По повеќе од десет часа во Собранието и неколку обиди да почне собраниската седница до која не дојде оти опозицијата немаше кворум пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ си замина вечерта во чњтевртокот во 21.30 часот. Пратеникот и потпретседател на партијата Александар Николоски рече дека ова е ден кој ќе остане запишан на црната страница на македонската историја затоа што се погазила демократијата со киднапирањето на пратеник.
„Ќе дојде денот кога ќе одговараат сите оние кои денеска киднапираа пратеник, земаа телефони, ги чуваа пратениците во одредени простории за да не може да комуницираат и направија се македонската демократија да е погазена“, рече Николоски кој нагласи дека најдобро решение се брзи предвремени избори.
Видете и ова: Засега нема парламентарно мнозинство за пад на владатаНеговата партија ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица се обидуваа да обезбедат 61 пратеник за да се изгласа недоверба на Владата. На закажаната седница не дојде пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што опозицијата немаше кворум за одржување.
Пратениците од владејачкото мнозинство беа пред салата и не влегоа внатре, па по неколку паузи од еден час на седницата со која раководеше заменик претседателот Фадиљ Зендели од Беса опозицијата замина од собранието. Собранискиот спикер Талат Џафери откако претпладнето ја отвори седницата го препушти претседавачкото место на Зендели за како пратеник од владејачката ДУИ да не прави кворум. Од тогаш и почнаа обвинувањата дека пратеникот од Беса Реџепи е киднапиран.
Каде е Кастриот Реџепи?
Тој попладнето во видео објавено на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук рече дека е здрав и е добро, наведувајќи „се гледаме наскоро“.
„Ви благодарам на сите за поддршката. Стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на нашиот народ мора да ни бидат најважни од се. Билал Касами и другите, да не се грижат за мене. Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-албанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои мои сопартијци, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите. До тогаш, да живеат слободата и демократијата. Да живеат Албанците, Македонците и сите други граѓани на С. Македонија“, рече Реџепи во видеото објавено на неговиот профил.
Касами пријави во полиција
Лидерот на Беса Биљал Касами, пак, пријави во полиција „оти пратеник на движењето БЕСА е исчезнат“, како и неговото најблиско семејство – мајка, жена и син. Прашан како го коментира тоа што Реџепи се јавува преку социјалните медиуми, рече дека тоа е дополнителен доказ дека тој може под сила да даде секакви изјави.
„Се додека не излезе пред јавноста и да каже кој е неговиот став, јас може да претпоставувам. После ова што се случи 24 часа да не биде после ова не 61, власта со вакви механизми може да обезбеди и 120 гласа. Значи, веќе ова е делегитимација затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт“, изјави Касами.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека ќе чекаат до полноќ да се појави Реџепи, без кој опзозцијата немаше 61 пратеник доволен број за да ја урне владата на Зоран Заев.
„Не знаеме физички што се случува со човекот, дали е некаде надвор од својата волја или е доброволно таму, да ги видиме тие вредности што ги споделува затоа што пратеници туку така не исчезнуваат“, рече Мицкоски.
Најавено зголемување на мнозинството на СДСМ
Видете и ова: СДСМ најавува зголемување на парламентарното мнозинствоВо Собранието во името на СДСМ се обрати координаторот Јован Митрески. Рече дека имал „обратни информации од оние што ги споделува опозицијата“, односно дека притисоците кон него се токму од нив. На прашањето дали имаат 61 пратеник рече дека дека не само што имале туку дека парламентарното мнозинство ќе расте, но без да каже дополнителни детали.
„Дозволете случувањата кои што ќе бидат во текот на утрешниот ден да ги добиете од оние кои што треба да ги соопштат, а јас секако како парламентарец и како координатор на пратеничката група во следниот период ќе излезам со сите нив заедно“, рече Митрески.
Како дојде до ова?
Иницијативата за гласање доверба на Владата претходно со 61 потпис ја поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. Иницијативата беше поднесена откако пред една недела Мицкоски објави дека имаат ново парламентарно мнозинство.
Заев кој по локалните избори на 31 октомври најави дека се повлекува од премиерската и лидерската позиција ја смени одлуката и ја одложи оставката бидејќи со партиските органи одлучиле да остане додека не се стабилизира владеачкото мнозинство.
На локалните избори во Октомври СДСМ доживеа пораз од ВМРО-ДПМНЕ што беше причина за најавата за повлекување на Заев.