваат во лажните вести. Тие, како што за РСЕ вели Илија Џугуманов од Евро-атлантскиот институт на Македонија, секојдневно се соочуваат со разни вести, но медиумската писменост не им е доволно развиена на сите.
„Лажните вести имаат големо влијание врз креирањето на јавното мислење. Луѓето секојдневно се среќаваат со голем број информации за кои најчесто или немаат селекција или немаат подлабока анализа дали тие вести се поткрепени со факти. Според последното наше истражување како организација, заедно со Глобсек, а ако дел од проектот насловен 'Борба против дезинформациите во централна и источна Европа', младите се свесни дека секојдневно се соочуваат со вести кои во позадина немаат никаква издржаност, никакви факти, но сепак нивната медиумска неписменост и немањето алатки прават младите да не можат да бидат имуни на вакви модерни трендови“, објаснува Џугуманов за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Чекор поблиску до НАТО, понервозна РусијаРешението е кај владите, медиумите и кај публиката
Дали владите ќе успеат да се справат со дезинформациската криза, дали ќе победат агентите на раздорот, како што аналитичарот Чоудари ги нарекува креаторите и нарачателите на лажните вести, или пак ќе победат објективното известување и вистината е прашањето кое си го поставуваат голем број аналитичари, политиколози и медиуми.
„Медиумите мора да престанат да собираат кликови од какви било вести заради профит, туку да се посветат на вистинитоста. Владите треба да земат пример од тоа како Силиконската долина се справува со последиците од несаканите дејства. Граѓаните треба да станат критични аналитичари на информациите, да се сомневаат повеќе и да веруваат помалку. Ова е сè уште малцинска дебата и малцинска борба, ограничена на мали ехо комори на интернет и неколку членови во парламентарните комори. Затоа во оваа година да влеземе со поголема решителност и да одиме подалеку од оваа фаза, градејќи силни штитови со кои можеме да се се бориме“, вели Чоудари.