Покажувајќи документ од евиденционата книга на Армијата на Република Македонија, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ и денеска од партиската говорница го обвини премиерот Димитар Ковачевски за избегнување на воениот рок и дезертерство.
„Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен“, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата тврди дека Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок во периодот на воениот конфликт во 2001 година.
Со реакција се јави и премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија и додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и оти културно ќе одговори на лагите и навредите.
„Никогаш ниту сум избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат“, наведува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
Видете и ова: Неуспешниот партиски пазар на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ на штета на граѓанитеНо и покрај ваквите информации од двете страни, се уште не е јасно дали таа хируршка интервенција за која зборува премиерот Ковачевски му донела „трајна неспособност“ за служење воен рок, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, или на крајот сепак, се работи само и исклучиво за политички игри смислени во партиските кујни.
„Ако некој дезертирал од Армијата или не се јавил на обврската има закони во државата коишто треба да се применуваат. Денеска после повеќе од 20 години депласирано е да зборуваме за улогата на поединци во конфликтот од 2001 година. Меѓутоа, најпогрешно од се е за тоа да зборуваме на партиски конференции. Има органи, имало Министерство за одбрана коешто можело да поведе постапка итн. Инаку, може да има само морална одговорност под претпоставка дека нешто се случувало, иако сум уверен дека се работи за дело на партиските кујни, вели аналитичарот Никола Дујоски.
СДСМ пак „удира“ на наводната улога на Мицкоски за тендер вреден 136 милиони евра
Од партијата на Ковачевски пак, велат дека станува збор за измислици со кои опозицијата се обидува да направи дефокус од „расколот помеѓу ВМРО ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Очигледно се обидуваат да го свртат вниманието со цел да не одговорат на она што граѓаните го очекуваат како одговори, односно која е улогата на шпицниот градоначалник во тендерот вреден 136 милиони евра и денеска преку измислици преку воениот дезертер Ковачки се обидуваат повторно да ја скријат вистината и да не даваат одговори на она што граѓаните го очекуваат“, изјави вчера портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Во меѓувреме низ главниот град се поставени билборди со ликот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на кои пишува:
„Пари, тендери, кој е шпицен градоначалник?!“
Фотографиите од билбордот се објавени на социјалните мрежи, но нема ознака кој стои зад оваа политичка пропаганда.
Од опозицијата велат дека токму СДСМ и платиле на Арсовска билборди против ВМРО-ДПМНЕ и токму затоа СДСМ не бара нејзина оставка.
„Шпицен градоначалник“ е термин кој деновиве го употреби првата жена на Скопје Данела Арсовска откако ескалираше конфликтот меѓу Арсовска и градските функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. По серијата разрешувања на директори на градски претпријатија од страна на Арсовска, оставки дадоа и други членови на партијата кои се раководители на градски претпријатија.
Партијата која застана зад кандидатурата на Арсовска на изборите во 2021 година, во најновото соопштение ја обвинува дека работи за СДСМ, бидејќи од нив како што велат, е уценувана со две кривични пријави, едната за скандалот со пречистителната станица за Град Скопје и втората за палењето на автомобилот на претседателката на стопанските комори, каде што Арсовска е посочена како главен виновник во ова дело.
„Дека Арсовска работи за СДС говори и фактот што четири дена од партијата жестоко ја бранат и одговараат во нејзино име исто како да го бранат Ковачевски“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовска пак уверува дека директорите на претпријатијата кои ги разреши добиле понуда да си дадат оставки или да бидат разрешени поради несоодветно работење, но прстот го впери и во партијата и во лидерот Христијан Мицкоски за кои како што рече станала непожелен градоначалник откако ги „фатила нивните директори со рачињата во медот“.
Партиски препукувања или суштинска расправа
„Наместо да е занимаваме со суштински прашања како што се евроинтеграциите и можноста да напредуваме сериозно, се занимаваме со тоа што кажал портпаролот на СДСМ по однос на обвинувањата за криминал од 136 милиони евра кај првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Кога би биле зрело општество за ова нема да слушаме на прес конференции туку од главниот државен обвинител кој ќе кажа тогаш и таму некој злоупотребил толку и толку пари“, вели професорот на Факултетот за безбедност Никола Дујоски.
Професорот Дујоски уверува дека ваквите партиски препукувања нема негативно да се одразат на рејтинзите на првите луѓе на двете најголеми партии, Ковачевски и Мицкоски, оти како што вели досегашното искуство покажало дека партиското гласачко тело е стабилно и лојално без разлика на низата афери и скандали за кои јавноста дознала.