Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага да се укине матурата за оваа година и да се донесат сет мерки за учениците поради пандемијата со коронавирусот.
„Електронското учење, односно користењето на мултимедија и интернет за образование на далечина не е новина, но оваа власт повеќе зборува и пишува препораки отколку што спроведува. МОН ги задолжи наставниците без реално да се согледаат можностите. Не смее да се дозволи цела генерација да ја повтори годината, само затоа што некој во владата не седнал и не размислил за начин и методологија како да ја заокружи учебната година“, изјави Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа наведе мерки кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ и кои, според неа веќе се применувале во современиот свет.
„Предлагаме: Одлука со која полагањето на државна матура во сите средни училишта во Република Македонија за оваа учебна година ќе биде укинато. Полагање на матура може да биде организирано само за оние ученици кои имаат потреба од тоа, но таа да се полага во септември; Школската година да заврши на 10-ти јуни; Учениците да се оценат со средна оцена изведена од успехот на учениците во претходното полугодие, условено со завршени домашни задачи во периодот на вонредната состојба“, рече Серафимовска.