Македонските власти ќе се обидат да ја искористат посетата на кинескиот министер за одбрана, генерал Веи Фенгхе на Македонија за забрзување на набавката на кинески вакцини против коронавирусот во земјата, додека високиот претставник на Пекинг се обидува да ја засили економската соработка и да ја промовира иницијативата „Појас и пат“, велат поранешни македонски дипломати.
Кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхе денеска престојува во официјална посета на Македонија. Тој го посети министерството за одбрана и се сретна со министерката Радмила Шекеринска. Фенгхе се сретна и со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека тој истакнал оти Македонија „ќе соработува со Народна Република Кина во рамки на „Процесот за соработка 17+1“ и ги истакнал очекувањата „за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против Ковид-19“.
Премиерот Заев исто така апелирал за забрзување на испораките на вакцините од Синофарм.
„Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради КОВИД-19“, пишува во владиното соопштение.
Во соопштението се наведува дека посетата е уште една потврда за добрите односи и оти премиерот Заев нагласил дека двете земји ги исполнуваат своите обврски од Договорот за соработка во сферата на одбраната, особено во делот военото образование и обуки. Заев изразил надеж дека наскоро ќе завршат разговорите за укинување на визите меѓу Македонија и Кина.
Премиерот Зоран Заев минатата недела ја најави посетата на кинескиот министер.
„На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина. Тоа е висок функционер на земја од 1,5 милијарди жители. Веруваме дека ќе донесе точно попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини“, рече Заев на 24 март при посета на фабриката Брако во Велес.
Видете и ова: Бајден: Кина нема да стане водечка земја во светотПретседателот на Советот на амбасадори Љупчо Арсовски, вели дека се работи за посета на висок претставник на велесила што е огромна можност за зголемување на стопанската соработка. Тој посочува дека не треба да се бара скриена намера во посетата. Кина не е непријателска земја и не треба да се прави драма од посетата, вели тој.
„Веројатно нашата страна ќе изрази една молба за одреден број кинески вакцини да пристигнат во Македонија. А тој ќе се врати назад и неговото мислење ќе има удел во кинеската одлука, која не е само политичка, туку и прагматична“, вели тој.
Поранешниот амбасадор Мухамед Халили посочува дека кинеската стратегија за политичко влијание во светот е преку економска соработка и како пример ја посочува Иницијативата 17+1 за соработка на Кина со земјите од Југоисточна Европа.
„Кина сега ја искористува пандемијата и слабостите во обезбедувањето вакцини против коронавирусот и решила преку вакцинска дипломатија да биде поприсутна во Југоисточна Европа и Западен Балкан“, вели Халили.
Тој сепак посочува дека македонските власти требало да бидат повнимателни за таа соработка да не почне со посета на министер за одбрана, што може да предизвика сомнеж од НАТО.
Сепак, од четирите земји во регионот кои ги посетува кинескиот министер, три се членки на НАТО. Во соопштенијата од Унгарија, Србија и Грција се велеше дека се зборувало за унапредување на соработката во многу области, нагласувајќи го учеството на земјите во иницијативата „Појас и пат“. Во Србија и во Унгарија се разговарало и за подобрување на воената соработка.
Македонија се надева на кинески вакцини
Македонија е една од ретките земји во Европа, каде што масовната вакцинација на населението против ковид-19 не е почната. Со неколкуте илјади дози од вакцините на Фајзер и на Спутник се вакцинираа само здравствените работници. Вчера пристигнаа првите 24 илјади дози од производителот АстраЗенека со кои ќе се вакцинираат постари и хронично болни, но тоа сепак не е доволно за масовна вакцинација.
Владата најавуваше дека вакцини во земјава ќе стигнат во јануари, па во февруари, па во март, но откако стана јасно дека ковакс-механизмот не ги даде посакуваните резултати, а вакцини од ЕУ не може да очекуваме пред да се вакцинираат европските граѓани, се сврте на исток да бара вакцини од Русија и од Кина.
Британскиот весник Економист уште во декември минатата година објави дека Западниот Балкан може да извиси за вакцини годинава, со оглед на тоа што богатите западни земји годинава ќе го вакцинираат своето население.
Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус рече дека вакцинскиот национализам им штети на сите и е самоуништувачки.
Македонските власти се обидоа да набават 200 илјади кинески вакцини преку фирма посредник, но тој обид пропадна. Кинеското МНР порачало дека вакцините треба да ги бараме преку официјални канали.
