Власта ја игнорира Бернската конвенција за урбанизацијата на Охрид и Галичица

Урбанизацијата е еден од главните проблеми кои го загрозуваат статусот на Охрид како светско природно и културно наследство.

Бернската конвенција бара македонските власти да ги запрат сите проекти во Охридскиот регион додека не биде направена теренска проценка за влијанитето на урбанизацијата врз природните вредности, во која ќе учествуваат и експерти на УНЕСКО. Власта доцни и со обврзните извештаи, а новиот краен рок е 31 јули

Македонската влада не ги доставува навреме извештаите до Бернската конвенција за ново-отворениот случај против земјава во врска со заканите и штетите врз природните вредности на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, и покрај тоа што на нив е обврзана.

Бирото на Постојниот комитет на Бернската конвенција повторно изрази „силно жалење“ поради тоа што македонските власти не доставиле навреме ажурирани информации во врска со случајот, во кој посебно се истакнати проблемите со дивогрдбите и понатамошната урбанизација на Охридскиот регион.

„Помина година и пол откако е добиен било каков извештај од нив“, вели Бернската конвенција во извештај испратен овој месец до Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија.

Бернската конвенција изразува длабока загриженост за бројните проблеми во Охридскиот регион истакнати во жалбата на граѓанската организација „Фронт 21/42“, којашто е поднесена уште во 2016 година.

Видете и ова: Власта прифаќа, но неизвесно кога ќе ги спроведе меѓународните препораки за Охрид, Маврово и Галичица

Во извештајот на Бернската конвенција, исто така, е наведено дека Владата освен тоа што не ги доставува обврзните извештаи за Охрид, не доставила во даден рок ниту повратен одговор за планираната проценка на терен која е предвидено да ја спроведе Конвенцијата заедно со експерти на УНЕСКО.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за Радио Слободна Европа велат дека веќе изготвиле Информација за прогресот во однос на препораките на Бернската конвенција, како и друг Извештај за напредокот во врска со имплементацијата на препораките на Бернската конвенција за Охридскиот регион дадени од 2021 година.

Се очекува Владата да ја разгледа и усвои Информацијата за прогресот во однос на препораките на Бернската конвенција и да го разгледа и усвои Извештајот за напредокот во врска со имплементација на препораките, наведуваат од институцијата.

„Потоа МЖСПП до Секретаријатот на Бернска Конвенција ќе го достави Извештајот за напредокот во врска со имплементација на препораките бр.211 (2021)“, се вели во одговорот на Министерството.

Исто така од МЖСПП велат дека ќе формираат и работна група од релевантни државни органи за следење и имплемтирање на препораките од Бернска конвенција и дека на секои шест месеци ќе ја информираат Владата за прогресот на активности за имплементација на Бернска конвенција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Охрид тоне и урбано и еколошки

Бернската конвенција бара македонските власти да ги прекинат сите активности во Охридскиот регион сѐ додека не дојде на терен планираната мисија, на која ќе се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамскарската конвенција.

Бирото посебно ги истакнува дивоградбите, нацрт-измените на Законот за урбанистичко планирање, нацрт- законот за Студенчишко Блато, плановите за понатамошна урбанизација во регионот, Коридор 8, како и некои од последните стратегии, како Стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид.

Бирото ја опоменува власта дека речиси сите активности кои ги спроведува се спротивни на препораките на УНЕСКО.

„Бирото повторно побара Владата на Северна Македонија да заземе холистички и долгорочен пристап во планирањето на проекти во областа на Светското наследство и подрачјата кои се кандидати за Емералд мрежата, бидејќи краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“, се вели во одлуката на Бернската конвенција.

Видете и ова: Кој е надлежен за над 2.300 дивоградби во Националниот парк Галичица?

На прашањето на РСЕ дали македонските власти ќе ги прекинат сите активности во Охридскиот регион како што бара Бернската конвенција додека не дојде на терен планираната мисија на која треба да дојдат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, од Министерството за животна средина велат дека прашањата се поврзани со просторното планирање, урбанизација, туризмот, што се во надлежност на општините Охрид, Струга и Дебрца.

Бернската конвенција бара Северна Македонија итно да го достави својот повратен одговор и да не ја одлага и понатаму посетата на терен и го задолжи Секретаријатот на конвенцијата да го контактира Постојниот претставник на С. Македонија во Стразбург, доколку државата продолжи да не доставува одговор“, велат од граѓанската организација од Фронт 21/42“.

Охридско Езеро: Лево - девет „жешки точки“ на биолошка разновидност на брегот. Десно-планови за понатамошна урбанизација и трансформација.

Постојниот комитетот на Бернската конвенција на 3 декември оваа година ги усвои препораките за заштита на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, по жалбата поднесена од граѓанската организација „Фронт 21/42“ во 2016 година, која оттогаш редовно испраќа извештаи со нови информации за развојот на ситуацијата. Случај тогаш беше отворен и за Националниот парк Маврово, исто така поради заканите врз природата од урбанизацијата.

Секретаријатот на Бернската конвенција очекува повратни информации од националните власти и ажуриран извештај за ситуацијата најдоцна до 31 јули 2022 година. Истиот рок важи и за подносителот на жалбата Фронт„ 21/42“, која исто така треба да поднесе ажуриран извештај.

Бернската конвенција е обврзувачки меѓународен правен инструмент за заштита на природата и природното наследство на европскиот континент. Македонија е меѓу 51 земја потписничка која ја ратификуваше Конвенцијата во 2002 година.

Конвенцијата ги обврзува земјите да обезбедат заштита на дивата флора и фауна и нивните природни живеалишта во заштитените зони. Тие, меѓу другото, се обврзани да го земат предвид влијанието врз природата при планирањето и развојот.