ВМРО-ДПМНЕ преку блокади бара одговори за разговорите со Бугарија

Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов на средба во Скопје во 2018 година

ВМРО-ДПМНЕ денеска почна со блокада на крстосници во десет градови се додека не добие одговор дали бугарската декларација ќе биде дел од македонскиот патоказ и што содржи тој патоказ.

Со повикот „Доста е, излези за Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ блокира три крстосници во Скопје и во девет други градови. Од партијата тврдат дека премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник на македонската влада Владо Бучковски тајно преговараат со Софија и бараат од власта да каже дали јазикот и идентитетот биле дел од разговорите.

На крстосницата кај македонското собрание професорката Наташа Котлар Трајкова од Институтот за национална историја рече дека Договорот со Бугарија и Договорот со Грција се штетни за македонскиот идентитет.

„Со преспанската спогодба именскиот, историскиот и националниот идентитет веќе се засегнати, а со овој договор тој целосно ќе биде направен по мерка на нашите европски соседни земји Грција и Бугарија. Дали тоа значи дека ова е една современа, трета балканска војна? Затоа сметам дека и овој договор, па и оној преспанскиот еднострано раскинати, а македонскиот народ да си ја врати својата историја, јазик и култура“, рече Котлар Трајкова.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски пак им се извини на скопјани за сообраќајниот метеж од нивните блокади и побара од владата да биде транспаретна за разговорите.

„Заев и Бучковски договараат, преговараат, но македонската јавност не знае што е тоа што го преговараат, односно затоа сме сите ние тука, да го кренеме гласот и да побараме од власта да ни покаже што стои на масата, дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, дали се преговара за нацијата, за културата, за јазикот и каков е тој патоказ, договор, или што и да е“, рече Мисајловски.

Партискиот претседател Христијан Мицкоски беше меѓу присутните во центарот на Скопје но денеска обрати. Тој вчера кога ги најави блокадите, рече дека од високи дипломатски извори во Брисел и во Софија дознал дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата на бугарскиот парламент ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската унија.

Всушност барањето Декларацијата на бугарското собрание од 2019 година да биде дел од патоказот што го подготвува македонската влада првпат го спомена бугарскиот претседател Румен Радев на 25 мај, четири дена откако во Скопје и Софија предлогот за надминување на проблемот го донесоа португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Премиерот Зоран Заев рече дека не ја прифаќаат декларацијата на бугарското собрание, туку дека разговараат за португалскиот предлог.


Што предвидува бугарската декларација, а што португалскиот предлог?

Бугарското собрание на десетти октомври 2019 година, две години по потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија ја донесе декларацијата која има осум точки. Во дел од точките се наведува дека тие на категоричен начин се спротивставуваат на евентуалната европска легитимација на идеологија од минатото со нагласен антибугарски карактер, дека меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам е препишувањето и присвојување на дел од бугарската историја кое се случувало по 1944 година, а дека поддршката на Бугарија нема да биде за сметка на искривување на историските случувања, документи и артефакти како и на погледите на личностите од бугарската историја.

Сето ова официјална Софија го преслика и во објаснувачкиот меморандум кој лани го достави до земјите членки на Европската унија, но тој не стана дел од официјалните документи за интеграцијата на земјава во унијата, па во декември земјава беше блокирана од Софија.

Португалскиот предлог, чии делови објави бугарската агенција БГНЕС предвидува Скопје да подготви патоказ кој што би бил дел од процесот за стабилизација и асоцијација, а не од пристапниот процес.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димитров - Едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се

Во интервју за Радио Слободна Европа зборувајќи за португалскиот предлог, вицепремиерот Никола Димитров откри што би можел да биде компромисот.

„Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали оти е во деликатна фаза процесот, треба да се даде шанса да се вложиме во дипломатските преговори, разговори и контакти, меѓутоа, на крупно, компромисот има две страни - една страна, кога на некој начин се договараме да не се договориме за сè. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од компромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство“, рече Димитров.

До каде е патоказот?

Мицкоски бара да биде објавен и патоказот кој што го подготвува македонската страна. За неговата содржина Заев рече дека со него ќе се гарантира дека побрзо и поефикасно ќе се изградат коридорите со Бугарија, граничните премини и други инфраструктурни објекти. Тој децидно кажа дека македонскиот јазик и идентитет нема да бидат дел од патоказот.

Засега за овој документ нема други детали, но за да стане тој официјален треба да го прифати и бугарската страна. Последно нивниот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека позицијата на Бугарија е јасна, доследна и предвидлива и таа не е променета.

Инаку обидите сега се прават за да се дојде до решение со кое соседната земја би го деблокирала македонскиот европски пат на Самитот на ЕУ на 23 јуни. Мицкоски го повика Заев на јавен дуел за разговорите со Бугарија, но премиерот одби со образложение дека тоа може да се случи во прва можност кога тоа нема да наштети на преговарачкиот процес.