Српскиот претседател Александар Вучиќ кон крајот на јануари ја спореди светската кавга за вакцините со Титаник.
„Земјите на ЕУ подготвија скапи чамци за спасување за нив, а оние од нас кои не се богати, кои се мали, како земјите од Западен Балкан - се давиме заедно како со „Титаник“, рече Вучиќ.
Жестоки критики за вакцините до ЕУ стигнаа и од албанскиот премиер Еди Рама. Тој ја критикуваше ЕУ затоа што ги оставила земјите од Западен Балкан да чекаат залихи на вакцини сè додека земјите-членки не обезбедат доволни дози за нивната популација.
Србија е лидер во регионот според бројот на вакцинирани, токму благодарејќи на кинеските вакцини. Албанија исто така доби скоро 200 илјади кинески вакцини. И двете земји најавија отворање фабрики за производство на кинеските вакцини против коронавирус.
Во меѓувреме, земјите од Западниот Балкан кои останаа без вакцини масовно се вакцинираат во Србија, која за еден викенд вакцинираше над 22 илјади странски државјани.
Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик вчера ја обвини ЕУ за измама зашто во земјата не ги испорачува вакцините кои наводно веќе биле платени за 6,5 милиони евра. Кина соопшти дека обезбедила 50 илјади вакцини за БиХ.
Димитар Бечев, соработник на Институтот за хуманитарни науки во Виена, неодамна оцени дека вакцинската дипломатија за Кина е златна можност да ги посрамоти ЕУ и Западот.
„Ова е шанса за Пекинг да ја поправи својата глобална репутација и да ја продолжи својата кампања за замена на Западот како столб на меѓународната соработка“, изјави тој.
Кинескиот министер за одбрана е во регионална турнеја, во која прво ја посети Унгарија, па Србија и Грција, за да ја заврши во Македонија.
Македонија е дел од иницијативата 17+1 за соработка меѓу Кина и 17 држави од Централна и Источна Европа. Дел од иницијативата се 12 држави од ЕУ – Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Литванија, Летонија и Естонија, како и државите од Западен Балкан – Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Иницијативата, која започна во 2012 година, одржува годишни Самити кои имаат за цел промовирање на кинеската иницијатива „Појас и пат“ за изградба на инфраструктура од Кина преку Централна Азија до Европа по копнен пат, како и преку Југоисточна Азија и Африка до Европа по морски пат.
Видете и ова: Чешкиот милијардер Келнер загина на АлјаскаНа Балканот, иницијативата „Појас и пат“, треба да го поврзе грчкото пристаниште Пиреја, преку Македонија и Србија, со главниот град на Унгарија, Будимпешта. Фенгхе деновиве ги посетува токму овие четири земји.
Литванската државна радиотелевизија на почетокот на месецов објави дека Литванија ја напушта иницијативата зашто не дала речиси никакви резултати и оти планира отворање трговско претставништво во Тајван.
Добри дипломатски односи, заладување по „тајванската авантура“
Кина е првата постојана членка на Советот за безбедност на ОН со која Македонија воспоставува целосни дипломатски односи, на крајот на 1993 година. Односите меѓу двете земји се нарушија кога Македонија го призна Тајван во 1999 година, а беа обновени две години подоцна. Според дел од поранешните министри за надворешни работи на Македонија, тоа била најголемата дипломатска авантура на земјава по прогласувањето на независноста во 1991 година. По признавањето на Тајван во 1999 година, Советот за безбедност на ОН ја повлече мисијата на УНПРЕДЕП од Македонија, што, според поранешната шефица на дипломатијата Илинка Митрева, го овозможи почетокот на конфликтот во 2001 година.
Кина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија
Кога се работи за инвестиции, Кина учествуваше во изградбата на браната Козјак, а кинески фирми со кинески кредити го изградија Автопатот Скопје – Штип, а работат на автопатот Кичево – Охрид.
Кина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на трговска размена меѓу двете земји минатата година бил 664 милиони евра, од кои 522 милиони отпаѓаат на увоз на кинески производи, а од земјава во Кина биле извезени стоки во вредност од 142 милиони евра. Во годината на пандемијата на коронавирус, извозот во Кина се намалил за 5 отсто, додека увозот се зголемил за 7 отсто во однос на претходната година.