Во Босна сеизмичка промена по ветувањето дека ќе стави крај на индустријата за јаглен

Откако владата на Босна и Херцеговина вети дека до 2050 година ќе премине на зелена енергија, рударите за јаглен страхуваат дека затворањето на рудниците ќе ги уништи нивните градови.

На 23 ноември, 6.800 рудари ги оставија своите алати и излегоа на улиците на босанската главен град Сараево, во знак на протест поради, како што велат, брзото опаѓање на работните услови и намалените плати. Но, некогаш огромната преговарачка моќ на босанските рудари можеби е при крај.

Рудари на протестот во Сараево, 23 ноември 2021 година.

Во рок од три децении, сите рудници за јаглен во Босна и енергетски постројки на јаглен ќе бидат затворени. Такво е ветувањето на владата од ноември 2020 година, како дел од целите поставени за евентуално приклучување на Босна во ЕУ.

Рудар излегува од рудникот за јаглен „Сретно“, во близина на босанскиот град Бреза

Западен Балкан е погоден од најголемото загадување на воздухот во Европа. Во зимските денови, чадот од станбените оџаци се таложи толку густо над некои градови што може да биде непријатно да се дише надвор. Но, рударите за јаглен велат дека агресивните цели поставени со „зелениот“ план ќе ги уништат градовите кои со генерации се потпираат врз ископувањето јаглен.

Рудари се подготвуваат за смена во рудникот Сретно во Бреза, северно од Сараево. Во рудникот се вработени 1.100 луѓе во градот кој има 14.000 жители.

36 годишниот Армел Јекаловиќ, кој ги надгледува операциите во рудникот Бреза, вели дека „ситуацијата околу енергетската транзиција загрижува“. Тој и неговите колеги во историскиот рудник „се свесни“ за притисокот од ЕУ за Босна да премине кон обновлива енергија, но вели: „Сакаме да бидеме уверени дека тоа ќе се случи на разумен начин. Не сакаме да ни кажуваат „рудникот се затвора денеска“.

Луѓето на куп отпад од јаглен исфрлен од рудник во близина на Бановиќи. Локалните жители бараат парчиња јаглен што можат да ги користат или да ги продадат.

На почетокот на 2021 година, „Електропривреда“, државна компанија за електрична енергија во Босна, објави дека ќе го намали својот персонал од 7.200 на 5.200 во следните три години. Овој потег е делумно обид за транзиција од јагленот. Објавата го влоши долготрајниот спор што на крајот доведе до штрајк и протести на 23 ноември. Седумдесет и пет проценти од електричната енергија во Босна се произведува од електрани на јаглен и посветеноста во 2050 година да се затвори оваа индустријата го поставува теренот за драматична економска и културна промена.

Рудар фотографиран откако излегол од рудникот Сретно

Босна може да се пофали со релативно големи резерви на јаглен кои би биле доволни за одржување на земјата на сегашното ниво повеќе од 250 години. Рударската индустрија директно вработува повеќе од 17.000 луѓе и поддржува многу други поврзани работни места во Босна.

Рударите работат на 740 метри под површината во внатрешноста на рудникот за јаглен Стара Јама во Зеница.

Денис Зиско, координатор на програмата за енергија и климатски промени во Босна, вели дека постепеното изумирање на индустријата за јаглен е неизбежно без оглед на зелените цели. „Тоа е реалноста. Тоа не зависи од политиката, тоа е чисто економија“, вели тој. Босанската индустрија за јаглен е поддржана со државни субвенции кои ги одржуваат потрошувачките цени ниски.

Рудари протестираат во Сараево, 23.11.2021.

Но, Един Делиќ, професор на Рударско-геолошкиот факултет во Тузла, изјави за АФП дека енергетската револуција планирана за Босна била „избрзана“ и укажува на релативно малите емисии на јаглерод од Босна во споредба со земјите како Кина. „Босна е мал играч на оваа сцена, но може да претрпи многу тешки економски последици“, вели Делиќ.